ИРЛ по првпат ја расклопува шемата по која обвинители ја манипулирале правдата во Македонија. Зад институционалната фасада се крие мрежа од луѓе во органите на прогонот. Откривме како се носат непрофесионални одлуки зад затворени врати, во кабинети и писарници, а играта се мести уште пред да почне. Истражувањето е многу повеќе од само хроника за злоупотреби во Вишото обвинителство Скопје. Документ до кој дојде ИРЛ илустрира како системот и правдата се растегливи и приспособливи кога државата треба да гони моќници.
Известува: Бојан Стојановски
Кога некој кривичен предмет ќе има разврска во основен суд, тој не исчезнува од системот. Најчесто оди на решавање пред повисокиот суд – апелацискиот, откако обвинителството или обвинетиот ќе поднесе жалба на пресудата.
Но, таму предметите веќе не ги застапуваат обвинители од основните обвинителства или од Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, туку обвинители од некое од вишите јавни обвинителства.
Токму вишите обвинители имаат клучна одлука врз конечниот исход на судските процеси, кога јавноста најчесто веќе заборавила на нив.
Тие ги бранат или уриваат предметите пред апелациските судови и со одлука на вишиот јавен обвинител постапката може да запре, иако е во фаза на жалби. Имаат можност да се откажат од жалба или да се повлечат од обвинението. Со ваквата одлучувачка моќ, повисокиот суд веќе нема можност на расправа и да одлучува.
Во Македонија има четири виши обвинителства: ВЈО Битола, ВЈО Штип, ВЈО Гостивар и ВЈО Скопје. Скопското вишо обвинителство функционира на подрачјето на Апелацискиот суд Скопје. Врши надзор на работата на обвинителствата во Скопје, Велес, Куманово, Кавадарци, Гевгелија и Крива Паланка. Надзор врз работата на ова обвинителство врши државниот обвинител.
На 16 декември 2025 година Љупчо Коцевски даде оставка од позицијата државен јавен обвинител, но пред да се повлече иницира надзор во ВЈО Скопје. Причина биле индиции за незаконско постапување во институцијата која тогаш ја раководеше вишиот обвинител Мустафа Хајрулахи.
„Од позиција на државен јавен обвинител имав обврска, првпат после повеќе од четири години, да извршам надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје бидејќи до мене дојдоа информации и пресуди од Врховниот суд кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во Обвинителството“, изјави Коцевски на 21 октомври 2024 година.
Тој никогаш не откри зошто во Вишото јавно обвинителство Скопје четири години немало ваква контрола.
Контролата во ВЈО Скопје открива незаконско работење
Надзорот на работата почнал на 10 октомври 2024 година, а завршил четири дена подоцна. Лиле Стефанова од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), Елвин Вели и Џелал Бајрами поранешен министер од ДУИ, се тројцата обвинители кои според годишниот распоред за координирање и следење на работата за подрачјето на ВЈО Скопје го извршиле надзорот.
Го контролирале работењето на ова обвинителство во периодот од 1 јануари 2023 до 10 октомври 2024 година. Се воделе според Правилникот за утврдување на начинот на вршење надзор врз работата и постапувањето на јавните обвинителства, поточно членот 6.

Тројцата обвинители проверувале како биле примани предметите, како биле заведувани и распределувани, но и како потоа било постапувано со нив.
Низ обвинителствата во Македонија нема компјутерска распределба на предмети. Процесот се врши рачно и е уреден со Правилник за внатрешно работење на обвинителствата. Во скопското вишо обвинителство има три уписници во кои се заведуваат предметите: КОЖ, КОЖ 1 и РО.

Контролата покажала дека не се почитувал членот 22 од Правилникот за внатрешно работење на обвинителствата каде што е јасно наведено дека јавнообвинителскиот службеник го потврдува приемот на поднесокот со приемен штембил.
„Во сите контролирани предмети на пресудите и решенијата примени од Апелацискиот суд Скопје нема приемен штембил, а датумот на прием се забележува со ракопис“, пишува во извештајот од надзорот на работата на ВЈО Скопје до кој дојде ИРЛ.
Надзорот открил пропусти и во заведувањето и распределувањето предмети во уписниците КОЖ и КОЖ 1. Иако Правилникот предвидува тие да се заведат истиот ден кога се примени, ако поради бројноста не се стигне, тоа мора да се направи наредниот ден пред да започне да се заведува новата пошта со предмети што стигнале до скопското обвинителство.
Но, наместо почитување на оваа одредба, предметите не се заведувале со денови. Во извештајот стои дека се прекршени членовите 22, 30 и 35 од Правилникот за внатрешно работење на обвинителствата.
„Со непочитувањето на член 22, член 30 и член 35 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства се создава можност за неправилно распоредување на предметите кај јавните обвинители“, се заклучува во документот од надзорот.
Правилник за внатрешно работење на обвинителствата
Клучно откритие во извештајот е што во повеќе случаи не се следел распоредот за распределба на предмети според годишниот распоред за работа.
Предметите мора да се заведуваат редоследно, а секој од вишите обвинители има римски број. Предметите се распределуваат од најмалиот кон највисокиот, редоследно и без можност за манипулации и прескокнувања на редот.
„Во делот на распределбата на предметите постојат ситуации кога римскиот број на јавниот обвинител на кој бил заведен предметот се прецртува и се запишува број на друг јавен обвинител, без во графата забелешка да се наведе зашто“, стои во документот од надзорот на работењето во ВЈО Скопје.
Обвинителот под римско II
Обвинителите во Вишото јавно обвинителство Скопје имаат распоред и редоследно ги добиваат предметите од службите кои имаат обврска да ги примат и распределат. Според распоредот, сите виши обвинители се препознатливи токму според римскиот број што го добиле за тековната година. И дел од надзорот во ВЈО Скопје се однесува на начинот на кој се заведувале предметите и дали се почитувал правилникот кој го уредува ова.
Откако преку надзорот се утврдило дека има пропусти во заведувањето на предметите, тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски побарал од обвинителите кои вршеле контрола да изработат дополнителен извештај. Во него требало детално да се провери работата на вишите скопски обвинители и нивното постапување.
Биле анализирани 39 случаи од 2023 и 2024 година во кои виши обвинители се откажале од жалба или се повлекле од обвинение. Во дури 35 предмети проверките покажале пропусти во постапувањето. За четири случаи се утврдило дека има кривично дело во постапувањето на виш јавен обвинител.
„При надзорот се утврди дека при повлекувањето на жалбите или откажувањето од обвинение во дел од предметите не се изготвени службени белешки и укажувања до основните јавни обвинителства, а во дел од предметите не е известен вишиот јавен обвинител за намерата за повлекување на жалбата“, покажале проверките.
Целта на надзорот била да се утврди дали вишите јавни обвинители при повлекување од жалби или обвиненија постапувале законито, стручно и професионално. Четирите случаи кои дополнително се проверувале им биле сомнителни на членовите на комисијата за надзор. Сите овие случаи биле заведени кај обвинителот со римско два, Јован Цветановски, тогашен заменик на шефот на ова обвинителство, Мустафа Хајрулахи. Во овие случаи Цветановски или се повлекол од обвинение или се откажал од жалба.
Попречена правда
Четирите случаи што се проверувале се „Поштенска банка“, изградбата на вили во скопското село Зелениково на некогашниот телевизиски уредник Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа (познат како случај „Тревник“), потоа случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции и уште еден навидум обичен случај за точење алкохол на дете во Неготино.
Сите овие предмети пред Апелацискиот суд Скопје ги застапувал обвинителот под римско два, Јован Цветановски. Токму за овие случаи требало дополнителна проверка на 18 и 19 ноември 2024 година.
Хајрулахи и Цветановски: „Таргет сме поради бонусите во СЈО“
Кога поранешниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, го соочивме со детали од надзорот и пријавите на службеничките дека им вршел притисок да заведуваат предмети спротивно на Правилникот, тој ги отфрли и наодите во извештајот и тврдењата на петте жени дека ги малтретирал. Ни тврдеше дека не ја злоупотребил позицијата и не наредувал кој предмет на кој обвинител да му биде доделен.
„Ако имаше таква злоупотреба, ќе имаше други мерки од страна на Кoцевски. Ова се користи само како параван за да можат да ме отстранат од тоа обвинителство и за да можат да ги протнат сите други предмети од поранешното СЈО. Кажете ми, еве вие сте во тек со сите настани, дали сево ова се случи како резултат на бонусите во СЈО“, рече Мустафа Хајрулахи за ИРЛ.
Дополнително за Хајрулахи е спорно што обвинителката Лиле Стефанова била дел од тимот за надзор. Таа го застапуваше случајот „Поштенска банка“ во поранешното Специјално јавно обвинителство, па според него таа директно вршела контрола на свој предмет. Меѓутоа, надзорот врз случајот „Поштенска банка“ се однесува само на постапувањето на обвинителот Јован Цветановски и дали се однесувал професионално и законито кога се повлекол од жалба бидејќи доказите и исказите ги цени судот.
„Лиле Стефанова постапувала во прв степен во предметот ‘Поштенска банка’. И истата таа обвинителка доаѓа да врши надзор над истиот тој предмет. Над својата работа. Кажете ми, дали е тоа нормално?“, посочи Хајрулахи за ИРЛ и додаде дека само обвинителот Џелал Бајрами, кој бил дел од тимот за контрола во ВЈО Скопје, имал кредибилитет.
Во однос на прашањето како токму „Поштенска банка“, „Тревник“, случајот „Серта“ и предметот за точење алкохол на дете биле заведени под римско два, односно кај Јован Цветановски, Хајрулахи одговори дека имал можност да му даде предмет на обвинител според Правилникот и член 35. Но, не смеел да му сугерира каква одлука би донел, дали ќе се откаже од жалба или ќе се повлече од обвинение како во конкретните четири случаи.
„Како јас ќе му кажам на Јован Цветановски да донесе ваква или онаква одлука“, вели Хајрулахи.
Обвинителот Цветановски во допис до ИРЛ наведе дека распределбата на предмети е регулирана со Правилникот за внатрешно работење во обвинителствата и оти службите ги внесуваат во уписници и ги распоредуваат кај јавните обвинители.
„Како службите ги заведувале и по кој принципи, мене не ми е познато, ниту била моја предметна работа“, вели Цветановски.
Никогаш како заменик на Мустафа Хајрулахи не слушнал дека службенички вработени во скопското вишо обвинителство се пожалиле на притисоци од шефот како да распределуваат предмети.
„Јас девет години како обвинител во ВЈО Скопје ниту сум препознал какви било девијантни појави меѓу вработените или помеѓу вработените со Мустафа Хајрулахи, напротив, видов за целиот период, особено меѓу нив, многу коректни односи“, додава Цветановски.
Тврди дека не му биле местени предмети и оти секоја одлука ја донел самостојно и независно.
„Одговорно тврдам дека мене некој не ми местел предмети бидејќи нема мотив за тоа и одговорно тврдам дека јас, како и во сите стотици предмети, во овие предмети сум постапувал законито и како виш јавен обвинител предметите сум ги анализирал од сите аспекти, што е и моја надлежност и сум донел одлуки зад кои стојам и сега и во иднина“, тврди Цветановски.
Во својот опширен одговор на прашањата на ИРЛ, обвинителот посочи и дека коренот на неговите проблеми во Вишото јавно обвинителство Скопје бил предметот за бонусите во СЈО на кој работел. Цветановски, исто како Хајрулахи, смета дека Лиле Стефанова не смеела да врши надзор за случајот „Поштенска банка“ бидејќи како дел од СЈО го застапувала предметот.
„Преку тенденциозно формирање работна група во која е вклучена Лиле Стефанова, која има конфликт на интерес бидејќи е дел од пријавените во бонусите СЈО, притоа врши надзор и на свој предмет, па користејќи ја својата моментална позиција со подмолен и незаконит пристап на својата работа интервенира и со наводен надзор да фингира мое незаконито работење кое, се разбира, на крај би довело до оспорување на мојата одлука за бонусите на СЈО“, посочи Цветановски.
И Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски се единствени во ставот дека причина за вонредниот надзор во ВЈО Скопје, во кое беа шеф и заменик-шеф, е одлуката случајот со бонусите во СЈО да има обвинителска разрешница и да не биде затворен онака како што двапати одлучувало Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата.























