Партиските функционери на СДСМ не чувствуваат одговорност за наодите на Антикорупциска комисија која откри дека во дел од вработувањата на блиски луѓе на функционерите на власта, било извршено влијание. ИРЛ ги праша генералниот секретар на партијата, Александар Кирацовски и портпаролот Костадин Костадинов дали чувствуваат одговорност. Двајцата велат дека не чувствуваат никаква одговорснот.
Аферата „непотизам“ за партиските вработувања на роднини на пратеници и функционери на власта денеска доби разрешница на седницата на антикорупциската комисија. Членовите на комисијата утврдија дека во 6 од 18 случаи, критериумите во огласите биле местени за да одговараат токму за кандидатот кој што требало да биде вработен.
Од шесте случаи во кои било откриено дека постоело влијание при вработувањата на кандидатите, три се за роднините на Генералниот секретар на СДСМ – Александар Кирацовски. Антикорупциската комисија откри дека влијание било извршено при вработувањата на сестрата, бабата и дедото на Кирацовски.
Но Кирацовски за ова не чувствува одговорност. На прашање на ИРЛ, дали планира да понесе одговорност за наодите утврдени од Комисијата, тој одговори дека информацијата е погрешна.
„Немало никакво влијание, не знам кој дал таква информација, но погрешна е“, кусо ни одговори Кирацовски преку смс порака.
Сестрата на Кирацовски, Мирјана Јосифовска кратко пред да биде вработена во Централниот регистар, институцијата го зголемила бројот на советници за дистрибуција на информатички податоци од два на три, притоа наведувајќи во огласот дека услов за вработување е лицата да се со завршен Факултет по географија. Останатите пријавени кандидати биле дисквалификувани поради несоодветно образование.
Бабата на Кирацовски била вработена како технички секретар во училиштето „Мирка Гинова“ на работно место кое било креирано пред објавување на огласот, додека пак дедото на Кирацовски наместо преку оглас, бил вработен во РЕК Битола преку Агенција за привремени вработувања.
За овие случаи, Антикорупциската комисија ќе бара одговорност од директорката на Централен регистар, како и од директорот на РЕК Битола.
За вработувањето на мајката на портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов во Централниот регистар во Струмица, комисијата оцени дека не биле земени предвид сите околности за избор на најдобриот кандидат, па поради тоа ќе се бара одговорност од директорот на Централниот регистар.
Костадинов за ИРЛ вели дека не чувстува одговорност и дека неговата мајка конкурирала на оглас и била вработена.
„Никаков притисок немам направено за вработувањето на мајка ми. Таа си конкурирала на оглас и била вработена. Она од етички и морални причини се повлече од работното место“, изјави Костадинов.
Во случајот со вработувањата на сопругот, синот и братот на пратеничката Мира Стојчевска, се утврди постоење на влијание и менување на критериумите во огласот, само во случајот со вработувањето на нејзиниот син во ЕЛЕМ. Во Правилникот за вработување на ЕЛЕМ се бара сите кои аплицираат да имаат минимум двегодишно работно искуство, но во огласот на кој се пријавил синот на Мира, ваков услов не постоел. Покрај тоа, во систематизацијата на ЕЛЕМ, тоа работно место не ни постоело, а директорот го искористил своето дискреционо право за да го вработи.
Помеѓу сомнителните вработувања е и вработувањето на сестрата на министерот за економија, Крешник Бектеши, против кого Антикорупциска одлучи да поднесе прекршочна пријава поради тоа што не ја известил ДКСК дека сестра му се вработила во МЕПСО.
Индиции за непотизам постојат и во однос на вработувањето на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми во ЕЛЕМ, бидејќи работното место на кое таа била примена е креирано само две недели пред да биде објавен огласот.
Пријава за злоупотреба на службена должност ќе добие и градоначалникот на Прилеп, поради вработување на неговата внука во општината, каде критериумите во огласот биле променети пред негово објавување, со што наместо кандидатот да има завршено Правен или Економски, се барало тој да има завршено книжевност.