Press "Enter" to skip to content

Шеќеринска за непотизмот: Македонија е мала, сите имаме многу братучеди

Македонија е мала држава и луѓето имаат многу роднини и пријатели, вака сумирано звучеше „одбраната“ на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска за се погласните обвинувања во јавноста дека владејачката СДСМ и нејзините партнери ги злоупотребуваат својата моќ и влијание  за да ги вработуваат своите блиски во атрактивни државни институции. Во интервју со новинарот Боби Христов кое беше посветено на евроатланските интеграции, Шеќеринска кусо одговораше и за актуелните скандали со индиции за непотизам  кои ги открија  медиумите.

Боби Христов: Што значи она „ќе не биде“ кое што го гледаме на социјалните профили на многу партиски функционери. Порака до сите граѓани или порака до Бектеши дека може да си ја вработи сестрата во Мепсо, до Емилија Александрова да го вработи својот син во Фондот за иновации и дузина функционери и притоа да се прати порака дека животот не дошол за сите, но е многу погоден за оние кои се на функција?

Радмила Шеќеринска: Не сакам убавата вест да ја третираме како дел од овие дебати. Јас сум спремна и тие да дискутирам, не за 30 секунди, ќе се согласите. Меѓутоа кога ќе ми најдете држава со два милиони во кои што семејствата на сите некако ќе исчезнат и нема да се дискутира, јас ќе ви кажам браво!, одговори Шеќеринска.

Медиумите денес објавија дека пратеничката Емилија Александрова ја вработила својата ќерка во Фондот за иновации и технолошки развој, додека на министерот за економија Крешник Бекташи му се замери за вработувањето на неговата сестра во МЕПСО. Медумите отворија дилеми за евентуално постоење на влијанија од позиција на моќ на функционерите за вработување на нивни блиски во државни компании и институции откако во последните неколку месеци има серија такви откритија за повеќе лица од извршната и законодавната власт.

Министерката за одбрана во интервјуто индиректно се пожали на несензибилизирана јавност за околностите во земјата кои влијаат да се креира перцепција дека постои непотизам, кога, всушност, станува збор за несреќната околност да  се биде мала земја во која сите се познаваат или се роднини. Се даде себеси како личен пример откако вчера на седницата на Комисијата во парламентот за избор на членови на Антикорупциската комисија се дозна дека една кандидатка е во роднинска врска со Шеќеринска. На прашање на новинарката Тамара Чаусидис дали е во роднинска врска со Шеќеринска, кандидатката одговори дека „можеби станува збор за далечни роднини“.

„Вчера на пример дознав од прашање на една ваша колешка дека сум имала некоја си роднина, која патем речено не сум ја знаела, која конкурирала за Антикорупциска. Еве ќе ви кажам мој пример, мојата почината баба има 40 први братучеди, мојот починат дедо има 38 први братучеди. Своите втори и сите трети не ги познавам“,  рече Шеќеринска за Телма.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »