Пратениците од власта ги изгласаа измените во Кривичниот законик кои директно влијаат на дел од случаите на Специјалното јавно обвинителство. СЈО допрва ќе гради мислење дали овие измени ќе им ги урнат судските предмети и дел од обвинетите ќе добијат поблаги казни.
ИРЛ побара од Специјалното јавно обвинителство и главната обвинителка Катица Јанева да го споделат нивниот став со јавноста во врска со овие измени.
Прашање од ИРЛ: Како измените ќе влијаат врз СЈО? Колку предмети очекувате да пропаднат? Дали како важен фактор во општееството сте вооопшто генерално загрижени дека вакви закони ќе влијаат врз вас како дел од пошироките граѓански напори за востановување на принципите на владеењето на правото како темелна вредност на нашиот Устав?
Од СЈО за ИРЛ одговорија:
„Прашањето е комплексно и не би шпекулирале со одговори. Сепак, очекуваме дека Владата и Собранието на Република Македонија претходно ќе понудат доволно аргументи поткрепени од страна на стручни лица, правни експерти, но и претставници на граѓанскиот сектор во однос на декриминализација на одредени членови од Кривичниот законик. Во оваа смисла не би можеле однапред да ги оцениме предлозите како негативни или позитивни од аспект на предметите на ова Јавно обвинителство. Своето мислење, во најголем дел, ќе го донесеме врз основа на мислењата на правните експерти кои се занимаваат со оваа проблематика од причина што, како и во секоја област, доколку постојат оправдани причини, Кривичниот законик може да трпи декриминализација на одредени кривични дела, но само доколку истите не го нарушуваат владеењето на правото“.
Измените во Кривичниот законик предмалку беа изгласани со 63 гласа „за“ и 1 воздржан и без дискусија. Со нив се менува членот 275-в кој се однесува за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавни набавки или јавно-приватно партнерство, а кој е поврзан со кривичните дела за кои се товарат Сеад Кочан и Василије Авировиќ, во случаите на СЈО. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учестуваваа во расправата и ја напуштија собраниската сала кога оваа точка дојде на дневен ред.
Претпладнево, шеснаесет граѓански организации побараа од Претседателот на Собранието и од предлагачите итно да го повлечат Предлогот на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик. Според нив, со промената во членовите на Кривичниот законик, ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот.
„Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. На овој начин се амнестираат криминалот и корупцијата, и продолжува неказнивоста“, сметаат граѓанските активисти.