Press "Enter" to skip to content

Последната битка за парцела на плоштадот

На плоштадот во Скопје веќе нема државна земја за продавање за џабе. Нема ни место за градење. Но, можностите не се ограничени. Во моментов се војува за парцелата со недовршениот хотел “Мериот Кортјард” и Офицерскиот дом. Кој е Миле Кратер и што сака од Сергеј Самсоненко?

Автор: Maja Јовановска; Дополнително известување: Давид Илиески Уреди: Сашка Цветковска

Ако сакате да градите на плоштадот во Скопје или во негова близина, земја веќе нема ни за лек. Ако сакате да купите деловен простор или хотел ќе треба скапо да платите. Сепак, во оваа приказна ништо не е онака како што се чини. Постои и трета шанса да се дојде до последните парчиња од најскапата земја во државата. Ова е приказна за непријателско преземање според едната страна, и наплата на долгови според другата. Ќе ви раскажеме една опскурна судска драма од која некој ќе излезе победник. Првиот е рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Другиот го викаат Миле Кратер. Ако победи ќе отвори пат за нов газда на Офицерскиот дом и хотелот “Мериот Кортјард”.

Сергеј Самсоненко

Понуда што не може да се одбие

2011, март

Годината е 2011. Европската престолнина на кичот, како што ББС ќе го опише проектот Скопје 2014, веќе се гради. Се делат нови маркички, се менуваат дополнително урбанистичките планови. Политички, ситуацијата со Грција се влошува оти тие во проектот гледаат “провокација од Скопје”. Но, грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас не се двоуми да профитира од проектот на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во тој момент активно прогонува грчки “платеници” помеѓу критичарите во неговата земја. Министерството за транспорт и врски му ја продава земјата на плоштадот за 100 евра по квадрат или вкупно 6,300 метри. Во исто време, државата успева да постигне цени и по 3.000 евра за квадрат на лицитациите за централните локации кои не се еднакво атрактивни како плоштадот.

Кондоминас станува обврзан во одреден рок даден од државата да изгради хотел и деловен простор во чиј состав би бил и Кабинетот на Градоначалникот на Град Скопје и административните канцеларии. Но, само во фаза на карабина, додека, остатокот од работата треба да го заврши Градот. За возврат тој добива евтина земја, деловни простори и хотел со 4 ѕвезди кој според најавите треба да работи под брендот “Мериот Кортјард”.

Следуваат обвинувања дека земјата е продадена во нетранспарентна и криминална процедура.

2015, август

Градењето на златната парцела на плоштадот прекинува откако претходната година Димитрис Кондоминас е уапсен за перење пари, фалсификување, даночно затајување и други кривични дела во Грција. Но, не за долго. Во август БИРН ќе го обелодени новиот сопственик. Уште еден контроверзен бизнисмен за кој во јавноста се редат бројни обвинувања дека профитира од државно спонзорирани зделки благодарение на неговите моќни пријатели.

Бизнисменот Сергеј Самсоненко ја купува фирмата на Кондоминас за 660.000 евра. Тој го има земјиштето и делумно изградените објекти. Како оваа зделка паѓа во неговите раце и како се случуваат првите контакти со грчкиот сопственик кој е во притвор, не е познато. Самсоненко вели дека инвестицијата ќе го чини 40 милиони евра, но и дека од фирмата наследил долгови од 120 милиони денари и блокирана сметка. Самсоненко добива и продолжување на рокот за изградба, па наместо 2018, рокот со анекс договор се преместува за 2020 година, како што појаснуваат од општината Центар.

Следуваат обвинувања дека зделката е плод на политичките врски на Самсоненко со врвот на власта.

Ратко Капушевски, Сергеј Самсоненко и Никола Груевски

2019, септември

Последните три години се прогласени за најтурбулентните во историјата на земјата. Република Македонија сега е Република Северна Македонија, има нова влада, премиер во бегство и десетици политичари и бизнисмени истражувани за криминал и корупција, како и дузина афери за корупција на новата влада. Се случуваат серија промени во управувачките структури на компании на моќни лица од бизнисот. Една таква промена во компанијата Сис Инвест Груп ни го предизвика вниманието. Тоа е компанијата на Самсоненко која е инвеститорот во објектите и сопственик на земјиштетото. Објавата вели дека фирмата оди во стечај.

Стечајот се отвора на барање на фирма која изведувала дел од градежните работи на објектите и си го бара назад долгот од 2 милиона евра. За тоа активира нотарска извршна клаузула.Но,  откако не можат да ги наплатат парите бидејќи сметките се празни, бизнисменот Миле Младеновски сопственик на “Кратер” бара од судот „Сис Инвест“ да оди во стечај. Тоа значи дека судот ќе почне да го продава атрактивниот имот на фирмата за да го исплати доверителот.

Инвеститор на градбата е фирмата „Балкан констракш груп“, исто така на Самсоненко, а „Сис инвест груп“ е сопственик на објектите и на вредното земјиште. Фирмата „Кратер“ која изведувала дел од градежните работи повела постапка за стечај, не за инвеститорот „Балкан констракш груп“, туку за фирмата „Сис инвест груп“ која се јавува како гарант во договорот. Но, „Сис инвест“ поднесува кривична пријава против сопственикот на „Кратер“, нотарот и поранешниот управител – Ратко Капушевски поради сомнение дека направиле фалсификат договор со цел да му наштетат на Самсоненко.

Офицерскиот дом и хотелот „Мериот Кортјард“

Приказната на Сергеј Самсоненко

Кога започнуваат градежните работи во 2015 година, инвеститорот на објектот склучува договор со повеќе фирми, а една од нив е и „Кратер“ која е изведувач на термотехнички инсталации. Но, сметката на фирмата на Самсоненко е блокирана врз основа на нов Договор склучен меѓу „Сис инвест“ и „Кратер“ на 13 ноември 2018 година со назнака Извршна клаузула. Тоа значи дека со тој договор може да се наплатат долговите директно преку извршител. Договорот во име на „Сис инвест груп“ го потпишал управителот Ратко Капушевски. Самсоненко и неговиот адвокат се сомневаат дека тој Договор кој на 23 ноември е заверен на нотар е фалсификат.

Самсоненко преку неговиот адвокат во февруари годинава поднел кривични пријави до Јавното обвинителство против лицата кои учествувале во составување на документот. Тоа се неговиот доскорешен соработник и управител на фирмите, Ратко Капушевски, сопственикот на „Кратер“ Миле Младеновски и нотарот Ристо Папазов. Иако случајот е пријавен во февруари, Јавното обвинителство дури пред неколку дена го повикала Самсоненко да даде исказ.

„За сите наши тврдења имаме документација со која истите ќе ги потврдиме, но сите овие случувања ни даваат за право основано да се сомневаме дека се е организирано од некого, а дел од надлежните институции се инволвирани во оваа работа, со цел да се наштети на г-динот Сергеј Самсоненко“, вели неговиот адвокат Новаковски.

Ратко Капушевски по еден месец од склучувањето на договорот, лани во декември, добил отказ од Самсоненко. Тој беше изненаден и рече дека не знае дека против него е поднесена кривична пријава за измама и фалсификување на документ.

„Мојата разделба со Самсоненко беше од лични причини. Јас имав други амбции за понатамошниот тек на мојата кариера. Ако адвокатот смета дека треба да поднесе кривична пријава, тој тоа може да го стори, но последниот збор ќе го има судот. Како управител на фирмите на Самсоненко секогаш сум се раководел и постапувал согласно законите“, рече Капушевски.

Нотарот, пак, Ристо Папазов по заверка на документот меѓу „Кратер“ и „Сис инвест груп“ заминува во пензија. Во нотарската комора велат дека неговата канцеларија е затворена од јануари годинава. Неколку месеци подоцна, во март, Папазов е еден од осомничените за финансиски криминал во предметот за изградба на „Шпански скали“ во Скопје. Тој за време на апсењата беше во бегство, а сега е во домашен притвор.

Средба во хотел “Русија”

2019, октомври

Во хотелот на Сергеј Самсоненко пристигнавме во договореното време во пет часот попладне, откако тој од прва го прифати состанокот со новинарите на ИРЛ. Хотел “Русија” е првата голема инвестиција на бизнисменот, кој од Ростов во Скопје се доселува во 2006 година.

Нема потреба да се обратиме на рецепцијата за насоки кон канцеларијата на Самсоненко. Брзо ни пристапува машко лице и не’ спроведува до последниот спрат од хотелот. Лево од лифтот е популарното место каде што излегуваат познати скопски фаци “Скај бар” на хотел “Русија”. Десно влегуваме во друга просторија преку која се пристапува кон пространатата канцеларија на бизнисменот. Просторијата не личи на типична канцеларија, но е приватна и во неа се разговара и за работа.

Сергеј Самсоненко е заедно со неговиот адвокат Александар Новаковски. Се споделуваат сомнежи дека зад оваа приказна можеби има некој трет кој сака да се дограби до атрактивниот имот на плоштадот. Тој вели дека нема што да крие, за се’ поседува документи, ќе сподели  и прифаќа разговорот да е официјален во целост.

“А се сомневате ли во некој? Кој сака да Ви го земе хотел Мериот?”, прашуваме. “И јас се прашувам”, одговара. За брзо потоа да каже дека го зачудува “тајмингот на целата приказна која почнува со апсењето на Јордан Камчев.

Сергеј Самсоненко и Орце Камчев

Повикај пријател: Понудата на Орце Камчев

Сергеј Самсоненко јо јавноста важи за богат човек, а во едно интервју и самиот се проценува на 100 милиони евра. Од доаѓањето во Македонија неговиот бизнис само се ширеше. Спортски клубови, ланец обложувалници, млекарска и градежната индустрија, хотели…Во јавноста често беше обвинуван дека бизнисот му цвета поради блискоста со тогашната власт. Во многу од бизнисите тој делеше удели со лица блиски до извршната власт. Таков е и Јордан Камчев.

“Не, не, не”, вели Самсоненко кога ќе се сугерира дека нивната релација е и бизнис релација. “Тоа не е вистина. Ние со Камчев сме пријатели, соседи, но немаме заеднички бизниси. Јас единствено влегов во еден период во „Здравје Радово“ и тоа беше се.“

Кога на 22 октомври минатата година во „Сис инвест груп“ во сопствеништвото влезе бугарска фирма, во јавноста почна да се зборува дека Камчев се дограби од скапата парцела на Самсоненко. Бугарската фирма тогаш купи 51 процент од уделите. Самсоненко тврди дека влегувањето на Камчев во неговата фирма била со единствена цел – да земе кредит од Бугарската народна банка. Бидејќи доцнел со плаќање кон доверителите за изградба на објектите на плоштадот, морал да побара кредит, а условот за добивање бил парите да се префрлат на бугарска фирма. Пружиле рака за кредит, но пари никогаш не легнале на сметката. На 9 ноември Јордан Камчев беше уапсен.

„Не можам да кажам кој стои зад ова. Но, чудно е што се’ почнува по апсењето на Орце Камчев. Оттогаш постојано имаме блокади во судовите и во обвинителството за сите постапки што ги почнавме за стечајот и за кривичните пријави.“, објаснува Самсоненко.

Во јануари годинава откако Камчев беше пуштен во домашен притвор излегува од фирмата „Сис инвест груп“ и Самсоненко повторно  останува единствен сопственик. На 13 февруари го пречекала веста дека за фирмата е побаран стечај.

“Добро соработувавме со Миле. Бев изненаден. Ми вети дека ќе ме почека. Планирав да му го платам долгот, но кога видов дека тој со фалсификуван договор сака да ме изигра, решив вистината да ја докажам на суд”, вели Самсоненко.

Миле Младеновски (десно) добива награда

Приказната на Миле Младеновски

Миле Младеновски во светот на бизнисот е познат како Миле Кратер. Ова не е име од насловните страници. Неговата фирма нема да ја најдете на инстаграм, иако е импозантно зданието во индустриската зона во населбата “Илинден”. Фирмата се занимава со термотехнички инсталации. Миле Младеновски не’ пречека во неговата канцеларија заедно со неговиот син, Ненад. Разговорот го водеше таткото, а синот беше таму за да го потсети на правните детали од зделката. Тој, барем така вели, прв пат, од нас слушна дека против него е поднесена кривична пријава.

„Каква кривична пријава од Самсоненко? Апсолутно не е вистина тоа што тој го зборува!”, вознемирено потскокна Младеновски. “Договорот беше склучен со цел да се заштитиме ние како фирма дека долгот ќе биде наплатен, бидејќи застаруваше“. Тврди дека нема никакви задни намери, ниту го сака хотелот, само наплата на неговиот долг од 2 милиони евра.

 Според него, точно е дека се склучил договор со фирмата „Сис инвест груп“. Но, вели дека во 2018 се склучил другиот договор со Извршна клаузула, со цел тој да биде заштитен откако било очигледно дека парите тешко ќе се наплатат.

Раскажа дека работел и на други проекти со Самсоненко, како салата “Јане Сандански, руската црква, академијата “Вардар”.

„Верував дека ќе плати и за овој проект.” – рече Младеновски

Од плакарот позади него го извади целиот предмет за соработката со Самсоненко, каде што имаше договори, анекси и други документи.

Првичниот договор за соработка е потпишан во 2015 година и во него нема извршна клаузула. Таа е додадена во документот што е склучен во ноември 2018 година, а се потпишани Младеновски и Капушевски. Потоа договорот е заверен кај нотарот Ристо Папазов

 „Точно е дека во првиот договор немаше извршна клаузула. Моравме да склучиме нов за солемизација и претставник на Самсоненко при потпишување на договорот беше управителот на неговите фирми Ратко Капушевски.“, објасни Младеновски

Капушевски потврди дека договорот “морал да го склучи за да ги заштити интересите на должинците”. Тврдеше дека за истото знаел и Самсоненко, но немаше одговор зошто договорот се направил само за еден должник, а не за сите, бидејќи “Кратер” не била единствената фирма со побарувања.

Фирмата „Кратер“ на Миле Младеновски

Чувар на огнот

“Кратер” е стара речиси колку и државата. Работи повеќе од 30 години. Во овие три децении Младеновски изградил голем бизнис и долга референтна листа на клиенти. Во неа се звучни имиња на македонски компании и државни објекти. Проектирале и изведувале за Цементарница Скопје, Алкалоид, Млекарницата Сведмилк – Скопје, спортската сала “Борис Трајковски, Сити мол – Скопје, Градски Трговски Центар, а учествувале и во гасификацијата на Струмица. Сопственикот на „Кратер“ добил и награда „Чувар на огнот“ заедно со премиерот Зоран Заев во 2012 година, кога тој беше градоначалник на Струмица.

Следното рочиште, ноември 2019

На 18 ноември е закажано рочиште во Граѓанскиот суд за стечајот на „Сис инвест груп“ на кое ќе се разгледуваат побараувањата на доверителот „Кратер“. Дотогаш Самсоненко води битка на неколку фронта во судовите. Бара поништување на Договорот со извршна клаузула и чека да почне истрагата по неговата кривична пријава за фалсификување на документот. Ако се случи стечај, судот ќе почне да го продава атрактивниот имот на фирмата за да го исплати доверителот.

Сосед на “Мериот Кортјард” е “Мериот” во сопственост на Сашо Мијалков. Овие два се единствените предвидени хотели на плоштадот.

Но, во оваа приказна ништо не онака како што се чини. Кои се бизнисмените кои инвестирале во деловните простории во Офицерскиот дом, кој иако беше најавен како Градска куќа, ќе биде комбинација од дуќани и канцеларии на градоначалникот на Скопје. УТРЕ на ИРЛ второ продолжение на приказната.

Поврзани приказни

Сакате да ви тргне со државно-спонзорирани зделки? Прво донирајте во МПЦ

Тајната вечера: Како МПЦ со партиска поддршка собра 2 милиона евра за црквата на улица „Македонија“

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »