Press "Enter" to skip to content

Заев повикува на широк фронт за борба против корупцијата, се стеснува ли просторот за изговори

Република Северна Македонија ќе биде земја на економски просперитет, а 2019 нема да биде само година на ЕУ и НАТО, туку и година на реформите. За тоа да се случи сите мора да се бориме за праведна држава без корупција. Вака сублимиран звучи наративот кој денеска провејуваше во целиот говор на премиерот Зоран Заев кој укажа дека изговори повеќе нема, сега откако парламентот донесе одлука.

„Од денес ќе се работи на економскиот и реформски прогрес. Земја на фер општество. Правен систем во кој ќе имаме доверба. Промената е неизбежна,“ рече премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција по повод изгласувањето на уставните измени коишто се дел од Преспанскиот договор“.

Акцентот беше на економијата, но тој напати истакна дека за поволна бизнис клима мора да има владеење на правото и отворено ги повика сите чинители во општеството и самите граѓани да креираат широк фронт на борба со корупцијата.

„Економскиот напредок може да се случи само ако сите работиме чесно и одговорно. Затоа мора да и се спротиставиме на корупцијата. Затоа очекувам Собранието да ги донесе законските измени во Законот за антикорупција со кој што конечно ќе добиеме силно, независно тело кое ќе им пркоси на секој функционер, секој поединец и организирана група кои имаат намера да стекнуваат корист врз грбот на граѓаните. Подготвени сме, барам вклученост од секој еден граѓанин во суштинска борба против корупцијата и криминалот. Ова е заедничка акција со која што правиме оваа економија да биде растечка“, рече Заев.

Во деновите пред крајот на минатата година требаше да се донесе новиот закон за спречување на корупцијата којшто одредува и нов начин ќе функционира Антикорупциката комисија. Законот не се донесе, а критиките се вжештија со акцент на фактот дека оваа влада од почетокот на својот мандат нема надзор, а повеќе од педесетина пријави за конфликт на интереси кај фунцкционерите кои стигаат до Комисијата, едноставно чекаат истата да се формира.

Заев денеска и лично се обврза дека тој закон ќе се донесе. Борбата со корупција и организираниот криминал не е неважно прашање за партнерите надвор на оваа влада. ГРЕКО, односно Групата на држави против корупција, Европската унија, другите стратешки партнери во своите извештаи и анализи непрестајно потсетуваат дека без владеење на правото и борбата со корупцијата не само што не е можен напредок, туку не е можна ниту стабилност во регионот ако се имаат во предвид врските на организираниот криминал со домашни и странски влади во регионот на Западен Балкан и Источна Европа.

Се стекнува впечаток дека по ова прашање нема да се затвораат очите, а и самата Европска комисија во врвните стратешки приортите за Западен Балкан и Македонија од 2018 година ја стави борбата против корупцијата и ресторирањето на принципите на владеење на правото и фундаменталните слободи. А, поводи за сомнежи во тие намери се дадоа напати.

Кратка историја на засега загубената доверба 

Борбата со корупцијата и организираниот криминал беше поставена највисоко на владината агенда уште при формирањето на владата во јули 2018 година. Случаите на Специјалното јавно обвинителство помогнаа за креирање на перцепцијата дека оваа влада е решителна во намерите да работи на она што се дотогаш се чини невозможно – борба со високата корупција.

Македонија до скоро беше земја која не испрати во затвор ниту еден свој премиер, но затоа осуди еден кој  избега. Друг кој стигнал најблиску со решетки е Владо Бучковски од СДСМ за случајот резервни тенковски делови. Но, како за време на претходната власт, така и сега, тој е слободен  осуден човек за кого повисоките судови уште не се состанале да постапуваат по неговата жалба.

Нештата добиваат друг тек со пуштањето од притвор на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и неколку моќни бизнисмени на чело со Орце Камчев. Реакциите на невладините организации кои се занимаваат со борба против корупцијата, како и на дел од експертската и медиумска јавност не беа во полза на одлуката на СЈО да бара куќен притвор без притоа да му го одзеде ниту правото на комуникација со сведоци на Мијалков. Некогашниот архетипски непријател на некогашниот опозиционер Зоран Заев којшто е обвинет за најмасовното прекршување на човековите права во аферата „Бомби“ сега е дома и тоа покренува прашања за намерите и искреноста во декларативно изразената волја за правда.

Скорешните скандали вклучуваат и масовни вработувања во јавната администрација за кои што власта тешко наоѓа оправдувања, обвинувања за непотизам и продолжување на праксата партизација на државата. Медиумите пишуваат и за афери со градежни земјишта доделувани на блиски лица до власта, тендери, како оној со реагенсите во кој се отвори сомнеж за крајните корисници од оваа владино-спонзорирана зделка, па пропадна (привремено), обвинувања за нетранспарентност во јавните набавки, па се до „ситни скандали“ како вработувања на личните фризери и домашни пријатели и разни братучеди, снаи и сопружници на високи функционери како генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски или владиниот генерален секретар Драги Рашковски. Се замерува и на изборот на судии и јавни обвинители, а се отвораат сомневања за влијание на членови на извршната власт врз судската власт.

Прочитајте:

Како Јанева го правдаше куќниот притвор за Мијалков и Камчев

Законот за спречување на корупција повлечен под притисок на Европската Комисија

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »