Press "Enter" to skip to content

ГРЕКО: СЈО не гони високо профилни случаи, а медиумите се неслободни

Министерството за правда го објави Извештајот на ГРЕКО за Евалуација на Република Северна Македонија за „Спречување на корупција и промовирање на интегритет кај централната власт и органите за спроведување на законот“. Петтиот круг на евалуација започна во 2017 година, а во извештајот до државата се упатени вкупно 23 препораки кои треба да се имплементираат до 30 септември 2020 година.

Во извештајот се наведува дека системот на кривична правда не е успешен во борбата против корупцијата, а СЈО генерално не гони систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи.

„Се смета дека напредокот во оваа област силно зависи од тоа дали судството во земјата може да почне да функционира независно и непристрасно.“

Експертите на Групата држави за борба против корупцијата (ГРЕКО) констатираат дека капацитетот на јавниот сектор за спречување на корупција има големи недостатоци.

 „Политичкото мешање во работата и именувањата во јавната администрација се широко распространети и често полни со етнички елементи. Непотизмот и судирот на интереси не се соодветно третирани, а медиумие се сметаат за „неслободни

Во однос на советниците на премиерот , ГРЕКО препорачува да се воведе ветинг за нивно ангажирање врз основа на правилата за интегритет. Покрај тоа, ГРЕКО препорачува имињата и платите на советниците да се лесно достапни на интернет.

Пред точно еден месец, Истражувачката репортерска лабораторија – ИРЛ Македонија објави серијал стории за советниците на премиерот Зоран Заев како и целата листа на надворешни советници со нивните месечни надоместоци.

Во извештајот се оценува ефективноста на рамката за спречување на корупција. Од ГРЕКО велат дека иако Северна Македонија има воспоставено прилично широка политичка и институционална рамка за спречување и борба против корупција, целокупната сила на антикорупциската рамка е дискутабилна бидејќи спроведувањето на различни политики и закони е слабо и селективно во пракса.

Што се однесува до органите за спроведување на законот, еден од главните проблеми лежи во политизацијата на полицијата и потребата за зајакнување на нејзината независност.

Група држави против корупција (ГРЕКО) е тело на Советот на Европа, основано да го надгледува спроведувањето на антикорупциските стандарди на организацијата од страна на земјите членки.

КОРЕКЦИЈА: 

Истражувачката репортерска лабораторија сакаме да ги информираме нашите читатели дека во овој текст направена е ненамерна грешка и за тоа да се извиниме и на читателите и на Специјалното јавно обвинителство.

Она што го пишува во извештајот е обвинителите генерално не отвораат високо профилни случаи.

„Иако специјалното јавно обвинителство оформи предмети во суд за неколку случаи на корупција на високо ниво кои произлегуваа од скандалот со прислушување, обвинителите генерално не гонат систематски случаи од висок профил или политички чувствителни случаи“.

Пропустот е направен ненамерено и со овој текст сакаме уште еднаш да се извиниме за оваа ненамерна грешка и да ветиме дека во иднина ќе се потрудиме вакви пропусти да не се случуваат.

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »