Четириесетина лица кои што ноќва влегле во Северна Македонија, воглавно на граничниот премин Деве Баир, се однесени директно во хотелот “Ибис” кај трговскиот центар “Олимпико” во населбата Тафталиџе како дел од мерките за справување со ширењето на КОВИД вирусот.
Ова е воедно и првиот државен карантин којшто владата го најави како мерка согласно одлуките од последната седница. Дежурниот тим на ИРЛ беше на терен за да види како се спроведува првиот полициски час кој започна во 21 часот вечерва, кога здогледа како поголема група луѓе влегуваат во овој хотел.
Оние кои што влегуваа во групниот карантин беа нервозни, а атмофсерата беше тензична. Една госпоѓа одбиваше да ги носи куферите, други господино панично бараше и молеше нешто од полицијата.
Тие излегуваа од автобус на компанијата “Вардар Експрес”, како и од неколку автомобили со странски и домашни таблички. Наоколу имаше полиција и војска, медицински лица со заштитни скафандери, а го сретнавме и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски кој пред хотелот го набљудуваше спроведување на операцијата на носење на групата во државен карантин.
“Државата за овие карантини ќе плаќа околу 600 денари од човек по ден, во кои што ќе бидат вклучени и три оброци, рече генералниот секретар Драги Рашковски во куса изјава за ИРЛ.
Денеска хотелиерите се побунија дека понудените цени од Владата биле ниски и дека тие немале обучен персонал за вакви ситуациии.
Поврзани стории:
Босанците обвинуваат дека поради корупцијата се дозволило ширење на корона вирусот
Како медиумите и институциите потфрлија во случајот Пепелиште: Групен карантин за само десет Роми
Од 300 луѓе кои минале на Деве Баир, само 9 Роми се однесени во групен карантин