Кој ви го нарача истражувањето?
Сторијата за неправилности и притисоци во Вишото јавно обвинителство Скопје никој не ја нарача во ИРЛ. За ова обвинителство почнавме да се интересираме откако во јавноста беше објавен прилог во вестите на ТВ Канал 5, во кој се препозна нашата колешка Мирослава Симоновска од „Слободен печат“. Тогашниот шеф на ВЈО Скопје, Мустафа Хајрулахи, тврдеше дека од Обвинителството незаконски се изнесуваат документи од надзор врз работата на обвинителството со кое тој раководеше. Освен колешката Симоновска, на тајната снимка со заматено лице беше и ќерката на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски. Загрозувањето на безбедноста и сигурноста на Симоновска беше првиот мотив да почнеме да истражуваме што се крие зад тајното снимање.
Дали го штитите поранешниот државен обвинител Љупчо Коцевски?
ИРЛ не штити ниту актуелни ниту поранешни државни функционери. Напротив, ИРЛ се финансира од меѓународни грантови за да истражува и објавува домашни и прекугранични истражувачки стории за криминал, корупција, тргување со влијание и неправилности кои произлегуваат токму од државни органи или именувани функционери. Ние сме веќе наградувана редакција – лидер во Југоисточна Европа за истражувачко новинарство и глобално поттикнуваме други сродни организации да го следат нашиот пример. Впрочем, во сторијата јавно објавивме и дека новинарката Мирослава Симоновска е разочарана од државниот обвинител зашто не направил ништо за да ја заштити неа, но и својата ќерка.
Истражувањето недвосмислено го вклучува Коцевски како проблематична фигура и лоцира вина преку непостапување за да ги заштити службеничките – чин кој може да се толкува преку амбициите да ја задржи својата позиција државен јавен обвинител.
Како дојдовте до Извештајот од надзорот во ВЈО Скопје?
Извештајот беше најтежок да се пронајде бидејќи институцијата направи сè овој документ да остане сокриен од јавноста. До извештајот дојдовме преку лице што се охрабри да ни биде информатор согласно Законот за заштита на укажувачите донесен во 2015 година во Собранието на Македонија.
Изворот презеде висок личен ризик по својот углед и физички интегритет за да ѝ го овозможи правото на јавноста да знае како однатре функционира Вишото јавно обвинителство Скопје. Медиумите во Македонија имаат право да не го откријат својот извор, вклучително и ако станува збор за укажувач. Тоа право е загарантирано со членот 16 од Уставот и со Законот за медиуми, член 12. Согласно врвните меѓународни, професионални и етички стандарди усвоени од ИРЛ, организацијата има обврска да го штити идентитетот на извори кои од оправдани причини сакаат да останат анонимни. ИРЛ, согласно професионалните стандарди на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, е обврзана, како во конкретниот случај, да го заштити идентитетот на извори доколку заканите се насочени кон физичкиот интегритет на личноста, а особено кога дел од нив доаѓаат, меѓу другото, и од страна на насилни групи кои се занимаваат со прекуграничен криминал како шверц на луѓе, оружје и дрога.
Зошто не го истражувавте случајот „Бонуси во СЈО“?
Бонусите во поранешното СЈО, случајот со високите патни трошоци за пратениците во парламентот, купувањето луксузни возила за градоначалници во општини со блокирани сметки и многу други теми со години се обработувани од страна на многу редакции. На нив сме работеле и ние и сме дошле до слични или исти докази. Како истражувачка редакција секој месец се соочуваме со десетици предлози, сугестии и барања за обработка на теми што за поединци се исклучително важни, предложени директно од граѓаните. Нашата работа се води од јасни уреднички критериуми: јавен интерес, системска злоупотреба, докази што можат да се потврдат и потенцијал за општествено влијание. Одлуката да не објавиме сторија за одредена тема не значи игнорирање, туку уредничка процена дали сме дошле до нешто ново со кое би можеле да се издвоиме од другите.
















