Денеска попладне (четврток) од притвор излегуваат бизнисмените Јордан Камчев и Цветан Панделески. Истовремено, банките, должниците и доверителите во дел од компаниите вмешани во случајот „Империја“ на СЈО изработиле предлог договор со којшто се определува исплаќањето на кредитите кои овие компании ги должат кон повеќе банки, но и средства кои им се должат на други доверители како фирми и физички лица. Се очекува договорот да биде потпишан многу скоро.
Извори на ИРЛ во процесот на договарање ни го доставија и драфт договорот за „утврдување на начинот на намирување на побарувањата на доверителите од должниците Енерџи Дооел и ЗИК Пелагонија“. Целта на договорот е да се „овозможи непречено тековно работење на фирмите должници“ и даден е рок до кога бизнисмените треба да ги подмират долговите.
Во договорот до кој дојде ИРЛ како доверители банки од кои осомничените зеле кредити се вкупно осум: Стопанска банка – Скопје, НЛБ Банка, Силк роуд банка, Стопанска банка – Битола, Шпаркасе банка, ТТК банка, Централна кооперативна банка и Комерцијална банка.
Најголем е кредитот земен од Стопанска банка Скопје во висина од 12.600.000 евра. На Комерцијална банка осомничените бизнисмени и’ должат 2.700.000 евра, а на НЛБ банка 4.900.000 евра.
Освен банките, во договорот на листата има уште 130 други доверители од кои што најголем дел се физички лица и приватни компании.
Доверители се и фирми поврзани со Камчев и Панделески од кои биле земани позајмици. На листата се КАРА АД Скопје, Орка холдинг, Жито полог Тетово, Ветеринарна амбуланта Пелагонија Вет, Пелагонија Развој ДООЕЛ Могила, Пелистерка АД, Жито Битола, Комплекс Александрија ДООЕЛ Битола, Соникс Анастасија, ТИМ ДОО Скопје, Систина Нефро Плус, Друштво за хотелиерство и туризам Архи, како и лично Цветан Панделески и Јордан Камчев. Сите овие позајмици се во висина од 4.600.000 евра.
Во договорот во делот на должникот Пелагонија енерџи пишува дека „Договорните страни се согласуваат, приливите на паричните средства од МЕПСО АД Скопје и одливот на истите, да се одвива преку посебната сметка на должникот „Пелагонија енерџи“- Битола во Стопанска Банка АД Скопје, при што одливот на средствата ќе биде координиран/контролиран од страна на Стопанска Банка АД Скопје“.
Долговите пак на ЗИК Пелагонија ќе се враќаат етапно. Во договорот пишува:
„Доверителите се согласни дека нивните побарување ќе се намират на начин и динамика предвидени со деловниот план на должникот ЗК Пелагонија АД Битола, при што должникот се обврзува да изврши плаќање на доверителите во вкупен износ од минимум 10 милиони евра најдоцна до 30.11.2019 година“.
Специјалното јавно обвинителство случајот Империја го обелодени на 9 ноември, а осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски. Тие се товарат за „Злосторничко здружување“, „Оштетување или повластување на доверители“, „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Измама“ и „Перење пари“.
Кривичните дела за кои се осомничени се сторени во периодот од 2002 до 2013 година.
СЈО донесе и решенија за привремено одземање на дел од имотот на компаниите „Орка холдинг“ и „Ексико“, како и забрана за трансакции од фирмите „Ексико“и „Тимох“.
Според изјавите на Специјалното јавно обвинителство, осомничените наводно го оштетиле буџетотот за најмалку 6,2 милиони евра, а се проневериле пари во износ од речиси 11 милиони евра.
Специјалното јавно обвинителство вчера побара замена на мерката притвор за осомничените Орце Камчев, Цветан Панделевски и Сашо Мијалков и побара истата да биде заменета со поблага мерка, односно домашен притвор, а попладневно мерката беше одобрена.
Од СЈО велат дека сведоците се сослушани и со тоа престанува да важи опасноста за влијание врз сведоци, а со мерката домашен притвор ќе бидат физички обезбедни.