Истражувачката репортерска лабораторија изминатите три дена објави серијал стории за надворешните соработници на премиерот Зоран Заев. Тој има вкупно 39 надворешни советници од речиси сите области – од економија, дипломатија, здравство, регионална политика, социјала, спорт, односи со јавноста итн. Меѓу нив има домашни и меѓународни истакнати професионалци, но и контроверзни ангажмани. ИРЛ побара одговори од Владата како се мери нивниот успех или дали имаат резултати во работењето?
„За сите тековни и завршени обврски надворешните соработници го информираат Претседателот на Владата, зависно од нивниот ангажман. Сите надворешни соработници на Претседателот на Владата за своето работење му одговараат нему и тој го оценува нивното работење“, одговорија од Владата.
ИРЛ обелодени дека од јануари годинава надворешни соработници на Заев му станаа писателот и универзитетскиот професор Венко Андоновски и бизнисменот и член на ЛДП Александар Ружин. Побаравме од Владата да ни даде информација за конкретните резулати за дел од советниците на премиерот.
„Во однос на ангажманот на Александар Ружин како надворешен соработник за економски прашања при кабинетот на премиерот Зоран Заев подразбира соработка со деловни контакти од државите на Бенелукс и Франција, анализа на пазарите на овие држави како и работни состаноци со потенцијални инвеститори, но и промоција на македонските компании надвор од земјата. Александар има организирано посети на бизнис делегации од земјите на Бенелукс во Северна Македонија, во доменот на енергетиката, заштитата на човековата околина, градежништвото, индустријата и трговијата“, велат од Владата.
За соработникот за комуникации Ѓорѓи Калајџиев кој го советува Заев уште од првиот ден од мандатот 1 јуни 2017 година, велат дека врши „подготовка на брифови и документи за различни медиумски средби кои ги има премиерот, но и содржини (поенти, тези и сл.) за јавни настапи“.
Соработник за креирање политики од посебен интерес за граѓаните на Град Скопје е Филип Андов познат како Сокол. Тој работи во приватниот сектор, а неговите обврски според одговорот од Владата се:
„Комуникација со претставниците на Град Скопје, проток на информации меѓу Канцеларијата на премиерот и Градот, состаноци за активности во кои постои надлежност на Владата и Градот, информирање за активности од интерес на Владата кои се спроведуваат во општините кои се под Град Скопје, редовна комуникација со скопските градоначалници и брифинзи за премиерот за случувањата во општините“.
Владатата на СДСМ беше жесток критичар на ергелата советници на поранешниот премиер Никола Груевски, за кој јавно обелодени дека имал вкупно 91 за кои годишно од државниот буџет се одлевале по 1,7 милиони евра. Премиерот Зоран Заев има 39 надворешни соработници и заедно со советниците и посебните советници во неговиот кабинет чинат вкупно 63 лица кои нему директно му одговараат. За 39-те надворешните соработници кои во моментов се ангажирани, годишно се исплаќаат 307.000 евра.
ИРЛ праша во Владата, дали премиерот размислува да го зголеми или намали бројот на надворешни соработници?
„Претседателот на Владата по сопствен избор и процена може да ангажира надворешни соработници, како на пример: професори, експерти, искусни индивидуалци од еснафи или заедници, истакнати стопанственици и стручни лица. Договорите на надворешните соработници се авторски и со определено ограничено време. Бројот на соработниците е променлив“.
Денес го објавуваме целиот список на надворешни соработници кој ИРЛ го доби согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. На листата се 40 надворешни соработници, а во меѓувреме професорот на Правниот факултет во Скопје Александар Спасов кој бесплатно го советуваше премиерот, премина во Кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски.
На линковите во продолжение може да ги погледнете истражувањата на ИРЛ за надворешните соработници на премиерот Зоран Заев.