Press "Enter" to skip to content

Три дилеми околу иднината и предметите на СЈО

Советот на јавни обвинители денеска одлучи да ги испрати обвинителите на СЈО назад во обвинителствата од коишто доаѓаат. Но кој ќе ги води предметите на овие обвинители и дали опцијата да им се вратат на обвинителите на СЈО е во игра, тие посочија дека тоа може да се случи само по налог на Државниот јавен обвинител. Ако Јовевски сака, Јовевски може, ова е накусо пораката испратена од Советот до Јовевски.

(Насловна фотографија: Сите обвинители на СЈО пред преземањето на мандатот во 2015 година/Архива)

Што ќе се случува со јавните обвинители на СЈО

Советот на јавни обвинтели денеска донесе одлука сите обвинители во Специјалното јавно обвинителство да се вратат во своите матични обвинителства каде што работеле пред да бидат избрани за обвинители во СЈО. Ова значи дека обвинителите Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов и Артан Ајро се враќаат во ОЈО Скопје, Стефчо Донев во Обвинителството во Кочани, Владимир Лапе во Обвинителството во Куманово, каде ќе продолжи со работа и Бурим Рустеми, а обвинителката Елизабета Јосифовска се враќа во ОЈО Гостивар. Обвинителката Лиле Стефанова се враќа во обвинителството во Радовиш, затоа што во мај 2018 година и истекол мандатот во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева од денеска останува без работа, затоа што од денеска и престанува и мандатот во ОЈО Гевгелија.

Кои обвинители ќе можат да работат на предметите на СЈО

На 6 овој месец Држаниот јавен обвинител одлучи да ги преземе сите случаи од СЈО, а денеска претседателот на Советот на јавни обвинители Ацо Колевски, изјави дека републичкиот обвинител Љубомир Јовески ќе може предметите на СЈО да ги предаде за работа на оние обвинители кои смета дека се подобни. Но дали обвинители кои не се дел од Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе можат да работат на случаи од ваков калибар?

Колевски денеска изјави дека предметите се веќе во рацете на државниот јавен обивнител и дека тој може да одлучи за судбината на предметите на СЈО и да определи кој обвинител ќе работи на кој случај. Случаите според него, може да се вратат кај истите обвинители.

Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев не се согласува со овој став. Тој за ИРЛ вели дека на предмети кои ги води Државното јавно обвинителство можат да работат само обвинители во ова обвинителство.

„Со оглед на фактот што предметите ќе ги земе Јавниот обвинител на Македонија заедно со предметите тој треба да ги земе и обвинителите од СЈО. Тоа значи дека Советот на обвинители треба да ги именува во обвинители на државното обвинителство, и така ќе добијат овластувања да можат да ги застапуваат и да ги водат понатаму истрагите. Ниту еден друг обвнител од друго обвинителство не може да работи на овие случаи. Ова нема никаква логика, личи како свесно да го прават ова за да ги уништат предметите“, вели Илиев.

Постои ли се уште СЈО

Одговарајќи денеска на новинарско прашање дали од денеска СЈО не постои, претседателот на Советот на јавни обвинители кажа дека одлуката за враќање на обвинителите во матичните обвинителства стапува на сила веднаш штом биде објавена. Што значи ниту еден обвинител од СЈО утре нема да оди на работа во ова обвинителство. Што ќе се случува со истражителите и останатите вработени во СЈО се уште не се знае. Колевски рече дека под нивна надлежност се само обвинтелите, додека останатите вработени се под надлежност на Министерството за правда.

Сепак, тој напомена дека законот за СЈО е уште е до важност до 2020 година и ако во меѓувреме договори в.д. обвинител Советот ќе одлучи по ваквиот предлог.

Колевски не ја исклучи можноста сите овие обвинители да бидат префрлени во Обвинителството за гонење организиран криминал.

„Ако до нас стигне предлог за нова систематизација на Обвинителството за организиран криминал и корупција што ќе значи и вработување на поголем број обвинители, ние ќе објавиме јавен оглас на кој ќе можат да се пријават сите јавни обвинители, па и тие што работеле во СЈО и ќе се донесе одлука за избор“, рече Колевски.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »