Press "Enter" to skip to content

Од Шведска до Пролеќе: Мистериoзниот пат на добитникот на тендерот за хеликоптерски услуги во Итната помош

ИРЛ открива што засега знаеме за тендерот за приватизација на хеликоптерските услуги за итна помош и спасување.  Но, она што е важно за јавниот интерес е она што не го знаеме, а Владата се уште не го кажува. Која е скандинавската компанија која што аплицирала на тендерот заедно со домашната Сархмес, како и кои се другите фирми кои побарале тендерска документација, но не аплицирале. Тендерот се спроведуваше под будното око на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Осум фирми се заинтересирале, пет подигнале тендерска документација, а само една од нив се пријавила на тендерот за формирање на јавно приватно партнерство со современа организација-платформа за хеликоптеркиот итен медицински систем и хеликоптерски услуги за спасување и пребарување, односно Хемс и Сарс (воени и медицински хеликоптери). Тендерот беше меѓународен, а го доби единствениот понудувач – скопската фирма “Сархемс Дооел”, основана 24 дена пред да се објави меѓународниот тендер.

“По извршената постапка на евалуација и оценување, се утврди дека пријавената компанија ги исполнува условите наведени во тендерската документација и јавниот повик, по што се донесе одлука за избор на најповолна понуда за доделување на договор за воспоставување на ХЕМС и САР во Република Северна Македонија. Договорот за јавно-приватно партнерство се склучува за период од 8 години”, вели Владата во одговорот доставен до ИРЛ.

ИРЛ праша во Владата како новоформирана компанија од Скопје го добива тендерот со оглед на тоа што не е возможно да ги исполни критериумите бидејќи нема историја на работа во оваа област. Од друга страна, пак, премиерот Зоран Заев рече дека оваа фирма соработува со скандинавски фирми, но за да учестуваат на тендерот морале да отворат фирма во Скопје. Новинарите на ИРЛ долги години работеа на истражувања поврзани со јавни приватни партнерства, како Дрисла  и Државната видео лотарија, на пример.

“Имено, за да аплицира меѓународна компанија мора да биде регистрирана во Централниот регистар на РСМ”, одговорија од Владата. Овој пропис репортерите на ИРЛ не можеа да го пронајдат во законите и правилниците на земјата.

Согласно македонските закони, фирмата којашто нема искуство може да настапи во конзорциум со друга фирма.  Тендерската комисија во овие случаи ги оценува критериумите на конзорциумот од две фирми. Во превод, без разлика што Сархемс не ги исполнува критериумите, доволно е нивниот партнер во конзорциумот да ги исполни. Нејасно е зошто иако тендерот е меѓународен, фирмата морала да се пријави со компанијата во Скопје. Во овие случаи, дури откако добитниците на тендерот ќе беа познати, тие формираа фирми на територијата на Македонија.

Многу заинтересирани, само еден пријавен на тендерот

ИРЛ праша во Владата да ни одговорат кои се другите фирми кои што аплицирале на овој тендер. По денови натегања и постојани телефонски повици да ни бидат одговорени прашањата, од Владата ни одговорија дека имало осум заинтересиани компании, тендерска документација подигнале пет, додека само една се пријавија. ИРЛ посака да поразговара и со другите заинтересирани со цел да дознаеме зошто се премислиле да аплицираат на тендерот со којшто осум години ќе стопанисуваат со оваа дејност, но Владата одби да одговори.

Од Гетеборг до Пролеќе

Компанијата е регистирана на адресата улицата Пролет 31 во близина на полициската станица Пролет или едно од најстарите скопски маала – Пролеќе. На истата адреса има повеќе фирми, како и индивидуални домови.  Една од нив е и адвокатската куќа “Константинович и Милошевски” која што ја регистирала компанија “Сархемс” во Скопје.

На старата скопска улица Пролет се наоѓа скромна станбена куќа на два ката, која по ништо не се разликува од останатите соседни куќи. До заклучената дрвена порта има само едно копче за домофон на кое може да се заѕвони, она на адвокатската канцеларија “Константинович и Милошевски”.

Репортерите на ИРЛ Давид Илиески и Деница Чадиковска зазвонија на домофонот. Без одговор од другата страна, портата се отвори. На првиот кат влеговме во адвокатските канцеларии каде бевме пречекани од вработените. Ни објаснија дека единствената фирма која во моментов работи на оваа локација се самите тие, а фирмата “Сархемс” ја регистрирале на својата адреса како нивни застапници.

Фирмата е регистрирана тука, но нема никој моментално бидејќи не се во државата. Секоја фирма може да си регистрира седиште каде што е адвокатот затоа што е лесно за кореспонденција во моментот кога немаат реална активност.

Зградата во скопската населба “Пролеќе” каде што е регистрирана компанијата “Сархемс

Сопственик на “Сархемс” е Саша Џаковиќ со адреса во шведскиот град Гетеборг. За него не е познато речиси ништо. ИРЛ пронајде дека е основач на компанија во Шведска која што се нарекува “Свидиш Хеликоптер Конзорциум” со седиште во градот Упсала во близина на Стокхолм. Но, ова се патиштата на истрагата до кои ИРЛ сама дојде. Веб страницата на оваа компанија е прв пат регистрирана кон крајот на 2017 година, додека сајтот станува оперативен во 2018та. Од таму не можат да се добијат многи податоци околу проектите на фирмата. ИРЛ не докажа дека оваа фирма е истата од конзорциумот.

Од владата одбија да одговорат која е компанијата која што во конзорциум настапила со Саша Ѓаковиќ од “Сархемс”.

“Јавниот повик, за доделување на договорот беше објавен во Службен весник на Република Северна Македонија и во Службено гласило во земјите на Европската унија. Право на учество на јавниот повик имаа само компании кои што се регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија. По објавениот оглас имаше осум заинтересирани меѓународни компании. Од нив пет компании, платија за да ја добијат тендерската документацијата и ја подигнаа документацијата. На огласот со своја понуда се пријави само една компанија, ДКТУ САРХЕМС ДОЕЛ, Скопје.
Историја на нетранспарентност

Владата во декември 2018 решила да ја почне постапката за приватизирање на овој дел од јавните сервиси. На седница на Владата одлучиле да нарачаат физибили студија врз основа на која што потоа ќе се подготвува тендерот за јавно приватно партнерство за Хемс и Сарс. Тимот на ИРЛ уште во јуни годинава побара од Владата да ни ја достави физибилити студијата.

“Физибилити студијата  за воспоставување на HEMS и SAR е изработена од  тим на стручни лица при Националниот центар за почисто производство и напредни менаџмент практики NCCP &AMP, и во истата се содржани податоци од претходни студии, истражувања, документи на релевантни институции, како и од Feasibility study on a helicopter emergency medical service (HEMS) for the Island od Ireland Department of Health, Social Services& Public Safety (Belfast) and Department of Health & Children (Dublin), како и податоци од надлежни институции од Република Северна Македонија”, кусо одговорија во јуни од Владата без да ни ја дадат студијата.

Комисијата за спроведување на постапка за доделување на договор за воспоставување на HEMS и SAR беше составена од претставници, по еден член и заменик член од; Министерство за здравство, Министерство за економија, Министерство за одбрана, Министерство за внатрешни работи, Министерство за транспорт и врски, Канцеларија на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија.

Приватниот партнер за обезбедување на хеликоптерски итен медицински систем и хеликоптерски услуги за пребарување и спасување, ќе организира и наплатува содветна давачка во рамки на постојните законски утврдени решенија, со тоа што за граѓаните ќе бидат бесплатни. Сето ова ќе се наплаќа преку осигурелни компании, стои во штурото објаснување на Владата во дописот со ИРЛ.

Генералниот секретар на Владата Драги Рашковски по постојаните притисоци од новинарите за денеска попладне најави и брифинг со новинари, но без камери, фотоапарати и изјави.

Снимател: Трајче Антоновски, Фото: Деница Чадиковска

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »