Последното рочиште помеѓу Министерството за здравство и компанијата „ЕМС“ мина во тензична атмосфера. Фирмата ќерка на „Фероинвест“ бара да и’ се исплатат 1,2 милиони евра за изградени три модуларни амбуланти, додека министерството спори дека поради незаконскиот анекс со којшто сумата се зголемила за да се подобрат безбедносните стандари по пожарот во Тетово – договорот е ништовен. Адвокатот на тужителот бараше репортерот на ИРЛ да биде отстранет од судницата и да не известува за случајот. На тоа не се противеше државната правобранителка која треба да ги застапува интересите на државата.
Известува: Маја Јовановска
Кочо Анѓушев го тужи Министерството за здравство и бара да му бидат исплатени речиси 1,2 милиони евра за изградбата на три модуларни амбуланти во Скопје. Последното рочиште се одржа вчера во Граѓанскиот суд во Скопје. Тужбата е поднесена бидејќи Министерството за здравство одбива на фирмата „Енерџи меинтененс солушнс“ (ЕМС), дел од конзорциумот „Фероинвест“, да и’ ги исплати парите за градежни услуги се’ додека не завршат сите правосудни постапки за модуларните објекти кои ги изградија фирмите на господинот Анѓушев.
Судењето кое го следеше ИРЛ беше трето и последно рочиште. Ден пред рочиштето Министерството за здравство испратило допис до Државното правобранителство со кој бара Договорот за изградба на модуларните амбуланти да го прогласи за ништовен. Министерството за здравство како аргумент наведува член од Тендерската документација во кој пишува:
„Носителот на набавката не смее, при извршување на договорот за јавна набавка, да ангажира лица кои биле вклучени во евалуација на понудите поднесени во постапка за доделување на договор за јавна набавка, во времетраење на договорот. Во тој случај договорот се смета за ништовен“.
Министерството за здравство во дописот го наведува истражувањето на ИРЛ „Убиство во Тетово“ во кое обелоденивме дека претседателката на Комисијата за јавни набавки во министерството Вања Андонова, која воедно вршела и евалуација на понудите за изградба на амбулантите, сега работи во компанијата „Брако“.
Адвокатот на „ЕМС“ побара судијката да не го прифати овој доказ со оглед дека се поминати две и пол години откако е склучен договорот и досега немало институционална реакција.
Судијката одлучи да го прифати барањето на Министерството за здравство за ништовност на договорот како доказ кој ќе го разгледува при носењето на пресудата која ќе ја изрече на 3-ти ноември.
Адвокатот на Анѓушев бараше новинарката на ИРЛ да биде отстранета од судењето, правобранителката не се противеше
Медиумите многу ретко бараат дозвола да известуваат од судските процеси кои се одржуваат во Граѓанскиот суд во Скопје. Овој суд е надлежен за имотно – правни односи, бракоразводни парници, стечаи, стопански спорови, односно предмети кои во најголем дел немаат јавен интерес. Освен кога станува збор за случаи на навреда и клевета или, пак, како актуелниот кога тужена е државата.
Неколку часа пред судењето ИРЛ побара дозвола од Граѓанскиот суд за фотографирање на странките во судскиот процес. Претседателот на судот, Илир Сулејмани, го одби барањето со изговор дека адвокатот на тужителот Ратко Ѓорѓиевски не дава согласност за присуство на новинарите на ИРЛ, иако судењата се јавни и секој граѓанин може да биде дел од судскиот процес.
„Тужителот преку својот адвокат Ратко Ѓорѓиевски во писмена форма изјави дека не дава согласност за врши звучно и визуелно снимање, известување, фотографирање и јавно прикажување на рочиштето.“, пишува во Решението потпишано од претседателот на судот Илир Сулејмани.
За согласност била прашана и државната правобранителка која го застапува Министерството за здравство, но и таа не дала согласност, бидејќи комуникацијата се одвивала само по писмен пат.
„Законскиот застапник на тужениот (Државниот правобранител) се произнесе дека со тужениот (Министерство за здравство) комуницира по писмен пат, а со оглед на краткиот рок во конкретниов случај, не е во можност да се произнесе по однос на поднесетото барање без претходно да оствари контакт со својот властодавец“, бил одговорот од Државното правобранителство.
Правобранителката која го застапува предметот го одмолчи барањето за остранување на јавноста од судницата и не се заложи за транспарентност во постапката.
Адвокатот на Анѓушев бараше судијката да ја отстрани новинарката од судницата и да не дозволи во јавноста да излезат детали од судењето. ИРЛ пред рочиштето побара одобрение и од Врховниот суд, кој донесе спротивно решение и одобри снимање и фотографирање во судницата. Сепак, судијката Благица Ѓошевска по советување со претседателот на судот Сулејмани одлучи да постапи по насоките на нејзиниот шеф и одобри присуство на новинарката на ИРЛ, но не ги испочитува насоките од Врховниот суд да се фотографира или сними дел од рочиштето.
Владата ќе го чека исходот од судската постапка
Проектот за изградба на модуларни болници почна во мандатот на министерот Венко Филипче, кога беа изградени 19 ковид болници низ цела Македонија. А, потоа со истата техничка документација и истите услови се распиша тендер за изградба на десет модуларни амбуланти во Скопје. Двата тендери ги добија фирми на господинот Кочо Анѓушев. Во двете постапки претседател на комисијата за јавни набавки беше Вања Андонова.
Кога се случи пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 – ми септември 2021 година, во завршна фаза беа три амбуланти во Скопје. Документите кои ИРЛ ги објави во документарниот филм „Убиство во Тетово“ покажаа дека објектите не нудат минимални безбедносни стандарди од пожари и целиот проект по трагедијата е стопиран. Постои и допис од фирмата изведувач „ЕМС“ до Министерството за здравство испратен една недела по пожарот во кој самоиницијативно бара да се подобрат стандардите за заштита од пожари. Министерот Филипче одобрува дополнителен буџет и незаконски склучува Анекс на договорот со кој се зголемува цената и се пролонгира рокот за изградба на објектите.
Наследникот на Филипче, Беким Сали, спроведува интерна истрага која треба да даде одговори дали тендерската постапка за замена на старите скопски амбуланти била спроведена законски и дали при изградбата биле запазени сите безбедносни стандарди.
Изготвен е ревизорски извештај во кој се утврдени сериозни пропусти во проектот за амбулантите, а директна одговорност се лоцира во дејствијата на министерот Филипче, неговата советничка Вања Андонова и изведувачот „Енерџи Меинтененс Солушнс“. Министерот Сали не ги исплаќа фактурите, ниту го раскинува договорот. Овој проблем го наследува актуелниот министер Фатмир Меџити.
На 13 јули годинава Меџити изјави дека имал средба со претставници на компанијата „Брако“ на која се договориле спогодбено да ги исплатат парите.
„Тоа е веќе судски процес и имаше многу камати. Седнавме со сопствениците од компанијата, се договоривме да ги тргнат каматите, спогодбено да се исплати тој износ, тоа што имаат изградено, тоа што е во ред, а за другото да се тргнат од тоа што го бараат. Тоа го поминавме на Влада, како информација и за тоа добивме поддршка“, изјави тогаш Меџити.
Но, по објавата на истражувањето „Убиство во Тетово“ владата ја смени одлуката и реши да завршат сите судски постапки.
„Претходниот министер има нарачано ревизија и таа е доставена до Владата заедно со документите кои што се однесуваат на неплатените модуларни болници и сметам дека врз основа на сите тие документи и Владата ќе одлучи. Мој став е дека врз основа на сите документи за плаќањето на останатите ќе може да биде извршено кога ќе завршат сите правосудни постапки“, изјави на 17 август премиерот Димитар Ковачевски.
На последното рочиште државната правобранителка на прашање на судијката дали се водат други постапки за модуларните амбуланти одговори дека нема такви информации. За модуларните амбуланти кои ги градеше „Брако“ има предистрага која ја води Јавното обвинителство за борба против организиран криминал и корупција. Отворена е веднаш по пожарот, во септември 2021 година, и се уште е во фаза на предистрага.
За пожарот во Тетово донесена е првостепена пресуда за непочитување на здравствени протоколи и загрозување на животот на пациентите со која беа осудени условно двајцата поранешни директори на болницата во Тетово. Обвинителството поднесе жалба до Апелациониот суд во Гостивар кој треба да закаже јавна седница.
Доколку не сте го гледале документарниот филм „Убиство во Тетово“, го споделуваме на линкот подолу