Press "Enter" to skip to content

Привилегирани ѕверки: Инспекциите и Шилегов се тресат пред моќниците од летната скопска шема

Замислете дека сте социјално загрозен градинар и имате импровизирана тезга на околните пазари каде што продавате коприви или малини. Доаѓа инспекција. Колку е реално да поминете без казна и отстранување на тезгата. Звучи речиси неверојатно, а тоа го потврдуваат и статистиките на казни на институциите, како УЈП. Замислете си дека имате престижен ноќен клуб во Луна паркот во Градскиот парк во Скопје. Немате лиценца, издавањето на фискални сметки е оставено на добрата волја, немате договор за користење на просторот на Градот па киријата ви е гратис со години.  Доаѓа инспекција.

Саботна треска

Сабота е, 14 септември. Врват последните викенд денови од летната сезона. Ечи музика од Градскиот парк во Скопје, автомобилите уште се туркаат, скарите се запалени, а жителите на околните населби бројат ситно до денот кога ќе здивнат од бучавата која ја создаваат ноќните клубови во паркот. Нивните поплаки уште се сведени на револт на социјалните мрежи бидејќи градските власти не прават ништо за да ја прекинат долгогодишната пракса на незаконитите дискотеки кои оперираат нелегално.

Тимот на ИРЛ на почетокот на летната сезона објави серија истражувања во кои го откри хаосот, незаконитоста и негрижата во стопанисувањето со градскиот имот во срцето на паркот – просторот на стариот Луна парк. Летните дискотеки во Градскиот парк коишто се простираат на површината на поранешниот Луна парк со години работат без лиценци и без договори за земјиштето кое го користат во атрактивниот дел на градот. ИРЛ откри дека инспекции доаѓала и утврдувале дека се работи незаконито и дека се исполнети сите услови да се затворат. Но, тоа никогаш не се случува. Овие дискотеки се управувани од моќни луѓе од бизнисот и шоу бизнисот и се поврзуваат со лица блиски до луѓе од власта. Не какви било луѓе туку такви кои успешно пливаа и со минатата власт, како на пример актуелниот заменик градоначалник на Град Скопје и бизнисмен, Енвер Малиќи.

Профит и врски

На почетокот на летната сезона, институциите кои стојат зад овој хаос ветија дека конечно ќе спроведат ред и ќе најдат начин да ги регулираат ноќните клубови кои со години работат во безредие.

Советот на Град Скопје на почетокот на летната сезона донесе одлука со која ќе им овозможи на фирмите кои работат со ноќните клубови во Градскиот парк, да ги обноват договорите за закуп на земјиштето, а со тоа и кончено да извадат лиценци за работа.

Неколку недели подоцна малку познатата фирма  во владение на ЈП Паркови и зеленило, Луна ДООЕЛ, преку јавно надавање ги додели земјиштата под закуп. На јавниот повик за секое од земјиштата наддаваше само по една фирма, а со тоа ноќните клубови останаа во сопственост на истите фирми кои со години работат на оваа површина. Од тоа, барем 3 години тие работеа без обновени лиценци и слободно управуваа со имотот на Градот.

Единствена промена во сопствеништвото на земјиштата се случи кај ноќниот клуб Централ Парк Привилиџ зад кој на почетокот на оваа сезона стоеше фирмата „Мармакс”, каде сопственик е извесна Николина Јакимова. Но, во нашето истражување откривме дека зад оваа фирма се крие некогаш популарниот пејач Брејк и основач на радио станицата “Метрополис”.

По јавното наддавање, за ова земјиште застана нова фирма, Афион Продукција од Битола. Сопствениците се непознати и никој не чул за нивен посебен ангажман во угостителството. Во клубот нема промени на персоналот, ниту програмата, а како фирмата само го преземала ноќниот клуб, не е јасно.

Од Луна ДООЕЛ ни ја потврдија информацијата за кои се фирмите кои склучиле нови договори за закуп на земјиштата. Но, кога побаравме потврда за дали фирмите имаат извршено уплата, одговори не добиваме повеќе од еден месец.

Тимот на ИРЛ секојдневно, веќе пет недели, се обува да стапи во контакт со управителот на фирмата Луна ДООЕЛ, но секој пат вработените во фирмата имаат различен изговор зошто тој не е присутен на работното место. Годишен одмор, состанок надвор од канцеларијата, смртен случај се дел од изговорите кои управителот го држат надвор од канцелариите повеќе од два месеци.

„Управителот доаѓа на работа, но во моментите вие кога се јавувате, тој не е присутен”, вели вработен во Луна ДООЕЛ во телефонски разговор со новинарот на ИРЛ уверувајќи не дека “така се погодува”.

Очи широко затворени

Ноќните клубови со години работат без лиценца за работа, а надлежните институции во ниеден момент не им се мешаат во работата. Дел од менаџерите на ноќните клубови на почетокот на летната сезона се пожалиле во Државниот пазарен инспекторат дека не може да ги извадат лиценците за работа поради тоа што Град Скопје не им овозможува да склучат валидни договори за закуп на земјиштето. Но, иако Советот на град Скопје го реши овој проблем ниту еден од клубовите сеуште ја нема добиено потребната лиценца за работа.

Според списокот објавен на веб страницата на Министерството за економија кое е надлежно да ги издава лиценците, фирмите кои работат со ноќните клубови на површината на стариот Луна парк немаат лиценца за работа.

Кога побаравме потврда од Министерството за економија, тие ни одговорија дека листите кои се објавени на нивната веб страна се финални, а дека доколку има постапки во процедура тие не се валидни за работа.

Процедурата за проверка на еден ваков летен клуб изгледа вака: Доколку при контрола пазарната инспекција утврди дека објектот нема лиценца за работа, тие му даваат налог на клубот да затвори 30 дена и да плати парична казна. По 30 дена, пазарната инспекција е должна да дојде и да провери дали сопствениците извадиле лиценца и ги имаат сите документи за работа. Ако не го сториле тоа, тогаш инспекцијата става пломба и го запечатува објектот.

Од она што е јасно видливо, ноќните клубови цела сезона работат непрекинато. Кога тимот на ИРЛ побара одговори од Државниот пазарен испекторат. Тие ни одговорија дека од нивна страна работата е завршена, но дека сеуште не издале решенија за затворање на ноќните клубови.

„Државниот пазарен инспекторат во изминатиот период изврши инспекциски надзор во сите објекти во градскиот парк – Скопје. Извршени се по два надзори во секој објект и констатирано е дека 5 овјекти работат без лиценца за работа. При првиот надзор бевме известени дека во тек е склучување на договори за закуп и им дадовме рок од 30 дена за да извадат документи и да се стекнат со лиценци. При вториот надзор констатирано е дека 5 објекти повторно немаат лиценци и следуваат прекршочни санкции,“ пишува во одговорот на ДПИ.

Повеќе од само ноќен живот

Првата мисла која ви поминува низ глава кога ќе се спомене фразата ноќен живот е – едноставно забава. Ноќните клубови се места каде што се опуштаме. Но, ноќниот живот е и економија. Таму се пресретнуваат моќни индустрии како тобако и алкохолната индустрија.

За двете индустрии е карактеристично што во нив доминира мала група транснационални компании кои контролираат повеќе од половина од светскиот пазар. Затоа овие две индустрии, според проценките на многу видни владини и невладини меѓународни извештаи, претставуваат голем предизвик за голем број влади во светот, дури и во развиените демократски држави. Особено е тешко за неразвиените и земјите во развој. Ваквите држави во коишто владеењето на правото е проблематично, мора да се борат на два фронта. Од една страна се моќните корпорации со речиси неограничени ресурси за лобирање и, од друга страна е организираниот криминал. Мафијата историски секогаш се стремела да го контролира во одредена мера ноќниот живот бидејќи тој им овозможува многу бенефити: од пазар на нелегални наркотици до низа креативни начини за перење на валканите пари.

Од друга страна, ноќниот живот зборува многу и за самото општество. Угледни светски експерти – социолози ќе речат дека диверзитетот и живописни сцени од градскиот ноќен живот придонесуваат за развојот на културата, како и на прогресивните политички движења. Се на се, колку повеќе избор, колку повеќе понуда, толку повеќе креативно вклучени граѓани, толку поквалитетен живот.

Прочитајте повеќе за луѓето вмешани во овој бизнис и за необјаснивата толеранција на Градот и инспекциите и покрај очигледните прекршувања на законите.

(ВИДЕО) Градот Скопје без оглас ќе дели договори на летните клубови кои и онака си работат без нив

Привилегирани ѕверки: Чии се летните клубови

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »