Press "Enter" to skip to content

Досиеjа за 560 хемофилтрации од „Жан Митрев“, Беким Сали повика на трпение

Министерот за здравство Беким Сали побара граѓаните да бидат трпеливи во однос на истрагата за клиниката „Жан Митрев“ која следеше по документарниот филм „Нечиста крв“. Кога ќе има резултати за истрагата како се правеле хемофилтрации на КОВИД пациенти, Сали не посочи. Од приватната клиничка болница земале 560 извештаи за луѓе кои биле лекувани со хемофилтрација – метод кој докторот Жан Митрев го презентираше во пандемијата како спас од корона вирусот.

Лекари од четири клиники треба да прочитаат 560 извештаи од клиничката болница „Жан Митрев“ за пациенти кои биле лекувани од КОВИД 19 со хемофилтрација. Работните групи се составени од доктори специјалисти од  државните клиники за кардиохирургија, инфективна, интензивна и нефрологија. Министерот за здравство Беким Сали по дванесет дена од публикацијата на документарното истражување „Нечиста крв“ побара време, но не прецизираше кога ресорното министерство на граѓаните ќе им презентира што покажале инспекциите и анализите на начинот на лекување на корона вирусот.

Сали уште еднаш посочи дека пет институции работат на случајот „Нечиста крв“: Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Лекарската Комора, Агенцијата за лекови МАЛМЕД, Комисија за интрахоспитални инфекции и Стручна комисија, која треба да ги разгледа 560 – те извештаи за лекувањето со хемофилтрација на КОВИД пациенти.

Ќе го анализираат секој поединечен случај и мора да напишат извештај на секој поединечен случај. 560 предмети, да бидеме реални, ќе ни одземат доволно време за на крај на јавноста да ѝ дадеме конечен прецизен извештај што се случувало. Меѓутоа, дозволете да ја работиме нашата работа затоа што сите ние сме дел од општеството. Не би сакал во ниту еден момент кој било да гледа еднострано“, изјави денеска министерот за здравство Беким Сали. 

ИРЛ веќе објави дека ниту една од институциите надележни да ги направат неопходните инспекции во болницата „Жан Митрев“, не даде конкретен одговор кога би имале заклучоци по инспекциите за јавноста да биде информирана. Министерството за здравство не ги открива имињата на членовите на стручната комисија која ќе ги проверува документите обезбедени од „Жан Митрев“. Дополнително, комисија од Агенцијата за лекови, треба да утврди зошто клиничката болница „Жан Митрев“ не пријавила дека методот хемофилтрација бил всушност клиничко испитување, непријавено до МАЛМЕД.

Комисијата која треба да утврди дали пациенти болни од КОВИД биле предмет на експеримент во „Жан Митрев“ е составена од 13 члена:Проф. д-р Маја Сланинка, Проф. д-р Зоран Стерјев, Доц. д-р Елена Костова, Проф. д-р Христина Младеновска, Проф. Д-р, Марија Хиљадникова – Бајро, Д-р Нуртене Фетаи – Далипи, Виш научен соработник Емилија Атанасовска, Асс. д-р спец. Силвија Дума, Д-р Анила Белчишта, М-р фарм. спец. Славица Јуруковска, Д-р спец. Љупчо Иванов, Д-р спец. Фати Џемаили, Д-р Блерта Зеќири Абдули.

Во Лекарската комора врие од барања за ревизии на лекување

Веќе дванаесет денови семејства на починати пациенти од КОВИД лекувани во клиниката „Жан Митрев“ до Лекарската комора доставуваат барања за стручен надзор за начинот на лекување од корона вирусот. И од Лекарската комора побараа повеќе време, а веќе била формирана комисија од седум лекари со различни специјалности, кои треба да утврдат евентуални пропусти, по истражувањето „Нечиста крв“ и случајот Никола Брезев.

Паралелно со инспекциите од министерството за здравство, истрага за „Нечиста крв“ отвори и скопското обвинителство. Детали нема оти и од таму побараа трпение. Предметот е отворен по допрен глас или само еден ден по премиерата на документарното истражување за клиниката „Жан Митрев“. Но, обвинителството веќе имало архивирано кривични пријаави против клиниката. Првата е пред осум месеци од семејството на Никола Брезев, а втората е во април за начинот на лекување од КОВИД на пациент од Косово. Семејствата на жртвите досега не се контактирани од обвинителството за да дадат исказ пред обвинител.

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »