Press "Enter" to skip to content

Студентска мизерија: Студентите во студентските домови се хранат со 1 евро дневно

Едно евро за храна дневно и една банана месечно добиваат студентите сместени во државните студентски домови „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“ и „Кузман Јосифовски – Питу“, кои функционираат под капата на Државниот студентски центар Скопје – ДСД Скопје.

Од 3,5 милиони евра просечен годишен буџет со кој располага ДСД „Скопје“ само 15 отсто се издвојуваат за исхрана на студентите, а 28 отсто за плата за вработените, покажуваат резултатите од истражувањето на Младинскиот образовен форум.

„За подготовка на оброците на студентите се трошат 61 денар дневно за појадок, ручек и вечера во кои треба да се вклучат и млечни и месни производи, а пресметките ни покажаа дека за станарите во просек се обезбедува 1 банана месечно. Бројката на станари низ годините се намалува и тоа не е само поради масовното заминување на младите од нашата земја, туку и поради лошите услови во домовите“, вели Петар Барлаковски, програмски асистент во МОФ.

Ова се дел од заклучоците на две нови истражувања на Младинскиот образовен форум кои се фокусираат на квалитетот на живот и перцепцијата на студентите за корупција во домовите за периодот од 2014 до 2018 година.

МОФ ја истражувал и перцепцијата на студентите за корупција во студентските домови, а коруптивните дејствија ги мереле според одредени параметри како користење врски, давање подароци или пари за добивање легло, влијанија, притисоци и закани од страна на политички партии врз студентите за одредена корист, како и доделување легла на припадници на одредени политички партии.

Истражувањето покажало дека дури повеќе од 30 отсто имале лично искуство со некое од горенаведените коруптивни дејствија, а 40 отсто од студентите забележале корупција во рамки на домот. Загрижувачки податок е дека дури 89 отсто од студентите не знаат каде да пријават корупцијата доколку се сретнат со неа.

Примарната цел на проектот е поттикнување на институциите на потранспарентно и поодговорно управување со студентските домови, како и вклучување на други институции, организации и правни лица за подобрување на условите во домовите.

Додека сте на нашата страница прочитајте ги истражувањата на ИРЛ за условите во студентските домови:

Случај Студентски дом „Пелагонија“: Пеколни домаќини на пеколен дом

 

Случај „Пелагонија“: Телохранителот на Груевски држел без пари фитнес клуб среде студентски дом, го „честеле“ директорите

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »