Press "Enter" to skip to content

Репортажа од судницата: Првата дама во одбрана на империјата

Ана Камчева е адвокат. Во јавноста, пак, предизвикува повеќе внимание како жената на контроверзниот мултимилионер Јордан или Орце Камчев. Во времето кога нејзиниот сопруг беше близок со Сашо Мијалков, тие често беа таргет на забавниот печат кој што пренесуваше фотографии од ноќните излегувања на двајцата моќни фунцкионери и бизнисмени со нивните сопруги. Побратимството неодамна се расипа, а Мијалков и Камчев минуваат бајаги време бавејќи се со судиии и обвинители. Првиот, Камчев, никогаш не седна на обвинителната клупа. Најблиску стаса до притвор со случајот “Империја” којшто сега е оставен како последниот потсетник за храброста и непоколебливоста на некогаш славното Специјално обвинителство. Во судот тој доаѓа како сведок иако многумина би сакале да го видат како обвинет. Со поддршка за сопругот и усогласени искази во случајот “Рекет” денеска сведочеше Ана Камчева.

Во аголот на просторијата, веднаш до вратата седат двајцата сведоци на обвинителката Вилма Русковска. На истото место каде што минатиот петок седеше првиот сведок и нејзин сопруг, сега седи Ана Камчева.

Во црно одело со карнери и бела кошула, со црвено кожено тефтерче пред неа, Камчева чека да биде повикана на „жешкото столче” за сведоци.

Вториот сведок е Мирјана Бошкова, благајник во „Орка Холдинг“ на Јордан Камчев.

На обвинителната клупа седат двајцата обвинети, Јанева и Јовановски, заедно со бранителите. Естрадната ѕвезда којашто беше препознатлива по екстравагантната, колоритна и раскошна облека од најновите колекции на светски познатите брендови, денеска ги носи истото палто и истите чевли како на претходните две рочишта. Во црната боја од глава до пети, се чини поскромен од она на што јавноста е навикната.

Судијката ја повикува Ана Камчева и таа почнува со нејзиното сведочење. Камчева зборува гласно, но смирено, правејќи долги и драматични паузи меѓу секоја втора реченица. Од време на време тешко издишува. На момент зборува како сведок, а на момент се изразува како адвокат. Пред неа стои црвеното тефтерче.

Камчева тврди дека била сведок на, како што таа вели, недолично однесување од страна на специјалната обвинителка Лиле Стефанова кон адвокатот на Камчеви, Антонио Апостолски.

„Стефанова му рече на Антонио: Ништо не ми можеш Тони, моќта е кај мене. Само треба да знаеш кога е кај тебе и како да ја искористиш”, сведочи Камчева.

Таа продолжува да раскажува за првиот обид за рекетирање. Била повикана во стан во скопската населба Капиштец каде се сретнала со адвокатот Васил Димишков. На средбата присуствувал и Зоран Милески. Според неа, Димишков и рекол дека неговата сестра, судијката Весна Димишкова била во блиски односи со обвинителката Стефанова и тој имал влијание.

„Васил ми рече дека затоа што мојот сопруг бил на насловна на „Форбс“, треба да плати за помошта 2, 4 или 6 милиони евра. Бев многу вознемирена, не се срамам да признаам дека плачев. Не знаеше да ми ја каже финалната сума за рекет.“

Кратко потоа Камчева била контактирана од Милески кој и рекол дека цената за помошта е 6 милиони евра.

На следната средба која ја имале Камчева и Милески, тој му се јавил на Бојан Јовановски и тие тројца имале телефонски разговор. Во разговорот, Јовановски ја известил Камчева дека на порталот „Сведок.мк“ е објавен текст со вознемирувачка содржина. Во текстот било објавено дека синот на Катица Јанева е вработен во 1ТВ.

„Бојан ми кажа дека ќе оди на пат и дека не е во ред тоа што искочило во порталите. Ми рече да најдам начин да го тргнам текстот од порталот.“ 

Камчева продолжува да раскажува дека тогаш прв пат ја сфатила близината на Зоран, Бојан и по кратката драматична пауза го изговора третото име, Катица Јанева.

Откако нејзиниот сопруг бил притворен, Камчева била повикана на следната средба која се одржала во канцеларијата на Бојан Јовановски во 1ТВ. Во канцеларијата присуствувал и синот на Јанева, Лазар Јанев. Бојан му рекол на Лазар Јанев да ја напушти просторијата, по што започнал состанокот.

„Зборуваше за фешн молови и старечки центри. Затоа што Орце ги одбил за проектите, му се случило тоа што му се случило. Односно е во притвор. Ми рече дека директор на центрите требал да биде Лазар Јанев.“

Камчева сведочеше дека во сите следни средби кои ги имала со Бојан Јовановски тој разговарал на телефон со Катица Јанева. Јовановски располагал со информации и точно знаел кога Камчев ќе биде однесен во СЈО и кои ќе бидат сведоци во случајот „Империја“.

„Ги знаеше сите чекори од постапката. Катица му даваше напатствија и одобренија. На првата средба Бојан не побара пари од нас. Се повика само на неговото влијание кое го има врз Катица Јанева.“ 

Повторно драматична пауза во нејзиниот говор. Ана Камчева престана да зборува. Ги подигна носот и брадата и од високо го погледна Бојан Јовановски. Го отвори црвеното кожно тефтерче чии страници беа испишани со ситни букви. Продолжи да зборува. Јовановски после втората или третата средба и побарал 500.000 евра.

„За ова бев уверена, затоа што Јовановски разговараше со Катица Јанева на спикерфон, којашто даваше инструкции на одбраната кој да дојде во просториите на СЈО и кој адвокат е подобен, а кој не. Јас никогаш не бев како бранител во просториите на СЈО, бидејќи според Катица Јанева би привлекла огромно влијание.“

Адвокатот Сашо Дуковски пристапи до судијката и побара пауза, затоа што Јовановски се жали на нагон на повраќање. Јовановски брзо беше одведен до тоалетот со подуени образи. Камчева повторно го отвори тефтерчето и почна да чита. Новинарите почнаа да реагираат и дошепнуваат.

„Зошто чита? Не смее да чита, но тоа треба да и го посочат судијката и Русковска“, коментира еден од колегите. 

Судијката со исклучен микрофон и се обраќа на Ана Камчева. Таа го подигнува тефтерчето кон судијката и со оправдувачка насмевка, клима лево-десно со главата во знак на негирање. Го задржува тефтерот.

Јовановски се враќа во судницата, зацрвенет околу носот и устата, со стаклени, речиси насолзени очи. Очигледно е дека не се чувствува добро. Судењето со одобрение од Јовановски, продолжува.

Камчева продолжува со сведочењето и вели дека по консултации со својот сопруг, одлучиле да му ги исплатат парите на Јовановски. Таа и дала инструкции на сметководителката Мирјана Бошкова да извади 350.000 евра, а останатите 150.000 требал да ги исплати Милески.

Мајката на Јордан Камчев, Ратка Камчева и ги дала парите на Ана Камчева во несесер. Потоа Милески ја однел во домот на Јовановски во населбата „Орман”. На средбата присуствувал и Сергеј Варошлија. Јовановски ја известил Камчева дека после оваа исплата, тој ќе организира средба со специјалната обвинителка Катица Јанева.

„Така и беше. Средбата беше организирана во домот на Бојан Јовановски. Кога пристигнавме со Милески, Катица веќе беше во домот на Јовановски. Се поздравивме со специјалната обвинителка и разговаравме за децата. Ми рече дека како мајка е благодарна на Јовановски што го вработил нејзиниот син Лазар Јанев, бидејќи доколку не бил Бојан, Лазар би завршил да работи на брод.“

Јанева и кажала на Камчева дека во просториите на СЈО, Јордан Камчев побарал куќен притвор за да може да ги помине новогодишните празници со своите деца.

 „На тоа Јанева ми кажа дека таа чисто се сомнева дека тој тоа би го сакал.“

Потоа Јовановски ги повикал да прејдат на она за што се дојдени, а тоа е да се договорат како понатаму Јанева ќе ја тера постапката. Јанева наводно спомнала и за гаранцијата за куќниот притвор од 14 милиони евра. Ја известила Камчева дека ја гонела кривично неа и овластениот проценител што ја правел проценката на недвижниот имот.

„И кажав дека колку што јас знам, имотот е чист. Но, таа рече дека треба таа срамна гаранција да се повлече и меѓудругото ми рече дека на нејзино барање, без гаранција, Јордан Камчев ќе биде пуштен од притвор. Како и што се случи потоа.“

Камчева нагласи дека се плашела од моќта на Катица Јанева, а Бојан Јовановски бил Специјален јавен обвинител и имал информации за се. Камчева го известила Горан Николовски, тогашниот директор на УБК, дека е жртва на рекет. Николовски ја прашал зошто таа нема доверба во институциите.

„Му кажав дека во мое присуство Јовановски има разговарано со многу судии, многу обвинители, политичари, луѓе од власта. Со министерот за внатрешни работи, за која што близина бев уверена.“

По сведочењето на Камчева, одбраната го испрашуваше сведокот. Јовановски ја праша дали е вистина дека таа самата побарала помош од него, преку својата пријателка Лидија Јаневска. Камчева одговори дека не барала помош. Јовановски се обиде со уште неколку прашања, но судијката ги одби прашањата. Ја праша Камчева дали таа се сеќава на гала вечерите кои ги одржувала во нејзината, како што ја нарече, велелепна палата. Второто прашање кое исто така му беше одбиено, се однесуваше на наводно барање од страна на Камчева, Јовановски да води негативна кампања против Наташа Савова и Јана Марин. Судијката го опомена дека судницата не е место за „рекла-казала“ разговори.

„Целиот овој предмет е направен рекла-казала, затоа и поставувам рекла-казала прашања“, дрско и одговори Јовановски. 

„Дајте земете осудете ме и да си одиме, да не ги мачиме луѓево“, тетрално додаде Јовановски и се сврте кон присутните набљудувачи. 

Бојан Јовановски продолжи со прашањата. Следното прашање беше дали тој добил некакви подароци од сведокот Ана Камчева и од нејзиниот сопруг Јордан Камчев. Обвинителката Русковска даде приговор на вака поставеното прашање.

„Добил 1.5 милиони евра подарок, тоа и е јасно на целата јавност“, нервозно извика Русковска.

Јовановски на тоа одговори дека тие 1.5 милиони евра се измислени во нејзината глава, по што беше опоменет повторно од судијката дека доколку не се однесува долично, испрашувањето ќе биде запрено.

Одбраната на Катица Јанева беше главно насочена кон тоа дека Ана Камчева никогаш директно не и предала пари на Јанева.

По сведочењето на Ана Камчева, сведочеше и благајничката на Орка Холдинг, Мирјана Бошкова. На Бошкова и недостасуваше сигурноста која беше евидентна кај другите двајца сведоци, сопружниците Камчеви. Нејзиното сведочење беше кратко и се однесуваше на парите која таа ги подигнувала од сметките на Камчеви, а кои биле наменети за исплата на рекетот. Зборуваше полека и тивко, а гласот од време на време и затреперуваше.

Судењето продолжува на 25ти и 27ми декември.

Читајте повеќе за „Рекет“:

Пратеничкиот имунитет не ја штити Ременски од кривична одговорност

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »