Press "Enter" to skip to content

Игра на шпионите

Таргет Тврдина е високопрофилен случај кој во судница го донесе човекот што важеше за недопирлив – Сашо Мијалков. Од спротивната страна, на столчето за сведоци, седи неговиот претходник во УБК – Зоран Верушевски. Едниот е повеќе мачо и бизнисмен, а другиот е смирен професор. И двајцата ја водеа институцијата со најлош демократски рејтинг во земјава и една од оние кои низ годините и отсуството на надзор акумулираше прекумерна моќ. Иако не во исти размери, скандали и контроверзи проследени со обвинувања за злоупотреби го следеа и времето кое Зоран Верушевски го мина како директор во службата. Деновиве се и двајцата актуелни по исказот на Верушевски со кој ги доведе во прашање т.н. „бомби“. Павле Трајанов обвини дека таквите постапки му помагаат на Мијалков.

Првиот контакт со професорот

Годината е 2010. Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски работат во УБК кога откриваат дека се врши нелегално прислушување на министри, функционери, новинари, активисти, опозицијата. Лазаревски и Костовски ќе направат план – Костовски ќе ги прави копиите од контроверзните фајлови, а Лазаревски ќе ги изнесува од зградата на УБК и ќе ги енкриптира на приватен компјутер.

Во почетокот, двајцата работат сами. Но, опсегот на злоупотребите расте со неверојатна брзина и тие набргу откриваат дека прислушувана е дури и нивната надлежна министерка Гордана Јанкуловска.

Тогаш решаваат дека ова е преголем залак за нив и му пристапуваат на Зоран Верушевски, претходникот на Сашо Мијалков и нивен поранешен шеф.

“И јас и Звонко му верувавме на Верушевски”, ќе рече Лазаревски во првото интервју во 2016 година за НОВАТВ. Тогаш ќе открие за прв пат како оперирале мистериозните свиркачи и кој каква улога имал во процесот на откривање на таканаречените “бомби”.

“Тој ни беше надлежен, тој е професор и тој ме научи дека корупцијата е најголемата закана за една држава”, изјави Лазаревски, кој е единствениот од тројцата кој досега јавно зборуваше за протекувањето на нелегално прислушуваните разговори во УБК.

Звонко Костовски е уплашен и не сака да се гледа со Верушевски. Но, стариот шеф и почитуван професор е убедлив во тоа дека тие двајца се на вистинската страна. Сите го знаат планот кој го прави професорот, како што раскажуваше Лазаревски. А тоа е дека бомбите се изнесуваат како и досега, Лазаревски му ги предава на Верушевски, а Верушевски колекцијата ја носи во Социјалдемократскиот сојуз. Прво претседател е Бранко Црвенковски, а потоа Зоран Заев.

Зоран Заев и Бранко Црвенковски во партиското седиште на Бихачка

Кога Верушевски се протна во УБК под стражата на Мијалков

За вмешаноста на Верушевски во аферата со прислушуваните материјали, јавноста ќе чуе дури на 23 јануари 2015 година кога тој ќе биде уапсен поради поседување пиштол и порнографски материјали. Но, МВР ќе соопшти дека тие пронашле и други документи и фајлови кои можеби водат кон потешки кривични дела. Подоцна, на 8 фебруари, ќе одекне веста дека Звонко Костовски, Ѓорѓи Лазаревски, Зоран Верушевски, Соња Верушевска и Бранко Палифров се обвинети во случајот со кодно име “Пуч”. Делото е шпионажа.

Тогаш јавноста прв пат ќе слушне за нив. На 9 фебруари Зоран Заев, претседателот на СДСМ, по долгите најави ќе ја пушти првата бомба. Ќе обелодени дека во МВР се злоупотребувала опремата за прислушување за лични и партиски цели по нарачка и егзекуција на самиот партиски врв – братучедите  Сашо Мијалков и Никола Груевски. Веќе е јасна улогата на поранешните и актуелните разузнавачи. Јавноста е веќе зовриена по објавите од бомбите. Се протестира. Тројцата разузнавачи стануваат симбол на свиркачите во Македонија. Тие се по судови и во притвори.

Ова не е правда, ова е партиско-системска патологија-агресија врз слободата и демократијата, врз владеењето на правото и правната држава, врз човечкиот интегритет и достоинство. И јас, како Зоран Заев овој суд не го признавам, затоа што тој не може да го сопре времето на слободата, и демократијата која со сета своја сила доаѓа во Македонија.“ – изјави Верушевски во тоа време додека се чекаше разврска на случајот за “Шпионажа”.

Oд лево кон десно: Адвокатот Филип Медарски, Зоран Верушевски и Зоран Заев во судница

Власта тврди дека тие работеле за странски служби и жолти комбиња.

Како што ќе се менува политичката клима, така нештата ќе се олеснуваат за обвинетите во “Пуч”, како и за Зоран Заев кој и самиот е обвинет за насилство врз државата. Освен Звонко Костовски кој ќе признае вина и ќе остане три години во затвор, за Верушевски и Лазаревски нештата ќе се сменат на подобро. Особено за Верушевски. Ќе се склучи Пржинскиот договор со кој ќе треба да почне крајот на длабоката политичка криза која ќе ја предизвика корумпираната и авторитарна власт, а искрата ќе ја потпалат бомбите изнесени од УБК под стражата на Мијалков.

Со Пржинскиот договор ќе се формира и Специјалното јавно обвинителство поради недовербата во Државното обвинителство која во тој момент е огромна. Тие треба да ги истражат случаите на висока корупција и криминал кои произлегуваат од нелегално прислушуваните материјали. По договорот, Лазаревски оди на слобода во декември 2015. Верушевски е пуштен во домашен притвор со гаранција во недвижен имот. По изборите во 2016 година победува СДСМ. На 1 јуни формираат влада. Набргу Специјалното јавно обвинителство го презема предметот “Пуч”.

Јас бев единствениот линк кој ги поврзуваше најавените „бомби на Заев” и УБК. Доколку јас не укажев дека сум соработувал со Зоран Верушевски (екс-директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање), „бомбите“ ќе останеа да висат како паднати од небо, создадени во „жолтите комбиња. На 7 февруари 2015, мојот колега Ѕвонко Костовски ми организираше состанок во МВР, на којшто укажав на надлежните дека во Одделот за оперативна техника се врши нелегално тонско снимање, дека во подолг период заедно со Ѕвонко собиравме докази за нелегалните активности и дека тие докази јас му ги предадов на поранешниот директор на УБК Верушевски. Инаку, јас и Ѕвонко, заеднички решивме дека токму Верушевски е човекот кому треба да му укажеме за нелегалните активности кои ги забележавме, а одлуката како тоа да стаса до јавноста на безбеден начин и како да се обезбеди судска разрешница, му ја препуштивме нему.Товарот на истрагата беше речиси целосно насочен врз Ѕвонко, бидејќи тој беше актуелен вработен во МВР, а јас 16 месеци пред тоа, дадов оставка под притисок и закани, но тоа беше и тактичка одлука која ја донесовме заедно со Верушевски”, сведочеше Ѓорѓи Лазаревски.

Што (не) кажа Верушевски

Самиот Заев иако во мал број наврати, ќе ги легитимира јавно како свиркачи и патриоти. На денот на пуштањето на втората бомба во Универзалната сала којашто беше своевиден партиски триумфален собир, Заев ќе им оддаде почит на тројцата свиркачи кои тогаш се во притвор.

“Никола Груевски го откри совеста на совесните кои своите живот ги ставија на коцка за да ја спасат Македонија од коцкарската власт.Патриотите на Македонија ги обезбедија документите и доказите. Сакам да им оддадеме почит на овие храбри луѓе на кои им ја должиме Вистината за Македонија”, ќе изјави Заев во Универзалната сала во февруари 2015.

Верушевски во меѓувреме стана висок советник за национална безбедност на Зоран Заев. Партијата отворено го промовира како патриот, херој, свиркач. Често се гледаше во друштво на партискиот претседател и подоцна премиер. За него дури се пишуваше дека може да е следниот директор на контраразузнавањето. Заев и јавно посочуваше дека “професорот е одличен кандидат”. Доби и партиска функција – претседател на партиската комисија за внатрешни работи на СДСМ.

Зоран Заев и Зоран Верушевски на граѓански собир

Верушевски, Лазаревски и Заев ќе се појават во Специјалното јавно обвинителство за случајот “Таргет-Тврдина” во 2017 како сведоци против Сашо Мијалков и Никола Груевски кои се обвинети за нелегалното прислушување. Ќе сведочи и Ѓорѓи Лазаревски. Неговите изјави во кои секогаш кажува дека тој му ги предавал бомбите на Верушевски, се слушаат речиси три години, а истото ќе го соопшти и во судница.

Верушевски малку зборува и вешто ја избегнува јавноста. Се до изминатиот понеделник кога на сведочењето во судница во случајот “Таргет-Тврдина” даде збунувачка и двосмислена изјава. Јавноста ја толкува не само како негово дистанцирање од бомбите, туку и калкулативност околу мотивите откако тој во суд изнесува сомнежи за начинот на кој се чувале и обработувале податоци.

Факт е дека таа документација доживеа стравотна модификација и компромитирање и сето тоа се случува по моето лишување од слобода”, рече Верушевски.

Тој сведочи дека Лазаревски е едно од повеќе лица кои носеле такви материјали во партијата. Истите му биле предавани на раководството, а рече дека уште во 2010 година со ова бил запознаен и Бранко Црвенковски кој е на чело на партијата до 2013 година. Со Лазаревски не зборувал, бидејќи дал лажен исказ за него кога тврдел дека нему му ги давал бомбите.

Тоа лице имаше започнато комуникација со партијата уште пред моето доаѓање во Македонија од Италија и продолжив да комуницирам до 2014 година. Да биде јасно, таквата документација била во партијата. Документацијата цело време беше во партијата и со неа управуваше лидерот на партијата, рече Верушевски.

Тој исто така рече и дека екс лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски бил запознат со дел од документацијата додека бил лидер на СДСМ”.

Оваа изјава вчудоневиди многумина. Се постави прашањето зошто Верушевски дозволи јавноста да верува дека тој е свиркач, зошто, ако е така како што тврди, не спречил Лазаревски да шири лаги бидејќи тој тие тврдења ги повторува подолго време јавно. Одредени медиуми пишуваат дека е важно што стои во првата изјава на Верушевски кога како сведок на СЈО доаѓа да даде исказ во обвинителството во време на истрагата. Дали е таа иста со онаа дадена денеска.

Верушевски е исчезнат за коментари и објаснувања за овој пресврт во судницата. Исто како што исчезнува и претходните недели кога судот не може да го најде ниту дома ниту на работа во Владата за да му достави покана за да сведочи на суд.

Победници и губитници

Но, нештата стануваат необични многу пред ова. По смената на власта Зоран Верушевски станува советник на премиерот. Тоа се обзнанува дури откако на прес конференција новинари ќе прашаат што правел тој со премиерот во работна посета во Израел. Се стекна впечаток дека владата не се брзаше да го рекламира овој кадар, иако станува збор за човекот кој важи за еден од одговорните храбри патриоти кои помогнале да се откријат системски злоупотреби и да се сруши режим.

Делегација во Израел на македонската влада во 2017: Зоран Заев во првиот ред, Верушевски втор од десно до Оливер Спасовски

Верушевски често може да се види и во просториите на СЈО како гостин на Специјалната јавна обвинителка. Најмалку двајца новинари на ИРЛ го сретнале професорот во обвинителството, а дузина сведоци од редот на вработените и гостите во изјави за ИРЛ го сведочат истото. Не се познати причините за неговите посети. Неговото ослободување доаѓа откако Јанева ги презема случаите против него.

Во меѓувреме, одредени случувања сигнализираат недоверба во процесите на општествено и политичко ниво. Еуфоријата спласнува, се чека на ветената правда. Почнуваат да протекуваат и прислушуваните материјали и покрај сите гаранции на Заев и Јанева дека кога биле во нивни раце биле третирани одговорно.

Никогаш не дознавме дали се правеле безбедносни проверки на сите кои имале пристап до прислушуваните материјали. Ако е точно сведочењето на Лазаревски, Верушевски имал директен пристап. Ако, пак, е точно тврдењето на Верушевски, Лазаревски  и уште неколку лица носеле материјали во партијата. СЈО повеќе од една година не одговараше на прашањата на ИРЛ со кои пропишани протоколи  се чуваат прислушуваните аудио материјали.

Сега секој може да му пушти некому бомба. Првите кои одекнуваат на анонимни јутјуб канали во 2017 година се од бизнисменот Јордан Камчев. Бомбите се воајерски и не посочуваат никаква информација релевантна за јавниот интерес. Единствената новина е што јавноста прв пат имаше можност да чуе разговор со озогласениот бизнисмен. СДСМ не објави бомба во која се случа разговор со Камчев, за што Заев често беше прозиван во јавноста бидејќи Камчев ја имаше една од главните улоги во нивните прес конференциии на кои што често го обвинуваа за криминал со државни ресурси. Тоа не беа единствените бомби што одекнаа од страна. Камчев врати со друга “бомба” и речиси се спаси од истрагата во случајот “Империја”. Висат сите случаи на СЈО, дел веќе паднаа во вода, како оној за провизиите од кинеските кредити за криминал тежок 150 милиони долари, а сите крупни ѕверки се или во бегство или со минимални мерки за обезбедување и на чекор од конечната слобода. Ова го предизвика растурањето на СЈО.

Сашо Мијалков и Јордан Камчев

Од дистанца

Новите изјави на Верушевски имаат потенцијал да донесат пресврт во корист на обвинителството, но е многу рано за предвидувања бидејќи на 10 октомври Верушевски ќе биде вкрстено испрашуван, а прашања ќе има и одбраната. “Таргет-Tврдина”, пак, е топ профилен случај на СЈО и најголемиот предизвик за институцијата и за системот воопшто во тоа време. Тој случај требаше да претставува тест за правдата, гаранција дека државата е спремна да се бори со високата корупција и организираниот криминал.

По четири години од Пржинскиот договор многу нешта се променија. Особено последнава. Сашо Мијалков кога не седи на обвинителната клупа, несрамежливо се труди да се трансформира во успешен бизнисмен. Во моментов е во инвестиции во обложувалниците. Некогашниот државен службеник од кариера може да се види секој ден во последнава година во неговиот хотел “Мериот”, на најатрактивната парцела во државата на плоштадот во Скопје. Никола Груевски е во бегство и води луксузен живот во Унгарија. Друг поранешен бегалец од органите на прогонот е Јордан Камчев, кумашинот на Сашо Мијалков, кој од сето ова излезе како слободен човек.

Власта веќе ја нишаат доволно проблематични афери за злоупотреба на моќта и трговија со влијание. Се зборува за општа амнестија, а во недостаток на точни информации и здрави институции кои ќе ги расветлат обвинувањата за висока корупција, јавноста е растргната во војни со информации на разни центри на интереси на поединци и фрлена во сферата на шпекулациите. Сечии постапки на луѓето што имаат моќ или пристап до моќ се гледаат со резерва. Веќе гледаме неприродни бизнис и политички коалиции помеѓу лица од круговите на некогашните лути непријатели – ВМРО ДПМНЕ и СДСМ.

Засега, сите засегнати страни се воздржуваат од коментари. СДСМ едвај да се огласи пренесувајќи само дека бомбите се автентични. ВМРО ДПМНЕ немала официјален коментар како партија, иако лица од партијата и медиуми блиски до опозицијата веќе профитираат политички од изјавата на Верушевски дека бомбите се сечени и лепени, дури и самиот Груевски се огласи од Будимпешта на Фејсбук.

Други приказни

Привилегирани ѕверки: Инспекциите и Шилегов се тресат пред моќниците од летната скопска шема

Крешник Бектеши ја назначи својата советничка за член на УО на Агенцијата за енергетика

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.