Press "Enter" to skip to content

Како медиумите и институциите потфрлија во случајот Пепелиште: Групен карантин за само десет Роми

Групниот карантин  во касарната на Криволак наменет за двесте граѓани кои од преминот Деве Баир требаше да бидат пречекани и спроведени со армијата имаше цел да ни покаже дека институциите се сериозни и на готовс во борбата со КОВИД-19. Наместо тоа, и по три дена јавноста уште се занимава со мистериозниот случај за тоа како од 200 патници, се случи само десет да бидат пратени во карантин и тоа сите Роми. ИРЛ ве води низ овој неовообичаен случај кој има потенцијал да покрене прашања на расна дискриминација и нееднаков третман во спроведувањето на мерките. ИРЛ со помош на колегите новинари, фактографски ве води низ изјавите и настаните во овие два дена во случајот кој се претвори во мистерија.
Сопружниците кои се вратија од Италија во Дебар беа центарот од којшто се ширеше заразата во градот кој, барем засега, е единствен во карантин. Докторката поради која што двесте луѓе од Скопје и државата завршија во домашен карантин беше на скијање во Италија. Сите досега идентификувани жаришта се речиси без исклучок наши државјани вратени од земјите каква што е Италија, државата која само денеска изгуби 475 свои сограѓани и е глобално најпогодена. Друга инфицирана пациентка дојде од Холандија. Трети, гости во Македонија од Србија заразиле скопјанец.
Преуранет пиар
По ова и бројните институционални апели да не се патува надвор од земјата, особено кога речиси сите европски земји ги затвораат границите, падна и првата построга мерка на владата – патниците кои доаѓаат од надвор ќе одат во групен карантин.
Поминаа два дена откако се најави групниот карантин во касарната Пепелиште на Криволак за македонски државјани кои доаѓаат од Бугарија и Романија. На социјалните мрежи од официјалните страници на фунционерите во живо одеше увидот на министерката за одбрана Радмила Шеќеринска во касарната. За најавените 200 нашинци кои требаше петнаесет дена да бидат во групниот карантин во касарната, државата испрати порака дека се потребни сериозни мерки, а таа за истите има подготвени одговори и знае што прави.
„Како во социјален експеримент од филмовите звучеа тие најави. Сите комшии само за тоа зборувавме, како ли ќе им биде на овие двесте луѓе. Што ли ќе се случува понатаму“, вели скопјанецот Живко Неделкоски од скопската насела Пинтија. „А, сега велат дека само десет биле, јас не знам веќе што е вистина, не можам да разбирам“, ова беше одговорот на пасионираниот следач на дневни вести и тазе пензионер  Живко Неделкоски.
Од најавените двесте, во карантин завршија само десет лица, сите музичари и сите Роми.
Што навистина се случи
Ден прв, 16 март, 22 часот, заедничка прес конференција на министерите за здравство и надворешни работи Венко Филипче Никола Димитров, членови и на Кризниот штаб
„Една група од приближно двесте македонски граѓани со комуникација со Романија и Бугарија успеавме да ги извлечеме и најверојатно ќе дојдат на преминот Деве Баир во раните утрински часови”, вака министерот за надворешни работи прв го најави конвојот кон Деве Баир, а со тоа и првиот групен карантин. 
Следниот ден министерот за здравсто ќе потврди дека карантинот станува реалност. Ќе каже дека тоа е најдобро решение за спречување на ширењето на заразата врз останатото население, побара разбирање и увери дека ќе бидат исполнети сите хумани и достоинствени услови за лицата во групниот карантин.
Ден втор, 17 март 12 часот
Екипата на ТВ 24 е на граничниот премин Деве Баир со Бугарија и го чека најавениот конвој.
14 часот, прес конференција на Венко Филипче, министер за здравство 
Тие ќе одат во групен карантин во касарната во Пепелиште, каде ќе имаат лекарски тим, ќе им биде направена проверка, ќе биде обезбедена храна и се што е потребно“, рече Филипче.
18 15 часот,  министерката за одбрана се упатува кон касарната Пепелиште на Криволак каде што надгледува до каде се подготовките за карантинот на овие 200 лица.
„Министерството за здравство ќе обезбеди лекарски тимови за овие лица. Министерството за одбрана заедно со Службата за општи и заеднички работи на Владата ќе обезбедат вода и храна. Во акцијата ќе се побара вклучување и на УНДП со цел нашите сограѓани да бидат обезбедени со вода и храна за време на целиот престој на Криволак. Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика и Службата за општи и заеднички работи ќе обезбедат мобилни тоалетни кабини“, сподели Шекеринска.
19 часот, новинарски екипи со часови дежураат на граничниот премин Деве Баир и чекаат да видат како ќе изгледа спроведувањето на толку лица во првиот групен карантин.
Новинарот на Телевизија 24 Владимир Тевчев и по неколку часа чекање на границата не го дочекува најавениот конвој со двесте луѓе. Работите, во најмала рака, изгледаат чудно и произлегуваат многу дополнителни прашања.
„Полициски возила уште напладне завчера беа подготвени да го преземат најавениот конвој со 200 македонски граѓани кои се враќаат дома. Додека чекавме, можев да забележам поединци и помали групи, претежно наши студенти во Бугарија како пеш ја поминуваат границата и потоа нивни роднини ги прифаќаа на македонскиот дел од граничниот премин. Разговарав со една група од пет студенти кои ми кажаа дека се вратиле од Софија. Нив ги пречека повозрасен човек, кој беше дојден со поголемо возило за да ги преземе. Откако претпоставувам дека потпишаа изјави дека ќе одат во 14 дневна изолација, си заминаа дома. Чудно ми беше што за нив немаше никаква полициска придружба“, објаснува Тевчев за ИРЛ.
Подоцна Тевчев ќе забележи дека конвојот од полициски возила се придвижува заедно со едно комби. Во него ќе бидат сместени лица. Тоа се музичарите – Роми од оркестарот. Но, недостигаат 190 лица. Тимот на ТВ24 уште вечерта ќе тргне кон Пепелиште. Тие нема да видат нови луѓе донесени во групен карантин. Музичарите, пак, по своето пристигнување, веднаш реагираа на нехуманите услови во кои што се сместени во касарната.
Од тие двесте луѓе само ние сме овде, сето тоа е лага, само нас не’ заокружија и не’ доведда овде. Ние сме и армијата овде. Зошто ние не можеме да одиме во домашен карантин како сите други, прашаа музичарите обраќајќи се преку видеа снимени со нивниот мобилен телефон.
Ги покажаа и валканите перници и чаршафи, но најмногу сакаа да знаат зошто баш тие и зошто само тие.
Фотографии од собите за спиење направени од музичарите ноќта кога се сместија во Касарната
Ден трет, 18 март, 11 часот
Хелсиншкиот комитет за човекови права ќе соопшти дека оваа ситуација е загрижувачка и ќе укаже дека дискриминацијата е забранета со устав. Тие ќе ги потврдат лошите и нехумани услови за престој во касарната. Подоцна надлежните ќе дадат контрадикторни изјави. Министерот за здравство ќе тврди дека само 10 од оние 200 пристигнале. По реакциите за лошите услови, ќе најави преместување во Заводот во Демир Капија.
„Веќе денес ќе бидат префрлени во зградата во Демир Капија, која е сосема нова, не е користена и условите се добри. И јас ги видов на социјалните мрежи условите во Пепелиште и навистина жалам. Сепак се надевам дека ја разбираат важноста на ситуацијата зашто е тоа направено. И ете, можеби биле условите лоши, неколку часа, но сигурен сум дека ќе разберат и ќе се придржуваат до советите кои им ги даваат лекарите“ – рече министерот за здравство.
Зошто само ние
Четврти ден, 19 март
Ромите од оркестарот сега се во Демир Капија во групен карантин. Нивното прашање е едно: Зошто само ние? Медиумите ги пренесоа нивните видео пораки. Екипата на ИРЛ тргна во потрага по одговорите. Во меѓувреме доаѓаа авиони полни со патници, потпишуваа изјави и се праќаа во самоизолација или домашен карантин.
Во Министерството за здравство прашавме како точно се утврдува кој граѓанин ќе оди во самоизолација, кој во домашен, а кој во групен карантин поради сомнежи за зараза од Коронавирус или Ковид-19. Упативме барање до полицијата колку луѓе влегле во овие три дена во групи или поединечно на сите гранични премини, а за спорната ноќ баравме и посебни податоци за преминот Деве Баир. Музичарите тврдат дека немаат симптоми и бараат како сите други и тие да одат во домашен карантин. ИРЛ се обидува да ги расветли овие информации со службите од Кризниот штаб. Но, сите наши прашања и телефонски разговори завршуваат со зборовите „пратете електронска порака“.
Потрагата по архивата низ медиумите се покажа речиси бескорисна. Групниот карантин во касарната Пепелиште на Криволак предизвика големо медиумско внимание. Но, освен пренесување на видеата на затекнатите граѓани во касарната и бројни клик бајт текстови подготвени за кликови и заработка, речиси и да нема новинарски извештаи кои навлегле длабински да го расветлат овој случај и да понудат точни и релевантни информации за случувањата во Пепелиште.
Медиумите изгубени во пандемијата: Каде се критичните осврти на работата на институциите
Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии во екот на кризата го набљудува начинот на којшто известуваат медиумите.
„Министерот Филипче покажа дека може да се комуницира со јавноста на смирен и професионален начин, а граѓаните да добијат и информации и уверување дека државата прави најмногу што може да го намали ефектот на коронавирусот кај нас,“ вели таа. 
Сепак, Трајкоска е загрижена што медиумите не даваат критичен осврт на работата на институциите, што е основната работа на новинарите. А во време на Ковид 19 и една натегната и тензична борба со вирусот, улогата на медиумите станува фундаментално важна за справување со вирусот.
„Медиумите учествуваат во концептот на нормализирање на ненормалноста. Сега, во ова време на корона, новинарите треба да зборуваат во мое име, во наше име и во име на тие што не може да прашаат. Денеска треба да добиеме точни и прецизни информации за тоа зошто во карантин и после еден ден се ставени само десет музичари од Битола, а сите други (а се повеќе стотина граѓани), што влегле во Македонија се пуштени со изјава во самоизолација?! Денеска треба да добиеме прецизна и целосна информација за одлуката на Владата за оневозможување на граѓаните што ќе излезат од Македонија да не може да се вратат 3 месеци дома, треба да знаеме врз основа на кои законски норми е донесена оваа одлука и дали е согласно Уставот, односно дали се прекршуваат основните човекови права за слободно движење?! Овие прашања не гледаме дека се поставени или некоја одлука на институциите дека е критички (а не партиски) опсервирана и е ставена на тестот на јавен интерес. Дел од медиумите само ги пренесуваат информациите, без длабинска анализа и без дополнителни прашања. А тоа е најстрашно за новинарската професија и за демократијата во една земја, вели Трајкоска и порачува дека во време на вакви кризи, фактите навистина се богови, а не паниката и патетиката, “, ќе заклучи Трајкоска во освртот за ИРЛ.  
Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.