Press "Enter" to skip to content

Стевчо Јакимовски обвинет за финансиски криминал и незаконско градење

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, е обвинет за Злоупотреба на службената положба и Бесправно градење. Јавното обвинителство за борба со организиран криминал денеска објави дека освен Јакимовски обвинети се уште 10 лица, од кои дел се негови соработници од општината.

Екс градоначалникот на Карпош е обвинет дека во периодот од 2011-2017 година повеќе пати извршил злоупотреби при јавни набавки за општината, незаконска легализација на времени објекти од деловен карактер и приватизација на градежно земјиште сопственост на државата.

„Во периодот од 2012-2013 година во постапка за јавна набавка, првообвинетиот причинил штета на буџетот на општината во износ од 14.609.653,63 денари. Откако јавната набавка била спроведена и бил склучен договорот, првообвинетиот давал усни инструкции на изведувачот за изведување на дополнителни работи, со што вкупната вредност на работите за изведување надминала 100% од вредноста на основниот договор“, пишува во обвинението.

Јакимовски кривично ќе се гони и за незаконски изградените објекти на општината, за кои немало одобрение за градба. Според обвинението, Јакимовски заедно со раководител од општината во 2016 година поднеле барање за нивна легализација иако според законот објектите не можеле да бидат легализирани, бидејќи биле изградени по законскиот рок за легализација. А, потоа објектите биле вметнати во урбанистичкиот план.

На товар на Стевчо Јакимовски му се става и продажбата на земјиштето кај поранешната кафеана „Имес“ во Карпош 3. Двете фирми кои граделе со непосредна спогодба го откупиле земјиштето по цена од 438 за метар квадратен, иако пазарната цена бил 18.000 денари. На овој начин, според обвинителството, Јакимовски ја оштетил државата за 510.000 евра.

„Со потпишаните Решенија за утврдување на правен статус на времените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти, овозможиле три правни и едно физичко лице да се стекнат со право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите сопственост на Р.С. Македонија“, соопшти Јавното обвинителство.

Во текот на истрагата било утврдено дека едната фирма откако откупила 1533 метри квадратни за 11.000 евра, по само дваесет дена ја продала за 660.000 евра.

Јакимовски беше приведен во март годинава, а судија на претходна постапка му одреди куќен притвор каде помина шест месеци.

Стевчо Јакимовски: Од харизматично лице до непринципиелен политички профитер

Се бара притвор за Стевчо Јакимовски поради продажбата на земјиштето кај „Имес“

Застаруваат предметите на СЈО, Никола Груевски на чекор да се спаси за кинеските провизии во „Траекторија“

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »