Press "Enter" to skip to content

Законот за спречување на корупција повлечен под притисок на Европската Комисија

Антикорупциска нема, а барања за истражување судир на интереси постојано пристигаат. Се чека на новиот закон за антикорупција којшто требаше да биде изгласан минатата недела, но безуспешно. Владата тврди дека сакале подобар и поевропски закон, но ИРЛ дојде за информации дека забелешките за предложениот закон се токму од Европската комисија. 

Откако предлог-законот за спречување корупција и судир на интереси помина низ неколку собраниски филтри, Владата на последната седница, на 28 декември минатата година, одлучи да го повлече од процедура. Во образложението од владата пишува дека законот е повлечен за да му се стави европско знаменце и да може побрзо да ги помине сите филтри во Собранието.

„Со ставање на европско знаменце предлог-законот добива предност при постапката како приоритетен и реформски и истиот ќе биде побрзо усвоен“, ни одговорија од Владата.

Седница на Влада

Првата верзија на законот предложена од владата ја помина Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, за на следната Комисија да се најде нова и изменета верзија на законот предложена од група пратеници. На предлог-законот имало поднесено десетици амандмани од опозицијата, но и од самото министерство за правда за да се поправат оние делови во кои Европската комисија имала забелешки.

Во верзијата на законот предложена од владата било предвидено главниот збор во изборот на новата комисија да го има собраниската комисијата за избори и именувања. Откако ЕУ реагирале дека со ова се дава премногу моќ на комисијата, во следната верзија на законот, предвидено е да се формира Комисија за селекција која ќе одлучи како ќе бидат рангирани кандидатите за членови на Антикорупциската комисија.

ЦЕЛ МАНДАТ ВЛАСТА Е БЕЗ НАДЗОР

Формирање на нова и силна, неподлежна на притисоци Антикорупциска комисија беше еден од приоритетите на оваа влада. Во планот 180 -Итни реформски приоритети на новата влада во првите шест месеци пишува:

„Ќе предложиме нов формат за вистинска Антикорупциска комисија, со пристап до сите институции и информации, силен мандат и независен состав“.

Но еве и по речиси две години како се на власт, нова комисија се уште нема. Претставките поднесени за, референдумот, вработувањата во државните институции, промени на имотни состојби минаа без збор, бидејќи немаше комисија која може да одлучува по нив.

Од март до сега постоечката антикорупциска комисија е и без кворум за работа и одлучување. Антикорупционерите беа фатени како си исплаќаат патни трошоци со лажни налози. По ова, 5 од вкупно 7 члена во комисијата си поднесоа оставки, а предметите со сомнеж за корупција, доставени до нив останаа да чекаат подобри времиња.

Седница на поранешниот состав на Антикорупциска комисија

До комисијата заклучно со 30 септември пристигнале 40 пријави за сомнежи за корупција, 19 барања за мислења за спроведување на референдумот, 50 предмети за судир на интереси, 450 изјави за интереси, една пријава која се однесува на надлежностите на ДКСК по однос на евидентирањето и следењето на имотната состојба и 11 барања за пристап до информации од јавен карактер. Ниту една од овие пријави или барања не е истражена затоа што нема комисија која би можела да ги сработи овие случаи.

ПОДОБАР ЗАКОН-ПОСИЛНА КОМИСИЈА

На новиот закон за спречување на корупција се работеше со месеци. Во Министерството за правда имаше работна група која работеше на нов закон и требаше да ги отстрани сите недостатоци од претходниот закон  за да може да се формира, нова и силна комисија која нема да подлегнува на притисоците од политичарите.

Според документот што е објавен на интернет страницата на Собранието, новата комисија ќе ја сочуваат шест членови плус претседател (исто како и досега). Според Европската комисија која дала дваесетина забелешки на законот, бројот на членови на комисијата е сменет во последен момент. Прво било предвидено да има вкупно пет члена, а според ЕК промената во седум члена значи дека ги зголемува ризиците од политизација на комисијата. Исто така, според ЕК, предлог законот не обезбедува доволно гаранции дека членовите на комисијата ќе бидат селектирани врз основа на професионалните критериуми.

Министерката за правда, Рената Дескоска вели дека забелешките а ЕК се на неколку прашања.

„Забелешките на ЕК се однесуваат на постапката за избор, надлежност на секретаријатот и ефективна прекршочна постапка. Се е ставено во текстот што е пуштен по скратена постапка во Собрание од страна на пратениците. Текстот е одобрен од ЕУ“, ни одговори министерката Дескоска.

По оваа изјава, истиот ден законот беше повлечен од собраниска процедура.

КАКО ЌЕ СЕ БИРААТ ЧЛЕНОВИТЕ НА ДКСК

Пријавите на сите потенцијални членови на ДКСК ќе ги разгледува Комисија за селекција која ќе биде составена од седум членови. Еден член номиниран од Народниот правобранител, еден претставник на Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор за областа Демократија и владеење на правото, еден член во Советот за соработка меѓу владата и граѓанскиот секторот за областа Медиуми и информатичко општество и по двајца пратеници од власта и опозицијата.

По селектирањето на оние кандидати кои ги исполнуваат условите, истата комисија ќе организира интервју со кандидатите на кое прашања ќе можат да поставуваат пратениците членови на комисијата, членови на МАНУ, членови на здруженијата на новинари, Народниот правобранител и на Интер-универзитетската конференција. Комисијата за селекција утврдува ранг листа на кандидатите и  ја доставува на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која најдобро рангираните кандидати му ги предлага на Собранието во единствена предлог листа за претседател и членови на Државната комисија, со образложение за секој од предложените кандидати. Ако Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието не ја утврди листата, Собранието ќе гласа поединечно за секој од кандидатите кои ги исполнуваат условите  согласно ранг листата составена од комисијата за селекција. Ако ниту Собранието не избере претседател и членови, целата постапка се повторува во целост. Новиот конкурс за членови може да се распише веднаш или за најмногу десет дена од седницата.

КАКВИ ДРУГИ ПРОМЕНИ НОСИ ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈАТА

Според законот, претседателот на Комисијата ќе зема плата исто колку и потпретседателот на Собранието, а платата на останатите членови ќе биде колку и пратеничката плата.

Во новиот закон антикорупциска комисија има надлежност да го следи и финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборните кампањи.

Зголемени надлежности во овој предлог има и генералниот секретаријат на комисијата. Ќе треба да ги разгледуваат пријавите пред да и предложат на комисијата да расправа или пак да не разгледува некое прашање. Генералниот секретаријат ќе може да поднесува и прекршочни пријави или пак да ги проследува предметите до други надлежни институции.

Розета Трајан, Генерален секретар на ДКСК вели „овој закон е можеби единствениот закон во кој се утврдени конкретни обврски за вработените во насока на остварување на надлежностите на ДКСК, што не е во корелација со нивниот статус на административни службеници. Одредба од законот упатува на вршење на посебни овластувања од страна на вработените во Секретаријатот на ДКСК, што воедно мора да подразбира и промена на нивниот статус“.

Конкретно за законот Трајан вели дека од квалитетната имплементација и неговото целосно заживување ќе зависи и квалитетната работа на ДКСК. „Во тој контекст, а водени од заедничката цел, цениме дека има простор за дополнително подобрување на целината на текстот и на предложените законски решенија“, вели Трајан.

ЗОШТО Е ПОТРЕБНА СИЛНА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА

Нови вработувања, исплаќање на субвенции, издавање на дозволи за изградба, лиценци за одгледување марихуана, именување на членови на управни одбори во ек на избори. Се што ќе посакале од владата на ВМРО-ДПМНЕ, антикорупциската комисија на чело со Игор Тантуровски им ги исполнувала сите желби. Без оглед дали било предизборие или пак се уште немало формирано влада или општински совети, ВМРО-ДПМНЕ барала, а комисијата дозволувала.

Од друга страна пак, безброј скандали, корупциски афери, фамилијарни вработувања изминативе десет години поминаа во сенка затоа што антикорупционерите не постапуваа по ниту еден предмет за поранешната владејачка ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот состав на Антикорупциска комисија дава заклетви во Собранието

Се решаваа само некои ситни случаи за судир на интереси за раководители во претпријатија и случаите во кои требаше да се обвини тогашната опозиција.

Членовите на антикорупциската комисија ги премолчеа и бомбите кои ги објавуваше тогашната опозиција, а имотниот лист на поранешниот премиер Никола Груевски, кој сега е во егзил во Унгарија се чуваше во најголема тајност.

Пред неколку месеци, тимот на ИРЛ направи емисија во магазинот „Проверено“ за реформите во Антикорупциската комисија, како и за она што го работеле поранешните антикорупционери. Погледнете ја целата емисија на „Проверено“.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »