Press "Enter" to skip to content

Комисиски шампиони: Садула зашто не сме Швајцарија

Ова не е приказна за работата на владините комисии. Ова е илустрација на партиската окупација во институциите и за моќта дадена на некомпетентните индивидуи кои имаат предност пред јавниот интерес.

Садула Дураки не им е омилен политичар на граѓаните. Неговата популарност, впрочем, и не била јавно мерена. Не покажа речиси никакви резултати како министер за животна средина, а дополнително го навлекуваше гневот на граѓантие поради тоа што не се срамеше и вербално да покаже дека не му е баш гајле што мислат граѓаните. Јавноста очекуваше да биде казнет во таканаречената операција „метла“. Но тој не само што не беше казнет, беше награден не само со министерско, ами и со вицепремиерско место. ИРЛ го пронајде како тазе именуван член во дури 4 од 6 внатрешни владини комисии. Кога се делат функции во институциите на владата, Дураки ќе има збор и моќ во владината комисија за избори и именувања, на пример. Или, кога ќе се продава државно земјиште.

Садула зашто не сме Швајцарија

„Знаете дека ние не сме Швајцарија“, ќе рече новиот вицепремиер Садула Дураки, прашан како Македонија се справува со загадениот воздух.

Дураки е во право кога вели дека не сме Швајцарија. Во таа држава има само седум министри кои ги решаваат сите проблеми на граѓаните. Македонија има 23 министри и 16 министерства, а премиерот Зоран Заев има 5 заменици – вицепремиери. И многу проблеми, криминал, корупција, непотизам.

Садула Дураки е најтазе вицепремиер и министер на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Тој на вицепремиерското место дојде од Министерството за животна средина, каде беше министер две години без да одржи ниту една прес-конференција.

Машинскиот инженер со диплома од Приштина, во кусата биографија доставена до Собранието за себе напиша дека има познавања од Интернет експлорер и Мајкрософт офис, а од други вештини дека поседува солидни менаџмент особини, работа во група, работа под стрес и комуникативност. И со овие квалитети тој доби кабинет во Владата веднаш до премиерот Заев.

Но, Дураки со неговата амбициозност не застана само на овие две функции. Неодамна на седница на Влада тој е избран да членува во четири владини комисии и ја држи шампионската титула. ИРЛ побара од Владата список на сите владини комисии бидејќи тие не се транспарентно објавени на интернет страната на владата.

Садула Дураки и премиерот Зоран Заев

Садула за доручек, ручек и вечера

Во рамки на Владата има има шест комисии. Три основни – за политички систем, економски систем и човечки ресурси и три посебни комисии – за приватизација, станбени прашања и именување.

Садула Дураки е претседател е на Комисијата за приватизација, а е член на комисиите за станбени прашања, именувања и политички систем.

Политикологот Миша Поповиќ од Институтот за демократија објаснува дека членувањето во основните комисии на Владата е по службена должност. Оттука, логично е некои министри или министерки да бидат членови на повеќе од една комисија, поради областа на работа на нивното министерство.

„Меѓутоа, во посебните комисии има можност одлуките да бидат и поконкретни, па на пример ги одредуваат условите за приватизација на одредено земјиште, предлагаат луѓе за именување на државни институции и претпријатија итн. Секако, комисии на вакво високо ниво разбирливо е да носат и политички одлуки. Но, зачестеноста на членување на едни министри наспроти други, се црвено знаменце кое укажува дека ова се дополнителни извори, но и показатели на политичка моќ. Особено доколку членувањето не е по директна службена надлежност, туку по друг принцип“, вели за ИРЛ Миша Поповиќ.

Дураки како претседател и член на Комисијата за приватизација одлучува за државниот капитал во сите негови форми. Приватизација, удели, кадровска политика во фирмите во кои државата има акции, носи одлуки за продажба и закуп на деловни објекти.

Во Комисијата за политички систем тој разгледува предлози за донесување закони од областа на политичкиот систем, се грижи за функционирање на парламентарната демократија и владеење на правото.

Комисијата за станбени прашања, во која иста така дел е Дураки, одлучува за давање под закуп на државни станови на функционери и социјално загорзени лица.

Вицепремиерот е и во Комисијата за именувања која поднесува предлози до Владата за назначување на директори на државни институции и членови во управни и надзорни одбори.

Кога прашавме како министерот Дураки успева да стаса на сите страни, од неговиот кабинет ни одговорија.

„Г-дин Дураки ги извршува сите обврски за кои е именуван и ангажиран согласно законските прописи“.

Отчет за сработеното на комисиите побаравме и од Владата, но наместо листа на одлуки не препратија информациите да ги бараме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Миша Поповиќ вели дека комисиите се значаен фактор во носење на владини одлуки како поединечни акти (именување, приватизирање, доделување привилегии), кои се секогаш со повисок ризик од корупција и потребно е да видиме што поголема транспарентност во нивното работење.

„На јавноста и на државните органи како на пример ДКСК, мора да им бидат презентирани записници и образложенија на одлуки. На тој начин, полесно ќе се врши контрола против арбитрарно носење на одлуки“, вели Поповиќ.

Садула Дураки и лидерот на ДУИ Али Ахмети

Директор, градоначалник, министер, вицепремиер

Политичката кариера на Дураки почнува во 2000-та година кога е именуван за директор на Царина. Во 2004 година како кадар на новата политичка партија ДУИ, станува министер за земјоделство, а во 2006 пратеник во Собранието. Во 2009 и 2013 победува на локалните избори и ја води општината Липково. Потоа влегува во извршната власт, а денес му е заменик на Заев.

Дураки во јавноста повеќе е познат како командант Вентили. Тој за време на воениот конфликт во 2001 година со уште двајца припадници на тогашната ОНА, го запре вентилот за довод на вода од Липковско Езеро и Куманово речиси два месеца остана без вода. Во септември 2002 година главната обвинителка на Хаг, Карла дел Понте, ги презеде петте случаи за воени злосторства и геноцид. Меѓу нив беше и „Липковска брана“. Владата предводена од Груевски донесе Закон за амнестија на хашките случаи.

Утре читајте го вториот дел од сторијата “Комисиски шампиони”.

Поврзани стории:

Комисиски шампиони: Садула Дураки

 

сјо , работни групи , собрание , работни групи , влас опозиција , партии , закон за јавно обвинителство 
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »