Партиската војна во ДУИ е меч што виси и врз главата на СДСМ. Во разговор со ИРЛ, членовите на таканаречената огнена група велат дека освен нивната непоколебливост, тие можат да сметаат и на поддршката на двоецот Кастриот Реџепи и Скендер Реџепи, и двајцата пратеници во Собранието. Партијата со децении ја следат сериозни обвинувања за корупција и криминал, а афери има за сите вмешани во последниот и масовен пожар во ДУИ. Огнената група обвинува дека токму Груби им овозможил на Мијалков, Камчев и Кичеец да лежат во струшкиот затвор затоа што директорот бил на ДУИ. Но, и нивниот бекграунд е составен од низа скандали: Од обвинувања за корупција до обвинувања за тешки насилства.
Известуваат: Маја Јовановска и Бојан Стојановски; Илустрација: Лука Блажев
Штабот во Мала Речица две децении е упориште на партијата која досега во јавноста оставаше впечаток дека беспрекорно функционира според македонски стандарди. Лидерот секогаш го има последниот збор, а навидум челниците имаат контролирани демократски слободи. Фракции немало никогаш.
Чадот што се појави пред две години тивко навести дека во партијата има жарчиња кои тлеат. Огнената група која сега и јавно го адресираше проблемот и го посочи Артан Груби како извор на стихијата, значи дека огнот во ДУИ веќе е разгорен.
Првиот пожар во ДУИ
Во декември 2019 година Али Ахмети по четврти пат со акламација повторно беше избран за лидер на партијата. За него гласаа повеќе од 800 делегати кои учествуваа на Конгресот, а тој беше и единствениот предлог за лидерската функција од сите 36 ограноци на ДУИ.
„Ве уверувам дека ќе ве претставувам со дигнитет како и до сега така и во иднина и дека нема никогаш да се посрамите ниту пред вашите опоненти, ниту пред противниците“, им вети Ахмети на своите сопартијци.
Само осум месеци по оваа изјава на Ахмети, кога после парламентарните избори во јули 2020 година, победничките партии почнаа да го прават списокот на функционери, се јави првото незадоволство од старите кадри на ДУИ. Најгласен во бунтот и тогаш и сега е пратеникот Изет Меџити, претходно градоначалник на Чаир во два мандата и претседател на локалниот огранок на партијата.
Изборот на Ахмети, Бујар Османи да биде шеф на дипломатијата, а Артан Груби да биде втор човек во владата, го закочи процесот за гласање на новата влада. Тројца пратеници од ДУИ одбиваа да гласаат во Собранието, со што беше невозможно да биде избран кабинетот на премиерот Зоран Заев.
„Мора да признаам дека имам забелешки за извршната власт. Но, по долгите дебати во партијата, последниот збор го има Али Ахмети“, рече тогаш Меџити.
Владата беше избрана, а Ахмети очигледно и тој пат успеа да ја спаси куќата од пожар.
На ланските локални избори во партијата изби уште еден куршлус, кој помина речиси незабележително. Фатмир Лимани, внук на Али Ахмети, си даде оставка од сите позиции во ДУИ и како независен кандидат се кандидираше за градоналачник на Кичево. Тој беше од оние интегративци кој јавно стоеше зад ставовите на Изет Меџити и беше против Османи и Груби да бидат дел од владата.
Но, последниот обид на незадоволните не навестува дека лидерот Ахмети ќе може да ги смири спротивставените табори. Сега бројот на разочараните се зголемува, а фракцијата ја нарекоа „Огнена група“. Во неа не се само чаирчани и органокот од Сарај, туку добија поддршка и од ветераните на ДУИ на чело со Муса Џафери.
Можни сценарија
Кулминацијата на незадоволството од моќта која ја акумулираше Артан Груби се случи на 24 – ти септември. Во јавноста го понесоа епитетот „Огнена група“. Фронтмен е актуелниот пратеник во Собранието, Изет Меџити. Дел од огнената група за промени во ДУИ се актуелните градоначалници на Чаир и Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, пратеничката Мерита Колчи Коџаџику како и заменикот министер за одбрана Башким Хасани.
ИРЛ побара став од Артан Груби и припадниците на „Огнената група“. Груби одлучи да молчи и не одговори на пораките на ИРЛ, а „Огнените“ се согласија да зборуваат, но не во лично име, туку како дел од незадоволната група.
Писмото до јавноста за недостатокот на демократски капацитет во ДУИ е само почеток во обидот партијата да не се идентификува преку Артан Груби. Велат дека се решени да одат до крај, со ризик дека „борбата за демократизација на ДУИ“ може и да ескалира, но не прецизираат што подразбира ескалацијата.
„Кадровските решенија се привилегија само на Артан Груби. Речиси две години нема отчет за работата на Владата и политичката програма. Арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби, предизвика незадоволство, револт и пасивност на структурите и гласачите“, пишува во дописот на „Огнената група“.
Потпишани се осум интегративци кои бараат политичка дебата внатре во партијата за надминување на состојбата и одговорност и отчетност од носителите на извршната власт. Тие очекуваат претседателот Али Ахмети, да ги искористи своите политички и статутарни овластувања и да најде решение за зачувување на партиското единство.
Уверуваат дека немаат амбиција да го урнат од тронот Али Ахмети, кој отворено застана зад Артан Груби и порача дека се гледа на позицијата прв човек на ДУИ и во наредните пет години.
Партиска војна која може да ја урне владата на СДСМ и ДУИ
„Огнената група“ можеби ја нема поддршката на нивниот идеолошки татко Али Ахмети, но имаат друг адут – опстојување или пад на Владата каде прв вицепремиер е Артан Груби.
„Нема да се повлечеме како во минатото и ќе одиме до крај без разлика на последиците кои може да произлезат од оваа кавга. Нема да помине муабетот “ќе ве собере Али и ќе биде се во ред и ќе се повлечете”. Сега не е таква ситуацијата”, вака Огнената група за ИРЛ ја опиша моменталната ситуација.
Членовите на оваа иницијатива, освен на Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, за ИРЛ велат дека може да сметаат на поддршка уште од двајца пратеници: Кастриот Реџепи и Скендер Реџепи.
Кастриот Реџепи е пратеникот кој лани на 21 – ви ноември не се појави во Собранието кога ВМРО – ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса уверуваа дека имаат 61 глас за да изгласаат недоверба на владата. Тој тогаш беше дел од БЕСА. Не се појави во Собранието, а опозицијата обезбеди недоволни 60 гласа за да падне владата на Зоран Заев.
Вториот пратеник Скендер Реџепи е дел од парламентарното мнозинство, но на 14 – ти јуни годинава соопшти дека ја напушта партијата Алтернатива и ќе делува како независен пратеник. Евентуалната поддршка на Кастриот и Скендер Реџепи, заедно со Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику од ДУИ, значи дека парламентарното мнозинство има на располагање само 60 пратеници. Но, од групата за демократизација на ДУИ велат дека се во контакт и со дел од помалите партии кои се во владината коалиција.
Според политичките аналитичари кои ги консултираше ИРЛ, судирот во редовите на ДУИ е обид незадоволната група да направи кадрови промени во извршната власт, но и да иницира консолидација на партиските органи кои очигледно биле нефункционални.
„Незадоволството не е насочено само кон Артан Груби туку и за начинот на кој функционира партијата. Знаејќи ја тежината на гласовите кои ја презентираат иницијаторите на ова движење, во секој случај притисокот паѓа на Али Ахмети. Начинот на кој ќе се реши овој внатрепартиски конфликт ќе влијае на иднината на ДУИ, а на краток рок и на стабилноста на самата Влада“, изјави за ИРЛ Сефер Селими, политички аналитичар.
Арсим Зеколи препознава сериозни случувања во ДУИ но не и драматични. И во минатото имало конфликти во партијата како на пример на релација Муса Џафери со Теута Арифи и Џевад Адеми, како и судирот помеѓу Теута Арифи и Ермира Мехмети.
„Огнената група само ќе ги забрза некои неминовни процеси кои и онака морат да се случат во ДУИ, доколку сака да остане најсилна политичка партија на Албанците. А, тоа подразбира кастрење на моќта и влијанието на Груби во владата и особено во партијата. Тоа сепак не значи дека ќе води кон процут на Огнената Група. Попрво е дека во пресрет на изборите ќе видиме подем на ликови од помладата генерација политичари на ДУИ со далеку поголема популарност и образование од Груби-Османи и покредибилна биографија од онаа на Огнената Група“, изјави Арсим Зеколи за ИРЛ.
Зеколи смета дека изјавата на Али Ахмети дека останува на чело на партијата и по следниот конгрес на ДУИ е порака и до Артан Груби да не се надева дека во блиска иднина може да го преземе раководењето на партијата.
Братучедите и другарите
Политичкиот пожар во ДУИ предизвика раздор меѓу долгогодишните школски другари од Чаир и првите братучеди од Зајас.
Али Ахмети и Муса Џафери не ги врзува само зачетокот на партијата во која беа од првиот ден. Тие се двајцата од Зајас, родени се во истата 1959-година и се тесно роднински поврзани. Ахмети и Џафери се први братучеди. Исто како што Мијалков му беше човекот од доверба на неговиот прв братучед Никола Груевски, така и Муса Џафери беше најблискиот соработник на Али Ахмети. Сега се во спротивставените страни.
Политиката и партијата растури уште едно долгогодишно пријателство. Помеѓу Изет Меџити и Артан Груби. Двајцата се чаирчани и заедно делеле иста школска клупа во средно училиште. Меџити има подолг стаж во партијата и секогаш има функција. Груби влегува во 2011 година и се наметнува како шеф на кабинетот на лидерот Али Ахмети. Неговата кариера во политиката почнува со пратенички мандат, а од 2020 година добива функција која за прв пат за него е измислена и поради тоа мораше да се менува и Деловникот на владата. Моќта на Груби оттогаш стана неприкосновена, не само во извршната власт, туку сега е очигледно и во партијата.
Од милитантна ОНА до зелена партија
Демократската унија за интеграција е формирана на 5 мај 2002 година во Мала Речица. Политичката партија е наследник на Ослободителната народна армија, милитантна организација која беше иницијатор на вооружениот конфликт во Македонија во 2001 година. Водачот на ОНА, Али Ахмети, е прв претседател на ДУИ и се уште актуелен.
Веднаш по формирањето партијата учествува на парламентарните избори на 15 септември 2002 година кога освојува 70% од гласовите од албанското гласачко тело или 16 пратенички мандати. Победничката партија од македонскиот блок СДСМ направи коалиција со ДУИ.
Во 2004 година тогашниот премиер Хари Костов по само шест месеци си поднесе оставка од функцијата, а како причина наведе дека дел од членовите на неговиот кабинет, наместо владини спроведуваат партиски политики.
„Владата во изминатите пет месеци работеше успешно, но нејзиниот рејтинг сепак паѓаше бидејќи една од владејачките партии ја сфаќа Владата како инструмент за промоција на национални и теснопартиски интереси, вклучувајќи и непотизам,“ рече Костов.
Во образложението на оставката, тој корупцијата ја лоцираше кај ДУИ и посочи дека „постои коруптивно однесување без никаква желба и мерки во борбата против корупцијата“.
Од 20-те години на политичката сцена, ДУИ само две години беше во опозиција. Од 2006 до 2008 година кога Груевски одби да коалицира со Ахмети. На власт се врати во 2008 година и оттогаш досега е секогаш дел од владината коалиција. И во власта на ВМРО-ДПМНЕ и во владата на СДСМ.
Во првите години од владеењето ДУИ добиваше „помалку важни“ ресори како екологија, локална самоуправа и социјална политика. Денес ги има клучните – министер за надворешни и за финансии, како и претседател на Парламентот и прв вицепремиер во владата. За оваа новосмислена функција на Артан Груби мораше да се смени Законот за влада.
На парламентарните избори во 2020 година ДУИ постави услов за коалицирање во новата влада во која мора да има премиер Албанец.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев ја отфрли како неприфатлива идејата и ја оцени како национал – популистички концепт. Сугерирајќи дека дошло време ДУИ да замине во опозиција.
„ДУИ си помага со ваквиот наратив да помине во опозиција, а и здраво е по 17 години власт, да помине во опозиција, здраво е и за државата, но и за ДУИ. Во опозиција партиите се подобруваат, се реформираат“, рече Заев.
Партијата која беше формирана пред 20 години за да ги застапува интересите на Албанците во земјава, минатата година се ребрендираше. Лидерот Али Ахмети рече дека посакува земјава да ја направи Швајцарија. Иако како партија во континуитет го држи ресорот животна средина и просторно планирање уште од 2008 година.
„Безгрешните“ од ДУИ
Кога во 2015 година претседателот на СДСМ, Зоран Заев, го почна проектот „Вистината за Македонија“ со кој го разоткри криминалот на функционерите во владата на Никола Груевски. „Бомбите“ за ДУИ не беа со разорна моќ за ниту еден министер или директор од партијата на Ахмети.
„Примарната цел на ДУИ поради која останувале во владата била моќ, власт и пари“, рече Заев.
Од триесетина предмети на СЈО, само во еден имаше епилог за функционер на ДУИ. Случајот „Табла“ за поранешниот директор на училиште во Зајас.
„Титаник 3“ за координаторот на ДУИ во парламентот, Ејуп Алими, и заменик-директорот на УЈП во Скопје, Исмет Гури, се суди во прв степен, по вторпат, четврта година по ред.
Бујар Османи беше осомничен во случајот „Пациент“ на СЈО, но за него беше запрена постапката.
Прислушувани разговори меѓу функционери од ДУИ и нивни бизнис партнери се појавија дури во 2019 година од лице кое на Јутуб се претставуваше како Ел Чека. Албанец по потекло од Македонија кој живее во Америка. Тој објави неколку разговори меѓу членови на највисокото раководство на ДУИ кои разговараа за тендери во ТЕЦ Осломеј, пропаднатиот попис во 2011, а во еден разговорите наводно министрите Бујар Османи и Садула Дураки помагаат да се прикрие убиство.
Премиерот Заев во изјава за медиумите тврдеше дека бомбите не излегле од архивите на СДСМ.
Ел Чека објави и неколку приватни разговори, за кои рече дека му биле доставени од тројца обвинети во случајот „Диво Насеље“.
„ Како не се случи да се објават приватни разговори за членови на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, туку само за членови на ДУИ? Каде се другите разговори? Зошто се објавуваат приватни разговори само од членови на ДУИ? Мислам дека нашиот народ „не јаде трева“, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Низ годините на власт институциите не открија многу случаи на криминал и корупција за функционери на ДУИ, а и од тие малкумина само неколку имаа обвинение или епилог.
Македонија мораше да ѝ врати 1,7 милион евра на ЕУ за финансиски злоупотреби со пари од европските фондови злоупотреби, за што беше обвинет поранешниот државен секретар Јахи Јахија од редовите на ДУИ. Судењето за него трае.
Пријавата за проневера на 19 милиони евра во буџетот на Фондот за пензиско осигурување, каде што беа директори – кадри на ДУИ, заврши без обвинение.
Кривична пријава не доби ниту градоначалникот на Сарај Блерим Беџети за дивите платформи на Матка