Новиот состав на Антикорупциска комисија денеска положи заклетва дека совесно и одговорно ќе си ја врши работата и дека во борбата со корупција ќе го почитува уставот и законите.
Новата претседателка на комисијата, Билјана Ивановска очекува новиот состав професионално и законито и транспарентно ќе го штити јавниот интерес.
„Корупцијата ја урива стабилноста на институциите и моралните корени на општеството. Присутна е се повеќе, секојдневно, а граѓаните во отсуство на систем на вредности и интегритет се повеќе ја толерираат и прифаќаат како начин за остварување на своите цели“, рече Ивановска.
Таа додаде дека ќе создаде моќна антикорупциска сила, а „најголеми антикорупционери се слободните граѓани“.
За членови се избрани Владимир Георгиев- вработен во антикорупциската комисија Софка Пејовска Дојчиновска исто така вработена во антикорупциската комисија, Катица Николовска-ревизорка, Нури Бајрами, вработен во општина Гостивар, Билјана Ивановска исто така ревизорка, новинарот Горан Трпеновски, Шемши Салаи од општина Врапчиште.
Новите антикорупционери ќе можат да го следат и финанисирањето на политичките партии, да имаат увид во банкарски сметки, да проверуваат судири на интереси при вработувања или добивање на грантови. Тие ќе ја следат и изборната кампања и евентуалната злоупотреба на буџетски пари за партиски цели пред претседателските избори.
Вкупно кандидати за антикорупционери беа пријавени 57, а Комисија за селекција формирана во Собранието ги рангираше и селектираше најдобрите кандидати.
Македонија на 93 место од 180 во перцепција на корупција
Македонија заедно со Косово, Монголија и Панама го делат 93 – то место од вкупно 180 по Индексот на корупција на Транспаренси Интернешнал кој беше објавен денеска.
Комисијата за селекција на кандидатите за претседател и за членови на Државна комисија за спречување на корупцијата ја составува пратениците Мухамед Зекири од СДСМ, Артан Груби од ДУИ, Зоран Илијоски од ВМРО – ДПМНЕ и Владанка Авировиќ од независната пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ, Драги Целевски номиниран од Народниот правобранител, а Сабина Факиќ и Бесим Небиу како претставници на здруженијата односно фондации назначени за членови во Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор. Учесници во интервјуата како процес на селекција беа и претставници на медиумските и граѓанските здруженија.
Од март 2018 година, Антикорупциската комисија нема кворум за работа и одлучување. Пет од вкупно седум членови на Комисијата си поднесоа оставки, затоа што беа фатени како си исплаќале патни трошоци кои според закон не им следувале.
Повеќе од една деценија членовите на Антикорупциската комисија никогаш не видоа проблем и во случаи каде што има очигледен судир на интереси. Како на пример, имотот и фирмите на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Се сеќавате на киријата која што странски инвеститор му ја исплаќаше на Миле Јанакиевски? Тој тврдеше дека само залепил бел лист А4 формат и напишал дека изнајмува дел од семејната куќа во Прилеп на оглас, а големиот странски инвеститор во коишто преговори учествувал и самиот едноставно случајно го видел огласот низ прилепските сокаци и решил да го изнајми. Антикорупциската комисија воопшто не постапуваше по ова прашање. Како и по многу други. Речиси и ништо не се сработи, а ова беше редовно известувано во сите меѓународни и домашни извештаи.
Изминативе месеци, неколку нови случаи отворија сомнежи за искрената политичка волја на оваа власт за вистинска борба со корупцијата и организираниот криминал. Меѓу нив се и обвинувањата за мек третман на осомничените високопрофилни лица од интерес како Сашо Мијалков, Јордан Камчев, Миле Јанакеиски, Кирил Божиновски и други, но и промените во Кривичниот законик кои маскирани како “технички детаљ“ навестија можна амнестија на вмешани во висока корупција и организиран криминал.