Press "Enter" to skip to content

Имам што да кажам: Младите за МКЦ

Младинскиот тим на Истражувачката репортерска лабораторија реши да ги праша младите кое е нивното мислење за Младинскиот Културен Центар како институција и како тие се чувствуваат во врска со политичката пресметка околу директорското место на МКЦ. Разговаравме со неколку млади музичари и со една вработена во институцијата, се со цел да дознаеме како скорешните случувања влијаат на младите. Иако станува збор за Младински центар, во целата лавина на реакции по медиумите и социјалните мрежи, мислењето на младите беше најмалку застапено.

Февруари оваа година беше распишан јавен конкурс за директор на Младинскиот Културен Центар кој треба да биде именуван од градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. На конкурсот се пријавија само двајца кандидати, Русе Арсов кој е в.д. директор на МКЦ од март 2018 година и музичарот Арбен Бени Шаќири. Поради претседателските избори, конкурсот беше ставен во мирување и градоначалникот се уште нема донесено одлука.

По објавување на имињата на двајцата пријавени кандидати, темата стана актуелна во јавноста и се појавија мноштво спротиставени мислења. Стотици културно- уметнички работници го оставија својот потпис на отвореното писмо упатено до премиерот Зоран Заев, во кое бараат да се спречат промените во структурата на МКЦ, додека пак други обвинуваа дека писмото е пропаганда против музичарот Бени Шаќири.

Младите за МКЦ

За да дознаеме малку подобро за тоа како навистина функционира МКЦ и од колкаво значење е изборот на нов директор на институцијата која игра огромна улога во младинскиот живот, ги прашавме младите што тие мислат.

Мартина Баракоска која е тапанар вели дека во МКЦ има израснато и тоа искуство ја оформило како личност, со сите културни вредности кои ги поседува денес. Покрај тоа, МКЦ учествува и во нејзиниот професионален развој, преку поддршката која ја добива.

„Секогаш сум имала поддршка од МКЦ кога сум сакала да направам концерт или сум имала идеја и тоа секогаш било преубаво искуство.“

Давид Николовски од бендот Фанк Шуи вели дека МКЦ моментално има многу добар тим кој вистински работи на програмата, се со цел младите да имаат што да видат и слушнат. Тој потенцира дека веќе не постојат многу места во Скопје каде може да се одржуваат музички настани.

„Со многу локации во градов се случува истото, навлегуваат политичари и лоши политики и го уништуваат, сметам дека нема потреба од тоа во МКЦ.“

Ива Јованова од Контакт 59 вели дека институциите како МКЦ на младите треба да им даваат мир и слобода, а не им создаваат притисок.

„Иако културата во една држава е политичко нешто, кога политика почнува да се меша во вакви чисти институции настанува една хаотична ситуација во која младите немаат можност да растата, туку им прави притисок и ги бутка во себе,“ вели Ива и додава дека таа како млад човек не сака да го изгуби МКЦ.

Покрај музичарите, одлучивме да поразговараме и со Мартина Петреска која работи во МКЦ и може да ни објасни малку подобро како досегашната структура на МКЦ ја води оваа институција.

Мартина вели дека Младинскиот Културен Центар секоја година има повеќе настани, отколку што има работни денови во годината и преставува најважната точка во Македонија за младите.

„МКЦ не е место кај што некој треба да си ги мери силите. МКЦ е се уште тој дом на млади со сите изложби и претстави, филмски проекции и работилници за деца, детскиот културен центар, планетариумот, Здраво Млади, Синедејс, Бела Ноќ.“

Целото видео интервју, погледнете го овде.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »