Садула Дураки и е повеќе од контроверзен во јавноста. Неговите непристојни испади и никакви резултати како министер за животна средина не ја спречија владата да го назначи за заменик премиер во владата или вицепремиер задолжен за Министерството за политички системи и односи со заедниците. Но, тоа не е се. Садула Дураки е и политичарот со најмногу членски и претседателски позиции во владините комисии. Тој учествува во одлучувањата за вработувања и именувања на директори и функционири во една од комисиите. Во друг решава за приватизирање на државно земјиште. И за економски политики и за етнички односи. Од шест, Садула е “шампионот” на ДУИ во дури четири интерни комисии. Неколку луѓе од доверба во партиите членуваат во ваквите комисии. Во продолжение прочитајте ја кусата најава за првиот меѓу првенците на владата.
Човек за се и сешто
Тешко е на граѓаните да им го продадете политичарот Садула Дураки на инстаграм и покрај големата армија таканаречени експерти за социјални мрежи кои работат во македонската влада. Но, се чини владата може да купи се што Садула Дураки има да продаде. Не само оваа влада, туку и претходната. Од 2004 овој политичар нема загубено фотелја иако неговите квалификации и неговата чесност честопати биле доведувани под прашање во јавноста. Почна како директор, па стана пратеник, два пати градоначалник, потоа министер, а сега вицепремиер. Кариерата му се движи по нагорна линија како на некој успешен политичар според учебник. Се појави во 2000-та година, а оттогаш се менуваа влади и премиери, но тој секогаш останува на висока позиција. Ова не е сторија за биографијата на одговорен, чесен и принципиелен политичар, ниту пак сторија за вицепремиерот Садула Дураки, ова е сторија за малку помалку славните владини комисии. Начинот на кој што тие функционираат и во закон и во суштина, е илустрација за расипаниот систем воден од тесните партиски интерси, а не од јавниот интерес.
Постела од рози
Пред два месеца Садула Дураки доби најнова функција. Премиерот Зоран Заев го назначи за свој заменик во владата и му го додели министерското место во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Во кусата биографија доставена до Собранието, Дураки за себе напиша дека има познавања од Интернет експлорер и Мајкрософт офис, а дека од други вештини поседува “солидни менаџмент особини, работа во група, работа под стрес и комуникативност”.
„Дураки е искусен политичар којшто е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ чија улога е да го трансформира Секретаријатот за рамковен договор во Министерство за политички систем, а имајќи во предвид дека е дел од учесниците на подготвување на Рамковниот договор нема човек кој подобро го знае духот на Охридскиот договор“, рече тогаш вицепремиерот Бујар Османи за неговиот сопартиец.
Но, Дураки со неговата амбициозност не застана само на овие две функции. Неодамна на седница на Влада тој е избран да членува во четири владини комисии и ја држи шампионската титула. ИРЛ побара од Владата список на сите владини комисии бидејќи тие не се објавени на интернет страната на владата.
Во рамки на Владата има вкупно шест интерни комисии. Садула Дураки е дел од четири. Претседател е на Комисијата за приватизација, а е член на комисиите за станбени прашања, именувања и политички систем. Многу концетрација на моќ во еден човек.
Целата сторија прочитајте ја вечерва во 20 часот.
Следува утре: Комисиските шампиони: Венко Филипче