Ако до 10 октомври нема правосилна пресуда за Никола Груевски, тој ќе се спаси од затворска казна за случајот „Траекторија“ поради застареност. Адвокатите на обвинетите за ИРЛ велат дека шансите за пресуда се никакви, бидејќи за три недели невозможно е да има простепена, а камоли правосилна пресуда од Апелациониот суд, што е неопходно за да се запази рокот и случајот да не застари.
Обвинетиот Никола Груевски одбројува до 10 октомври, а обвинителката Лиле Стефанова која го застапува случајот пред суд денеска не се појави на рочиште. На барање на СЈО и Републичкото јавно обвинителство судењето се одложи, бидејќи неизвесно е дали и натаму Стефанова ќе биде обвинител во овој случај.
„Траекторија“ е „најтешкиот“ предмет кој го отвори СЈО. Груевски, заедно со поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта Љупчо Георгиевски се обвинети дека го оштетиле буџетот за 155 милиони евра. Четворицата се гонат за финансиски проневери при изборот на фирма за изградба на автопатите Кичево – Охрид.
Груевски е обвинет за кривичното дело „Примање награда за незаконито влијание“ (чл.359 ст.2 од КЗ) , т.е. за договарање провизии со кинеската фирма изведувач „Синохидро“. Според Кривичниот законик за ова дело предвидена е затворска казна од една до три години. Кривичното дело се случувало од ноември 2012 заклучно до 10 октомври 2013 година кога е донесена одлуката кинеската „Синохидро“ да ги гради автопатите, иако вториот понудувач дал пониска цена од 4.800.000 евра. Претставници на одбиената компанија „СВЕ“ барале прием кај тогашниот премиер Никола Груевски, но работата веќе била средена со кинеската „Синохидро“, со договор во четири очи и надвор од Законот за јавни набавки.
Според обвинението државниот буџет е оштетен за 155.117.256 евра, а тоа е разлика меѓу цената која ја плаќаме како држава на „Синохидро“ и цената која таа ја плаќа на подизведувачите кои ги градат автопатите. Опозицијата за овој случај снимките ги објави во март 2015 година како „Чесноста на премиерот Груевски“. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев тогаш рече:
„Денеска сите ќе бидеме сведоци како Груевски договарал проценти и провизии во милиони евра, правел незаконски упади во тендерски постапки, фаворизирал и местел фирми да добијат тендери, бесчувствително местел и луѓе да кршат закони за негови цели и интереси, како украл милиони евра народни пари преку тендерите за железницата и автопатите“.
Според Кривичниот законик, апсолутна застареност на делото на Груевски настапува на 10 октомври 2019 година. За останатите тројца обвинети судењето ќе продолжи. Тие се обвинети за друго кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување ( чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 и чл.22 од КЗ ), за што е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Па за нив судскиот процес продолжува, а застареност настапува дури во октомври 2023 година.
Истрагата за случајот „Траекторија“ беше отворена на 22 мај 2017 година, а обвинение беше поднесено на 29 јуни 2017 година. Од почетокот досега се одржаа над 20 рочишта, а процесот го води судијата Горан Бошевски.
Никола Груевски е обвинет во вкупно шест случаи, а пресуда има само за случајот „Тенк“, каде за набавката на луксузниот „Мерцедес“ од 600.000 евра е осуден на затворска казна од две години. Тој е обвинет и во случаите „Титаник“, „Т.Н.Т.“, „Насилство во Центар“, „Траекторија“и „Талир“. Во дел од овие случаи Груевски е обвинет за дела за кои се предвидени затворски казни и над десет години. Засега нема завршница за ниту еден од нив, а на пример, судењето за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ во „Талир“ е на почеток.
Со денешното одложување на случајот „Траекторија“ се помали се шансите бројчаникот на премиерот Зоран Заев закачен на Триумфалната капија да ги брои парите кои криминалците ќе им ги вратат на граѓаните. Бројчаникот засега отчукува во корист на мафијата.