Press "Enter" to skip to content

Репортажа од брифингот со Драги Рашковски: Четири важни прашања од тендерот за итната хеликоптерска помош

Наместо да ги расветли, Рашковски дополнително ги подгреа шпекулациите за нетранспарентност во постапката во тендерот за приватизација на хеликоптерските услуги за итна помош и спасување. Трагите до добитникот на тендерот нѐ водат до еден анонимен Швеѓанец со балканско потекло и тазе формирани компании во Македонија и Шведска.

Прво ремек дело на Владата, вака генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски го опиша јавното приватно партнерство откако заврши изборот за најдобар понудувач на тендерот за приватизација на хеликоптерските услуги за итна помош и спасување. По притисокот од страна на новинарите да се соопштат детали за договорот, Генералниот секретар реши да свика брифинг за новинари. Брифингот помина тензично, а наместо информации кои ја интересираат јавноста, Рашковски се надмудруваше со новинарите, а со своите одговори уште еднаш фрли дамка врз транспарентноста на постапката. ИРЛ ги издвојува трите најважни прашања за кои новинарите инсистираа на одговори, а кои секретарот или не ги сподели или се обиде да ги изманипулира податоцоите.

Кус вовед во проблемот за оние кои не го следат случајот, а е важен за јавниот интерес

Кон крајот на 2018 година Владата одлучи да ги приватизира хеликоптерските услуги кои за итна помош и спасување. Најави физибилити студија и по препораките од истата соопшти дека ќе распише оглас за јавно приватно партнерство или партнерство меѓу државата и приватна компанија која што ќе има обврска да купи два нови хеликоптери и ќе  изгради нови осум хелиодроми. Ќарот на граѓаните би бил во подобри и бесплатни услуги. Така барем рече владата. Во август годианва се распиша тендерот, а него го доби единствената пријавена фирма регистрирана во Скопје 24 дена пред огласот. Власта се пофали дека тоа се скандинавци. Сопственикот навистина е од Шведска, но со потекло од Балканот, извесен Саша Џаковиќ. Неговата фирма Сархмес регистрирана во скопската населба Пролеќе наводно имала партнер во Шведска. Владата не кажа кој е тоа. Повеќе детали во сторијата на ИРЛ.

Од Шведска до Пролеќе: Мистериoзниот пат на добитникот на тендерот за хеликоптерски услуги во Итната помош

Која е скандинавската фирма која има договор со скопскиот добитник

Тоа беше и првото прашање поставено до Рашковски од новинарите. Иако новинарите на ИРЛ денеска и ја објавија информацијата, Рашковски рече дека не знаел која фирма е во конзорциум со скопската новоформирана фирма.

Не го знам точното име и не би сакал да го погрешам точниот назив, рече тој. Но, по притисокот од новинарите, тој телефонираше кај некого во Владата и побара да се испрати името на фирмата. Новинарите инсистираа да им биде кажано и кои се другите пет фирми кои подигнале тендерска документација, а не аплицирале на тендерот. Рашковски не изгледаше среќен со овие барања, но по притисокот попушти.

Дали Владата ги проверува потенцијалните партнери на кои планира да им ги довери ресурсите на државата

Новинарот на ИРЛ праша дали Владата спроведува due diligence процес кога бира парнери и спроведува меѓународни тендери. За оние кои не се упатени, ова е процес во којшто се проверува дали компанијата која што аплицира е кредибилна, легитимна, дали е вмешана во некакви етички или корупциски скандали или наједноставно, дали се она што се преставуваат. Во Европа овие процеси се задолжителни дури и во мали и средни компании кои бираат партнери за зделки, а сериозни влади ги прават редовно.

Тоа може да чини и до 100.000 евра ако се прави за реномирана фирма, рече Рашковски и го праша новинарот на ИРЛ дали тој знае што е due diligence.

Јас самиот сум спровел барем 10 вакви проверки, рече Рашковски, на што нашиот новинар го праша зошто тогаш тој не ја направил проверката штом знае и има искуство. Добивме кус одговор дека тој тоа не го направил.

Кој е ќарот за Македонија, а кој за победникот на тендерот

Од самиот почеток на брифингот, генералниот секретар Рашковски се фокусираше да истакне дека овие услуги нема да бидат трошок ниту на државата, ниту на граѓаните кои ќе ги користат. Новинарите во текот на целито брифинг се обидуваа да ја разгаднат економската логика позади ова јавно-приватно парнесрство или која би била причината за една шведска компанија да нуди вакви услуги без никаков ќар. Рашковски остана на својот став дека најважно од се е дека услугите ќе бидат бесплатни, а за начинот на којшто компанијата ќе профитира да ги прашаме нив.

Нас не не интересира како компанијата ќе профитира, кусо рече Рашковски.

Повторно, по инсистирање на новинарите, Рашковски реши да каже негово мислење за тоа како компанијата би можела да профитира од ова јавно-приватно партнерство. Тој истакна дека една можност би било тие да заработуваат од осигурителните компании во кои странски државјани ќе имаат извадено осигуравње и ќе ја користат оваа услуга, ќе и донесе профит на компанијата. Но, колкав е бројот на странци што ќе се најдат во незгода годишно во земјава, за ова да биде исплатлив бизнис и кој ќе плаќа за граѓаните на Македонија. Овие дилеми и по брифингот остануваат нерасчистени.

Фамозната физибилити студија

Владата во јуни сооошти дека работеле на физибилити студија за да утврдат како најдобро да го изведат овој проект. Тие рекоа дека врз основа на препораките од оваа студија ќе оценеле што е најдобро за граѓаните на Македонија. Новинарката Александра Денковска уште во јуни упати барање до Владата да и биде доставена оваа студија, но и покрај инсистирањето и постојаните повици на новинарката, тие не ја додоа студијата на увид. На денешниот брифинг ова прашање повторно се постави. Новинарот на Телма, Миомир Серафиновиќ посочи дека според неговите истражувања оваа инвестиција е поголема од 9 милиони евра – пари кои треба да ги обезбеди Сархемс за овој проект да биде изводлив и успешен.

А вие сте ја виделе физибилити студијата”, Рашковски го праша Серафиновиќ. Тој одговори дека комуницирал со лица вклучени во студијата. Четири пилоти работеле на студијата, а двајца се откажале во текот на работењето бидејќи процениле дека попрофитабилно ќе им биде да работат за компанијата концесионер, одговори Серафиновиќ.

Пилоти не прават физибилити студија, кратко одговри Рашковски на оваа констатација.

Серафиновиќ е долгогодишен истражувачки новинар кој следи корупција и криминал во областа на одбраната и, веројатно, единствениот кој ја следи оваа област од аспект на владеењето на правото.

Групата новинари инсистираше физибилити студијата да биде јавна и да им се даде увид. По долгите препирања и откако новинарите упорно инсистираа и им дадоа поддршка на двајдата колеги кои ја бараа студијата (новинарот на Телма и новинарот на ИРЛ), тие солидарно ги оставија своите емаил адреси и побараа истата да биде пратена до сите, на што Рашковски на крајот се согласи.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »