Press "Enter" to skip to content

ЗЕЛЕНИ ТАЈНИ

Истражувањето „Зелени тајни“, преку случајот со малите хидроцентрали, по првпат документира процес на трговија со влијание и дава вистински приказ на заробената држава. Жртва биле највредните национални богатства, како Националниот парк „Маврово“. Во текот на една деценија Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети испорачале блокирање закони и студии, креирале нови и поволни регулативи за бизнис-секторот и така ја овозможиле деструкцијата на националните богатства. 

По првпат прикажуваме како функционирала мрежата од државни службеници, високи функционери и научници без интегритет кои една деценија го блокирале Законот за заштита на Националниот парк „Маврово“. Опстанокот на најомразениот проект на граѓаните и експертите им одговарал само на неколку лица. Во Маврово тоа лице е Кочо Анѓушев.

Вовед во големата слика

Во 2008 година италијанската влада ќе донира пари и експерти за да може да се изработи нова студија за Националниот парк „Маврово“. Секој национален парк е уреден со посебен закон и тој повремено се репрогласува. Во случајот на Маврово ова требало да биде направено пред 10 години. Експертите од Македонија и Италија ќе ја завршат студијата во јануари 2013 година. Но, тие нема да знаат дека застанале на патот на една опасна идеја со широка поддршка од врвот во владините кругови.

Паралелно со нивната работа, која треба да доведе до конечно репрогласување на Националниот парк, во соработка со бизнис-секторот, владата на ВМРО ДПМНЕ почнува подготовки за нов проект наречен „Проект за обновлива енергија во Македонија“, што е всушност првиот чекор кон подоцнежната ерупција од еколошки контроверзни проекти. 

Проектот имал мисија да ја промени регулативата со цел да може потенцијалните инвеститори во мали хидроелектрани да подготват одржливи проекти. Во меѓувреме, Јавната установа национален парк „Маврово“ добила задача од Владата врз основа на студијата да направи предлог-закон кој потоа треба да се изгласа во Собранието. Проблемот настанува кога ќе се дадат три нови лиценци во Националниот парк „Маврово“ за мали хидроцентрали – сите три во заштитена зона. Делумна сопственост во нив има и тогашниот бизнисмен, близок до круговите на тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ, господинот Кочо Анѓушев. 

Освен политичарите, улогата на заштита на интересите на профитот ја презеле и дел од научниците. 

Повеќе од една деценија не се носи закон за повторно заштитување на Националниот парк „Маврово“. За ова да се случи, потребни се експертски анализи врз чија основа треба да се темели законот. Онаа студија за која италијанската влада веќе платила сега ќе мора да има нова ревизија бидејќи е застарена. Владата за ова ќе бара меѓународна финансиска поддршка. 

Клучни откритија

  • Администрацијата на Никола Груевски од ВМРО ДПМНЕ и Али Ахмети од ДУИ, а потоа администрацијата на Зоран Заев од СДСМ и Али Ахмети од ДУИ не ја исполниле својата законска обврска која произлегува од Законот за заштита на природата и една деценија не го спровеле репрогласувањето на Националниот парк во заштитено подрачје, поради што настанале штети по животната средина и поради енергетските и поради урбаните проекти. 
  • Владата на ВМРО ДПМНЕ водена од Никола Груевски и владата на СДСМ водена од Зоран Заев не ги спроведувале препораките за отворениот случај на Бернската конвенција за штети врз Националниот парк „Маврово“. Со ова дозволиле приватни лица и корпорации од јавниот живот да профитираат од непрогласувањето на Националниот парк „Маврово“ и неусвојувањето на студијата – клучен и скап документ за да се направи нацрт-закон за конечно репрогласување на Националниот парк Маврово. 
  • Интересите на енергетскиот сектор, кој имал ќар од проектот за мали хидроелектрани, ги застапувал македонскиот енергетски тајкун Кочо Анѓушев, дури и кога тоа значело кршење на законите. На предлог на Владата, било одлучено Кабинетот на вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев да го води случајот со Бернската конвенција, иако претходно вицепремиерот морал да се изземе од одлучување поради конфликт на интерес. Анѓушев тоа не го сторил, иако две од малите хидроцентрали кои биле дел од случајот на Бернската конвенција се делумно во негова сопственост. 
  • Двете влади ја отфрлиле вистинската и единствена студија која траела три години и ја правеле домашни и меѓународни експерти финансирани од италијанската влада и се воделе по нова, дубиозна промена во првичната студија за која никој не знае како и од кого е направена клучната промена – да се изградат три мали хидроцентрали во срцето на строго заштитената зона на паркот. 
  • Неносењето на клучните документи за спас на Маврово довеле до неповратно пресушување на реките поради изградбата на повеќе мали хидроцентрали и сечење на историската шума во строго заштитени зони поради градењето хотели, згради и викендички. Повеќе од 5 000 барања за легализација на дивоградби биле поднесени во последната деценија. 
  • Освен политичарите, своите услуги на профитот ги ставиле и научници кои креирале неверодостојни студии и документи и ги намалиле границите на заштита во строгите зони со цел да може да се турка проектот. 
  • ИРЛ обезбеди записници и преписки кои покажуваат дека Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања дозволил приватни адвокати на компаниите од интерес директно да учествуваат на состаноци за студијата за случајот што го водел Бернската конвенција. 

СТОРИИ

Општина Маврово ја втурна во стечај Куќата на зетот од Галичка свадба, културното обележје се продава за 60 000 евра

Позната како „Куќата на зетот“, Вила Доста, која ја поседува државата, е во опасност. На барање на месната заедница Галичник, во дубиозни процеси општината одобрила трансформација на сопственоста на објект којшто го поседува самата држава, додека задругата имала само право да го користи.

Трница хилс: Помошник министер, пратеничка и актери – соседи во дива населба на државна земја

Во последната деценија на територијата на Националниот парк „Маврово“ е изградена цела дива населба веднаш над комплексот „Кораб Трница“. Дел од вилите се изградени и се веќе легализирани, додека други се градат во моментов. Сите се наоѓаат на државно земјиште, на заштитена територија.

Како две македонски влади саботираа скапа италијанска студија која требаше да го спаси Маврово

Лобирањето и трговијата со влијание за приватни интереси ќе го остават Националниот парк „Маврово“ со неизвесна судбина. Идејата да се изградат мали хидроцентрали на територијата на Националниот парк „Маврово“ ќе го блокира процесот за репрогласување на Паркот во заштитено подрачје.

видео

проектен тим

Уредник и координатор: Маја Јовановска

Уредник и новинар: Ивана Настеска

Редактор: Миранда Спивак

Репортери: Дајана Лазаревска, Лила Караташева и Јана Чолаковска

Веб дизајн и визуелизација: Елена Митревска Цуцковска
Графички дизаjн: Лука Блажев
 
Дополнително известување: Сашка Цветковска, Бојан Стојановски
 
Комуникации: Деница Чадиковска

Видео-тим: Давид Илиески, Владимир Владимиров, Трајче Антоновски