Press "Enter" to skip to content

Три години затвор за возачот кој усмрти 13 годишно дете на „Илинденска“ во 2015 година

По речиси четири години од сообраќајната несреќа, денеска во Кривичниот суд во Скопје е изречена пресуда за возачот кој го усмрти 13 годишниот Давид Анѓеловски. Судијката Софија Лаличиќ ја прогласи за виновна Маја Лукаревска и ја осуди на затворска казна од 3 години затвор.

Сообраќајната несреќа се случи на булеварот „Илинденска“ кај фонтата во Градскиот парк на 18 септември 2015 година. Тоа попладне семафорите на булеварот не работеле, а Давид со својот велосипед поминувал на пешачкиот премин. Лукаревска била во возило „Пунто“, сопственост на Агенцијата за храна и ветеринарство. Ударот за Давид бил кобен и тој починал неколку минути подоцна во болница.

ИРЛ минатата година во март објави дека таткото на Давид, Саше Анѓеловски, бараше правда за синот и судска разрешница за случајот. Судскиот процес не почнуваше две години, а се сменија седум судии, четири обвинители и беа направени шест вештачења.

Таткото на Давид за ИРЛ изјави дека конечно правдате е задоволена.

„Го загубив синот, а за овие четири години загубив и верба во правдата. После толку години откако го загубив Давид, конечно има судска пресуда. “, ни изјави Анѓеловски.

При објавата на пресудата судијката рече дека „оваа пресуда треба да одекне во јавноста како предупредување за зголемено внимание и почитување на Законите, како и правилата и прописите за безбедност во сообраќајот кај сите учесници“.

Во текот на судењето обвинетата се изјаснуваше дека не е виновна.

Во продолжение видеото кое ИРЛ го направи лани во март, во кое таткото на Давид зборува за судската голгота без разрешница.

 

 

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »