Press "Enter" to skip to content

Проект Радика: Багерите на луѓе на ДУИ профитираат од зделката за спорните вили, Куртовски нема намера да руши

Ребрендирањето на ДУИ во зелена партија не значеше дека нивните членови ќе се откажат од профитот кога на агендата дојде на ред урбаното дивеење во општина Маврово. ИРЛ открива дека клучните институции ги дале дозволите за Радика во незаконски процедури, додека зделката за изградба на планираните 87 вили ја добила фирма на поранешен директор на ДУИ и истакнат партиски член од Гостивар. 

Известува: Ивана Настеска (Скопје); Линдита Чела (Тирана); Илустрации: Лука Блажев; Уреди: Сашка Цветковска

Во „Радика ресорт“ два месеца ниту се гради, ниту се урива. Градежните работи беа стопирани пред локалните избори со решение за уривање на девет објекти. Општината Маврово и Ростуше не ја спроведува сопствената одлука под изговор дека постојат административни препреки. Во меѓувреме сопственикот на ресортот, Косовецот Шериф Рамука, почна да ги нуди куќите на туристи каде едно ноќевање чини 250 евра. Во продолжението на сторијата за изградбата на приватното село „Радика“, ИРЛ истражуваше кои институции биле вклучени, а кои заобиколени во процесот на изработка и реализација на масовниот план за изградба на 87 куќи во заштитено подрачје во Маврово. Истрагата покажа дека локалната власт и во мандатот на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ и сегашниот од СДСМ ги суспендирала сите закони со кои треба да се заштити Националниот парк „Маврово“.

Главните откритија во ова продолжение се:

  • Не се почитувал Законот за заштита на природа кој претставува приоритетен закон кога се носат плански документации, a се однесуваат на заштитено подрачје како национален парк.
  • Општина Маврово-Ростуше не побарала согласност за изготвување на плански документации ниту од Министерството за животна средина, ниту од ЈП Национален парк „Маврово“.
  • Многубројните промени на Законот за урбанистичко планирање ја создале можноста со Архитектонско-урбанистички проект (АУП) да се добива дозвола за градба.
  • Општина Маврово-Ростуше досега ниту еднаш не постапила по донесено решение за отстранување на дивгорадба;
  • Од изградбата на приватното село „Радика“ ќарила и фирма блиска до ДУИ.
  • Првиот сопственик на „Радика ресорт“ кој ги истуркал административните процедури за изградбата на приватното село, Александар Пило, бил и македонски почесен конзул во Албанија.
  • Градоначалникот Медат Куртовски признава дека нема намера да ги почитува процедурите и да ги спроведува решенијата за рушење на институциите.

Сопственикот под истрага, вилите на оглас 

На интерент страницата „Букинг“ неодамна се појави оглас преку кој сопственикот на ресортот „Радика“ изнајмува десет луксузни вили. Едно ноќевање чини 250 евра, а куќите имаат капацитет за шест лица.

Вилите кои се изнајмуваат се дел од комплексот „Радика вилиџ“ кој треба да брои вкупно 87 објекти. Сите се изградени во ист стил, двоспратни и над 120 метри квадратни. Досега се изградени 17, а во процес на изградба се уште девет.

Луксузните куќи масовно се рекламираат и споделуваат и на социјалните мрежи од инфлуенсери во земјава и Косово. Планот на сопственикот, Косовецот Шериф Рамука, е дел од нив да ги издава, а дел да ги продава по цена од 220.000 до 300.000 евра.

Слика од огласот за „Радика вилиџ“ на веб-страната „Букинг“ кој по неколку дена беше избришан

Со првите гости тој веќе почна да ги враќа парите од инвестицијата, а македонските институции допрва ќе проверуваат како добил дозвола за градење во заштитеното подрачје на Националниот парк Маврово. Пред локалните избори Општината Маврово и Ростуше донесе одлука за уривање на девет објекти, МВР му поднесе кривична пријава за бесправно градење, а предмет отвори и гостиварското обвинителство.

Двете клучни институции задолжени да ги штитат природните богатства од атакот на урбаните атентатори, Министерството за животна средина и Јавното претпријатие Национален парк „Маврово“ дури сега почнуваат постапка за ревизија на планот за изградба на масовниот проект „Радика вилиџ“, кој е донесен уште пред три години.

ДУИ е секогаш во игра

Инвеститорот ја одбрал фирмата „Дрита Мемедали“ од Гостивар да ги гради луксузните вили. Оваа компанија долги години е во директна сопственост на истакнат член на ДУИ од Гостивар  Мемедали Џафери.

Фирмата ја формира во 1990 година за трговија со овошје и зеленчук, а од 2011 се трансформира во градежна фирма и почнува да добива тендери од две општини – Гостивар и Маврово и Ростуше.

Со победата на ДУИ во Гостивар во 2013 година Мемедали Џафери добива политичка функција. Градоначалникот Невзат Бејта го именува за директор на јавното претпријатие „Комуналец“.  Истата година неговата фирма „Дрита Мемедали“ го добива тендерот за новогодишно украсување на Гостивар,  а склучува и договор за оддржување на јавното осветлување во Маврово – Ростуше.

Прес-конференција на поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта и поранешниот директор на јавното претпријатие „Комуналец“, Мемедали Џафери.

Во 2014 Џафери се повлекува од сопствеништвото на фирмата, откако тогашниот лидер на опозициската НДП, Руфи Османи, ќе ја алармира јавноста дека „Дрита Мемедали“ добива тендери од комуналното претпријатие каде тој е директор.

На местото на Мемедали Џафери како сопственик доаѓа Мерсељ Џафери, негов близок роднина. Семејната фирма продолжува да добива тендери и во наредните години, а особено била блиска соработката со општината Маврово и Ростуше. И во мандатот на градоначалникот од ВМРО-ДПМНЕ и неговиот наследник од СДСМ.

Сопственикот на „Радика ресорт“ ја одбира токму фирмата „Дрита Мемедали“ да ги гради неговите куќи. Ова во разговор со новинарите на ИРЛ го потврди директорот на „Радика Ресорт“, Предраг Милошевски. Досега се комплетно изградени 17 кои се со одобрение за градба, а почната е градбата и на уште девет за кои се платени комуналии, но наместо дозвола за градење, донесено е решение за уривање.

Сегашниот официјален сопственик, Мерсељ Џафери, за ИРЛ потврди дека „Дрита Мемедали“ е изведувачот на вилите од проектот село „Радика“, но негира дека ги граделе и спорните девет објекти. Се закани дека доколку го објавиме името на неговата фирма, ќе поднесе тужба против новинарите на ИРЛ.

Поранешниот градоначалник на Гостивар Невзат Бејта рече дека веќе не е во контакт со Мемедали Џафери и не му е познато дека фирмата „Дрита Мемедали“ ги гради луксузните куќи во Маврово.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи, на прашањата на ИРЛ одговори по СМС порака. Рече дека не го познава Мемедали Џафери и изостави да ни даде став за улогата на ДУИ во бетонизацијата на Маврово. Оваа партија веќе 13 години го води Министерството за животна средина и просторно планирање, а од пред пет месеци целосно го промени концептот и идеологијата додавајќи си ја придавката „зелена партија“ со главен фокус на екологијата.

Почна во време на ВМРО-ДПМНЕ, се надгради во владеењето на СДСМ

Ексклузивниот ресорт „Радика вилиџ“ е идеја на албанскиот бизнисмен Александер Пило, откако во 2006 година заедно со тројца албански државјани, ја основа компанијата „Радика ресорт“ и  станува сопственик на 170,000 квадрати државно земјиште. Пило е еден од најбогатите 10 Албанци во државата. Поседува медиуми, шопинг и забавни центри на најатрактивните локации во земјата, фирми за финансиски и банкарски услуги, а преку фирмата „Емигрос“ врши и други активности, како инвестиции на крајбрејжјето во Албанија.

Како инвеститор во земјава, во знак на благодарност Македонија му доделува уште една „титула“ во 2013 година. Тогашната Влада на Никола Груевски, го именува Пило за почесен конзул на Македонија во Албанија во новоотворениот конзулат во Драч.

Во 2017 фирмата „Радика ресорт“ до општината поднесува барање за изградба на десет викенд куќи. Дозволите се уште не се издадени, а Пило излегува од сопственичката структура и компанијата ја купува младиот 38-годишен Косовец Шериф Рамука. За да ја реализира идејата „Радика вилиџ“ Рамука подигнува кредит од 9 милиони евра токму од банката „Крединс банк“ од Тирана, во која Александер Пило е еден од сопствениците. Оваа информација е регистрирана и во официјалните документи во Централниот регистар, како хипотекарен долг на Рамука кој во банката го заложил целиот имот на „Радика ресорт“.

Бизнис – политичката врска на милионерот Александер Пило му ја прекинува Владата на Зоран Заев кога на седница одлучува почесниот конзулат во Драч да го затвори, а со тоа и го отповика од почесен конзул. Проектот „Радик вилиџ“ го продолжува и надградува Шериф Рамука.

Скица од Архитектноскиот урбанистички проект во делот на „Радика ресорт“ и „Радика вилиџ“ во општина Маврово и Ростуше.

Ничија земја

Во 1949 година тогашното Народно Собрание на НР Македонија донесува закон со кој шумските предели околу Мавровското поле поради особените природни убавини, историското и научното значење ги прогласува за Национален парк.

Урбанистичките планови за Маврово се менувале неколку пати од 1979 година наваму. Во промените се вклучувала и стручната јавност на државно ниво бидејќи 93 проценти од територијата на општина Маврово и Ростуше е во Националниот парк „Маврово“. Внимателно се планирало што, како и каде ќе се гради со цел да не се загрози уникатниот еко систем.

Сопственикот на „Радика ресорт“, Косовецот Шериф Рамука, кога го купил хотелот „Радика“ станал сопственик и на земјиште од 189.000 метри квадратни во Националниот парк.

Поранешниот градоначалник на Маврово од ВМРО-ДПМНЕ, Мукрем Мехмеди, тврди дека тој првите одобренијата за градба на десет луксузни вили во 2017 година ги издал врз основа на тогашен важечки урбанистички план за селото Леуново, во кој биле предвидени дваесетина објекти.  Како подоцна се зголемил бројот на 87 вели дека не знае, бидејќи неговиот мандат заврши два дена откако ги потпиша овие одобренија.

„Колку што се сеќавам планот на инвеститорот беше да гради околу дваесетина викендички, а не 87. Но, што се случувало подоцна не знам. Се сеќавам дека барањето кое го поднесе во време на мојот мандат беше уредно со документација“, изјави Мехмеди.

За да се постави ограда, да се изгради чешма, да се сече шума, општината Маврово и Ростуше треба да побара стручно мислење од Секторот за природа, кој е посебен оддел во Управата за животна средина.

Маврово во изминативе години незапирливо се гради. Се изградија и во фаза на градба се десетици станбени згради, куќи, хотели, но локалната власт од 2015 година ниту еднаш не се обратила за стручно мислење до Управата за животна средина.

„Од страна на општина Маврово и Ростуше до Секторот за природа при Управата за животна средина од 2015 година до сега е доставено барање за добивање на стручно мислење само за Урбанистички план за село Битуше“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

За мавровскиот крај во 2006 година формирана е посебна институција Национален парк „Маврово“. Во нејзината мисија запишано е дека ќе врши непосредна заштита на територијата на Националниот парк, за што треба да поседува и чуварска служба која редовно ќе врши контрола на терен.

Сегашниот директор на ЈП Национален парк „Маврово“, Самир Ајдини, кој на функцијата е од август 2017 година или два месеци пред да биде одобрена изградбата на првите десет вили, тврди дека нивната чуварска служба која брои 16 лица е постојано на терен, но дека немаат надлежност да интервенираат доколку некој гради на приватен имот.

ИРЛ разговараше до директорот на Националниот парк „Маврово“, кој потврди дека од нив не било побарано мислење за спорните градби во Маврово.

Екологот и поранешен раководител на Секторот за природа во Министерството за животна средина, Васил Анастасовски, со чудење констатира дека во овој случај е заобиколен и неиспочитуван главниот закон, а тоа е Законот за заштита на природа.

Во него  пишува дека сопственикот на имот во заштитено подрачје е должен природното наследство да го чува, да се грижи за негово одржување и навреме да ги презема сите мерки за заштита и одржување. Анастасовски вели дека во случајот „Радика“ отсуствува улогата на двете најповикани институции – Министерството за животна средина и Националниот парк „Маврово“.

Екологот Анастасовски во разговор со ИРЛ вели дека „Инвеститорот што го гради селото ‘Радика’ е носител на право на користење на просторот, односно сопственик на имот во заштитено подрачје. Тој за било каква инвестициона активност на користење е должен да побара согласност од субјектот задолжен за управување со заштитеното подрачје, а тоа е ЈП Национален парк ‘Маврово’“.

Кога во септември годинава медиумите почнаа да пишуваат за проектот „Радика вилиџ“, локалната власт и институциите загрижени за имиџот непосредно пред локалните избори, се растрчаа низ Маврово за да ги спроведат своите ингеренции кои требало уште пред три години.

Тогаш на терен излегува и Инспекторатот за животна средина кој направил надзор во „Радика Ресорт“ и го задолжил Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам во рок од десет дена да изврши инспекција на постапката за носење на Архитектонско-урбанистичкиот проект од 2018 година. Со овој архитектонско-урбанистички проект всушност за околу четири пати се зголемил планот за приватното село „Радика“ и за првпат во него е предвидено наместо дваесетина, да се изградат 87 луксузни вили.

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам сè уште не ги собрал потребните документи врз кои ќе може да донесе заклучок дали е законско носењето на Архитектонско-урбанистичкиот проект кој доколку се реализира, неповратно ќе го смени ликот на крајбрежјето на Мавровското Езеро и природниот пејсаж.

Локалната власт  тврди дека Архитектонско-урбанистичкиот проект е донесен преку системот е-урбанизам во законска процедура, но токму таа процедура сега е предмет на проверка од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

„Направивме увид во електронскиот систем е-урбанизам на целата постапка. Заради недостиг на документација за донесување на заклучок, се обративме со барање за дополнителни информации до Општина Маврово и Ростуше, Државниот инспекторат за животна средина и Министерството за животна средина“, велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Според информациите на ИРЛ, документите кои недостигаат во системот за е-урбанизам се токму оние кои ги пропишува Законот за заштита на природата, односно позитивното мислење од Министерството за животна средина.

Урбаната мафија најде начин да гради насекаде

Законот за урбанистичко планирање е клучен во сферата на урбанизмот. Со него се уредуваат целите на урбанистичкото планирање и уредувањето на просторот, видовите и содржината на урбанистичките планови, постапките за изработување, донесување и спроведување на урбанистичките планови, како и надзорот над спроведувањето на овој закон.

Професорот на Архитектонскиот факултет во Скопје, Мирослав Грчев, кој во 2005 година бил дел од авторите на Законот за просторно и урбанистичко планирање вели дека тој закон до 2016 година претрпел дваесетина измени, меѓу кои и можноста со Архитектонско-урбанистички проект да се добива дозвола за градба.  

Професорот Грчев во изјава за ИРЛ додава дека „Се изведе едно тешко силување и извртување на целиот законски систем, и тоа за работи што се уредуваат со план, да може да се уредуваат со проект“

Во една од измените, во време кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ, воведена е и локална и државна убанистичка планска документација, која му овозможува на министерот или градоначалникот да може само со потпис и печат да одобрат користење на простор.  Со тоа, законски се заобиколувала процедурата која предвидува општината во процесот на донесување на планови да го изнесе планот на јавна анкета, можност кога граѓаните, невладините организации или активисти даваат своите забелешки и мислење.

„Тоа се направи за вон и во населени места. Јас тоа го обжалив на Уставен суд, меѓутоа, моите аргументи беа прифатени само за во населени места. И остана во законот на просторот надвор од населено место да прават што ќе посакаат. Од тогаш којзнае колку објекти се изградени без да ги поминат сите процедури кои ги поминува урбанистичкиот план“, вели Грчев. 

Општина Маврово и Ростуше со години нема донесено Детален урбанистички план. Градби во последните години најчесто се одобруваат врз основа на Архитектонско – урбанистички проекти. Импровизациите кои ги овозможува Законот за урбанистичко планирање го искористува и инвеститорот на „Радика ресорт“ и во 2018 година во општината Маврово поднесува Архитектонско урбанистички проект. Во него се вцртани 87 луксузни вили за кои бара дозвола за градба.

Кога дозволата за градба се издава врз основа на АУП, јавноста нема увид во проектот. Ниту пак за него одлучува Советот на општината. Во таков случај се’ е оставено на волјата и визијата на надлежната власт. Во овој случај на градоначалникот Медат Куртовски. Тој во 2018 година преку системот за „е-урбанизам“ го одобрува Архитектонско – урбанистичкиот проект на Шериф Рамука и тој почнува да го реализира „Радика вилиџ“.

„На 15-ти септември“

Датумот 15-ти септември е врежан кај македонските граѓани како едно дамнешно неостварено ветување на Бранко Црвенковски дека „народот ќе ја земе судбината во свои раце“.

И овој 15 септември мештаните од Леуново ќе добијат надеж од локалната власт дека во Маврово ќе завладеат законите и јавниот интерес. Еден месец пред изборите општината носи решение за уривање на девет објекти од „Радика вилиџ“ кои се изградени без дозвола.

Локалните избори не му донесоа победа на стариот градоначалник Медат Куртовски. Демотивирани, граѓаните од оваа општина не излегоа на гласање и изборите беа неуспешни.

Не помогна ни кривичната пријава од СВР Гостивар против инвеститорот Шериф Рамука за бесправно градење која беше поднесена десет дена пред првиот круг. Во случајот се вклучи и Основно јавно обвинителство кое отвори предистражна постапка.

Куртовски не го избраа граѓаните, но Владата му даде мандат до новите избори да биде повереник на општината. Тоа значи дека тој и натаму ќе ја раководи локалната власт. Оттогаш поминаа два месеци. Решението за уривање не го реализираше ниту инвеститорот, ниту пак општината.

Како изговор зошто општината на ги урива објектите, оттаму велат дека не поседуваат соодветна механизација и ќе мора да објават тендер за избор на фирма која ќе ги руши вилите. Тендерот не е ниту во најава.

Градоначалникот Куртовски вели дека не знае кои се неговите надлежности како повереник на Владата и затоа засега не може да донесе никаква одлука. Ниту пак очекува дека воопшто ќе се објави тендер за уривање на спорните вили, бидејќи општината досега не постапила по ниту едно решение за уривање.

„Од искуство на други општини, бидејќи комуницираме меѓусебе, знаеме дека на такви тендери фирми не се јавуваат. Ние ова прашање го имаме дискутирано и на ЗЕЛС и имаше тогаш предлог да се избира фирма за рушење на регионално ниво, но како ќе биде сега со новите градоначалници, не знам“, вели Куртовски.

Градоначалникот сепак рече дека во тековниот годишен план за јавни набавки ќе ја вметне и фирмата за уривање на дивоградби.

Прочитајте го првиот дел од сторијата Проект Радика:

Бетонизација на Маврово

Поврзани стории:

Бетонизација на Маврово

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.