Босанците беа шокирани оваа недела кога слушнаa дека политички поврзан локален бизнисмен можеби употребил приватни контакти за да ги прескокне пропишаните протоколи за безбедност за време на приемот во болница, носејќи го корона вирусот на најлошото можно место – на одделот за белодробно заболување.
Пишува: Здравко Љубаш за OCCRP – партнер на ИРЛ; адаптираше за ИРЛ: Ива Јовановска
Со затворањето на училиштата, продавниците, баровите и границите, властите рекоа дека направиле сé што можат за да ја задржат Босна на дното на списокот на земји погодени од озогласениот вирус.
Но, нивните напори беа поткопани оваа недела со корупција и непотизам што го опфаќаат општеството со децении наназад, а сега го загрозуваат животот на сиромашното население.
Обвинителите отворија истрага за случајот со Венцел Пралас, бизнисмен од Мостар, со наводни политички врски и околностите при негов прием во една од двете болници во градот.
Тој и неговиот син влегоа во вторникот навечер на ургентниот центар на болницата преку „задна врата“, изјави за новинарите директорот на болницата Анте Квешиќ. Благодарение на докторот кој бил нивни пријател, тие, наводно ги прескокнале безбедносните протоколи што земјата им ги наметна на болниците по појавувањето на Ковид-19 на глобално ниво.
Во тој момент, во градот немаше потврдени случаи на заболени со Ковид-19.
Двајцата се осомничени дека не се пријавиле кога се вратиле од Италија. И двајцата имаат распираторни проблеми, а нивниот доктор, кој им е пријател се погрижил таткото да биде примен во Одделот за белодробни заболувања, откако му била дијагностицирана пневмонија.
Пациентот бил тестиран дури отпосле, иако некое време слободно си шетал низ ургентниот центар и одделот. Резултатот ја принуди скоро целата болница да оди во карантин, оставајќи го градот без доволно квалификуван персонал, откако првите луѓе во градот се тесираа позитивно.
Полицијата ги лоцирала и изолирала лицата кои биле во контакт со Пралас и обвинителите покренаа истрага „поради можна кривична одговорност на пациент, но и на лекар“. Ќе се земат сите потребни медицински документи и записи од камерите за надзор на болницата, кажаа од обвинителството.
Итниот одговор на обвинителството е „силна порака за сериозноста на состојбата со која се соочуваат сите вработени во болницата во Мостар, како и жителите на градот“, рече за ОССRP новинарот и уредникот на локалниот портал за вести Републикаинфо, Вера Солдо.
„Има многу непотврдени случаи, предизвикани од итната постапка за карантин на Одделот за белодробни заболувања и Интензивна нега, вклучувајќи го и медицинскиот персонал, кој нема да може да помогне никому во следните две недела“, рече новинарот од Мостар.
Таа додаде дека без оглед на истрагата, останува прашањето дали некој навистина ќе биде казнет за „загрозување на медицинскиот персонал, пациентите и граѓаните на Мостар“.
Таа шпекулираше дека наместо да се бори против вирусот, енергијата ќе се троши на „прикривање на небрежност, неодговорност, непотизам и фаворизирање за време на пандемија“.
Бесни граѓани на социјалните мрежи го осудија неодговорното однесување на Пралас, повикувајќи се информациите изнесени во медиумите за врските на неговото семејство со водачот на една од владејачките партии во Босна, националистичката хрватска демократска унија (ХДЗ).
Низ градот се шират гласнини дека овие врски му помогнале да ги прескокне безбедносните процедури. Некои дури инцидентот го означија како „терористички напад“.
Пред да биде ставен на вентилатор во петокот, Пралас даде изјава во која ги негираше тврдењата дека тој ја посетил Италија и се жалеше дека е „линчуван“.
„Настрана на тоа што јас и моето семејство сме првите пациенти во Мостар кои се тестирани позитивни, за жал, ние сме и првите жртви на линч што го споделуваат некои медиуми, јавни лица и јавноста,“ напиша Пралас во писмото кое го испрати до неколку локални медиуми.
Додека Босанците беснееја за „првиот пациент во Мостар’, државната гранична полиција во земјата објави апсење на еден нивни службеник и суспензија на пет други осомничени за корупција.
Уапсениот службеник е обвинет дека зел мито за да пушти три лица да ја минат границата, кои доаѓале од земји со кои Босна ги затворила своите граници, заради избувнување на вирусот Ковид-19.
„Тој директно го загрози здравјето на голем број граѓани“, дозволувајќи им на тројцата да влезат во земјава „за одредена сума пари што ги побарал од нив“, се вели во соопштението објавено од Државната гранична полиција.
Полиција потврди дека ги пронашла и ги изолирала патниците, пред да се сретнат со други луѓе.
Шефот на граничната полиција, Зоран Галиќ, рече дека е „згрозен“ и таквото однесување го нарече „срамно и погубно“.
Сепак, еден ден подоцна Галиќ беше принуден да даде уште една изјава, велејќи дека тој суспендирал уште петмина гранични полицајци за земање мито на граничните премини, уште пред да се изврши забраната поврзана со вирусот.