Press "Enter" to skip to content

Стевчо Јакимовски: Трпение за правдата или уште еден потсетник за пропадната борба со високата корупција

Пишуваат: Сашка Цветковска и Александра Д. Гоцевска

Веста дека Стевчо Јакимовски излегува од куќен притвор по барање на обвинителот помина бледо и со штури известувања потопени од партиските агенди во нивните гласила, но и од веста дека од денес веќе навистина го нема СЈО. Малкумина се сеќаваат и на истрагата на ОЈО за Јакимовски, но уште се поматни сеќавањата за истрагата на СЈО за Јакимовски која го вклучуваше него, Никола Груевски и Миле Јанакиевски.

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, по шест месеци излезе од куќен притвор. Јакимовски е пуштен од притвор затоа што истекол законскиот  рок во кои Обвинителството може да го држи во притвор без да поднесе обвинение.

„Согласно закон мерката притвор за време на истражната постапка може да трае најмногу шест месеци, поради изминување на овој временски период, надлежниот обвинител побара од судот мерката притвор да биде заменета со други мерки за обезбедување“, се вели во одговорот на Обвинителстото.

Дали ќе има обвиниение за Јакимовски ќе се знае дури за 15 дена. Сега, одбраната треба да изврши увид во доказниот материјал и да предложи нови докази или пак да побара некои докази да бидат отстранети.

„Во овој предмет се сослушани сведоци и сите осомничени, прибрани се материјални и вербални докази и истрагата е завршена. Во моментот тече рокот од 15 дена во кој одбраната на осомничените треба да изврши увид во доказниот материјал и да предложи докази. По истекот на законски утврдениот рок од страна на јавен обвинител ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука“, велат од Обвинителството.

Иако за поранешниот градоначалник на Карпош има три кривични пријави, досега не е процесирано ниту едно обвинение. ИРЛ денеска испрати прашање до ОЈО кој е надлежниот обвинител кој го води случајот, но од таму не ни одговоија на ова прашање.

Незаконска легализација, дивоградби и криминални јавни набавки

Работењето на ексградоначалникот Јакимовски МВР го истражувало од 2011 до 2017 година, а предмет на истрагата била легализација на згради на улицата „Илинденска” каде веќе се продаваат станови.

За Јакимовски и двајца вработени во општината се бара притвор, додека шестмина инвеститор беа повикани на разговор.

Според МВР, осомничените противзаконски овозможиле легализација на земјиште и објекти во државна сопственост, за потоа неколку градежни фирми да се стекнат со екслузивно право на откуп. Земјиштето го присвоиле по цена од 450 денари за метар квадратен.

„Пријавените постапувајќи по барања за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на булеварот Илинден, на катастарски парцели во општина Карпош, во периодот од 2011 до 2017 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и ги пречекориле границите на своите службени овластувања“, изјави по апсењето во март годинава Тони Ангеловски од Министерството за внатрешни работи.

Колку пријави има против Јакимовски

Ова не беше прво апсење на Јакимовски. Минатото лето во август тој беше приведен по што му беа изречени мерки на претпазливост. Во таа истрага се сомничеше за злоупотреба на службената положба, а штетите по буџетот, според обвинителството, изнесуваа околу 560 илјади евра.

Неколку дена по оваа пријава, Финансиската полиција поднесе нова кривична пријава која вклучи и две градежни фирми за бесправно градење. Наместо да спречи дивоградби тој дозволил објектот каде што е сместена општинската администрација да се изгради без одобрение за градба и без соодветна архитектонско – урбанистичка администрација.

Јакимовски дел и од истрага на СЈО

Пропаста на СЈО веројатно израдува многу од истражуваните високи функционери и моќни бизнисмени. Судењата течат, а надлежни обвинители нема. Во голем дел од случаите нема ниту време за делување, како случајот со митото со кинеските кредити за патишта за кој веќе е јасно дека Никола Груевски ќе се извлече. Се селат бомби и се закопуваат институции кои се градеа во атмосфера на работ на граѓанска војна. Осомничените лица од СЈО шетаат слободно во Македонија и во странство. Од притвори ги селеа во куќни притвори, од куќни притвори излегуваа со мерки за безбедност, а некои како Јордан Камчев и сосема слободни. Списокот на вакви лица расте. Денеска од куќен притвор излезе Стевче Јакимовски, озогласен карактер од македонското политичко милје. И тоа во истрага на Обинителството за гонење на организиран криминал водено од Вилма Рускоска. Малкумина паметат дека Стевчо Јакимовски беше истражуван и од СЈО и тоа во случај каде што осомничени беа тој, Никола Груевски и Миле Јанакиевски.

Во октомври минатата година Специјалното јавно обвинителство отвори истрагата под кодно име „Хармонија“ која опфати три осомничени лица, повторно за Злоупотреба на службената положба и овластување. Едно од овие лица беше Стевчо Јакимовски, а другите двајца Никола Груевски и Миле Јанакиевски.

„Постои основано сомнение дека во 2012 година осомничените Никола Груевски претседател на Владата на РМ, Миле Јанакиевски и Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина Карпош, со искористување на својата службена положба, како соизвршители, за Приватен Меѓународен Балкански Универзитет Скопје прибавиле значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 евра.

Според СЈО Груевски сакал да им помогне на свои блиски приајтели од Турција да добијат две две градежни парцели на атрактивно земјиште во северниот дел на касарната Илинден, по нереално ниска цена од само 71 денар по м2, наспроти предвидената почетна цена од 1.400. ден по м2. Груевски на седница на Владата издејствувал измена на уредбата која се однесува на продажба на државното земјиште, со што била утврдена почетна цена од 61 денар по м2 за јавно наддавање. Во договор со шефот Груевски, Јанакиески испратил допис до Стевчо Јакимовски, градоначалник на општината, да спроведе постапка за отуѓување на споменатите парцели по пат електронско наддавање. Со цел да се минимизира можноста за учество и на други правни субјекти во наддавањето, Груевски предвидел дополнителен посебен услов – учесниците освен акредитација за високо образование, да приложат и несразмерно висока гаранција од 100.000 евра по парцела.

По објавата за јавното наддавање на почетокот на месец мај Балкански универзитет се пријавува на наддавањето кон крајот на месец мај, но комисијата утврдила и по електронски пат го известила универзитетот дека документацијата не е комплетна и дека не може да учествува.

Во договор меѓу Миле Јанакиевски и Стевчо Јакимовски, градоначалникот некомплетните документи му ги вратил на претставник од Универзитетот, по што употребувајки ја својата службена положба побарал од комисијата повторно да ги прими назад, сега веќе комплетните документи и да му допуштат да учествува на електронската аукција.

На тој начин му овозможил на правниот субјект како единствен учесник на аукцијата да се стекне со две парцели по цена од само 71.00 денар по м2, со што му овозможиле на Универзитетот да се стекне со значителна имотна корист во износ од 23.730.912 денари, односно 385.868 евра.

Следната година, во ноември, осомничените Груевски и Миле повторно на Балкански универзитет му овозможиле противправна имотна корист, во износ од 15.951.237,00 денари односно 259.370 евра, а на штета на буџетите на град Скопје и општина Карпош овозможувајќи им незаконски да платат 50% пониска цена комуналии за изградба на објект на споменатите две парцели.

Очекувањата дека оваа истрага ќе го види светлото на деното се минимални со оглед на техничките заврзлами, но и на отсуството на политички дијалог и волја за справување со високата корупција. Веројатно е поизвесно дека Јакимовски наскоро ќе шета уште послободен или барем ослободен од товарот на истрагите на СЈО каде што неговата и контролата на негови блиски луѓе беше литимирана.

Профил: Стевчо Јакимовски