Press "Enter" to skip to content

Сакате да ви тргне со државно-спонзорирани зделки? Прво донирајте во МПЦ

Сите ја знаат приказната за рускиот бизнисмен кој случајно се вљубува во Македонија и решава тука да се пресели своите бизниси и своето семејство. Годината е симболична – 2006 година, или онаа кога во Македонија почнува декадата на Никола Груевски и неговите блиски соработници и роднини. Сергеј Самсоненко станува виден скопјанец кој често се гледаше во друштво на високи функционери и бизнисмени. Колку подолго седеше, толку повеќе се зголемуваа зделките од државата кои тој ги добиваше. Но, малкумина знаат дека вистинскиот бум во македонската мини-империја на ростовскиот бизнисмен почнува со една великодушна донација од 1,8 милиони евра дадена на Македонската православна црква за израдба на Руската црква во Аеродром.

Осветување на темелите на црквата Света Тројца (јуни 2014)

Кога на 9 јуни 2014 година се удрија темелите на руската црква во населбата Аеродром, ВМРО-ДПМНЕ и МПЦ ја најавија како уште еден благороден чин на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Ктиторот на црквата „Света Тројца“со изградбата на православниот храм имаше желба да ги спои двата народа и во радост и во тага. Но, рускиот олигарх и МПЦ не ги поврза само вербата во Бога, туку си дадоа и завет на молчење за донација вредна 1.800.000 евра.

Земјиштето на кое се гради црквата е сопственост на МПЦ. Во 2013 година Црквата побарала дозвола од општина Аеродром за изградба на црква и ја добила во ноември 2013 година. Општината на чело со градоначалникот Ивица Коневски ја ослободила од плаќање на комуналии во висина од 46.000 евра, официјално ни потврдија од општината.

Седум месеци по добивањето на дозволата нема никакви градежни активности, а во јуни 2014 година се фрлија првите лопати. Тогаш рускиот олигарх Самсоненко се појави како ктитор на црквата. На свеченоста покрај двајцата „ортаци“ Самсоненко и поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, беа и тогашните градоначалници на Скопје и Аеродром – Коце Трајановски и Ивица Коневски, екс директорот на УБК Сашо Мијалков и рускиот амбасадор Олег Шчербак.

Во октомври 2014 година Самсоненко ја формира градежната компанија Балкан Груп Констракшн. Основачкиот влог е 387.000 евра, а управител е Ратко Капушевски. Само пет месеци подоцна оваа тазе фирма на МПЦ и’ префрла 1.800.000 евра донација за изградба на црквата во Аеродром.

Парцелата што ја поседува МПЦ и на која се гради црквата

ИРЛ испрати барање до Министерството за правда согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и го доби договорот за донација. Склучен е на 2 март 2015 година помеѓу Стефан Вељановски односно г.г. Стефан и управителот на Балкан Груп Констракшн, Ратко Капушевски. Претходно согласност за донацијата издала Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи на чие чело беше Валентина Божиновска со образложение дека „донацијата е од јавен интерес во слободата на вероисповеста и на изразување на верата како јавна дејност“.

Од спонзор на црква до градител

Но, паралелно со активностите за донацијата, се тераат и процедурите за доделување на 35 годишна концесија над салата МЗТ. Така, општина Аеродром го менува ДУП-от за Самсоненко и му дозволува да изград и хотел во рамки на спортскиот комплекс „Јане Сандански“, како и руската црква. За време на изградбата на спортскиот центар се удираа темели и се организираа свечености на кои гости на ростовскиот бизнисмен му беа тогашниот премиер, сега во егзил, Никола Груевски, поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, поранешниот градоначалник на општина Аеродром Ивица Коневски и десетици други лица од политиката и бизнисот. Секако, видни владици беа блиски со бизнисменот којшто подоцна изгради мала империја во градежништото, спортот, угостителството.

По донацијата за изградба на црквата, оваа фирма на Самсоненко во 2015 година „турбо“ се разработила. Па така, на крајот на 2015 година Балкан Груп има приходи од 11.900.000 евра, а расходи 11.144.000 евра. Добивката за таа година била 747.000 евра.

Осветување на темелите на црквата Света Тројца (јуни 2014)

Црквата според најавите требаше да биде завршена во 2015 година. Но, таа и денес се уште се гради. Но, затоа во само две години, 2015 и 2016, Балкан Груп изгради повеќе објекти. Спортскиот центар Јане Сандански, хотелот Русија, Академијата за млади таленти Ф.К. Вардар, го реконструираше рускиот конзулат во Битола, а објекти во изградба се главното седиште на академијата Ф.К. Вардар, Офицерскиот дом на плоштад Македонија.

Кои се другите донатори за Света Тројца

На интернет страната на оваа руска црква www.svetatroica.eu.mk на листата на донатори не е наведена големата донација од Балкан Груп Констракшн. Таму стојат други тројца донатори.

1.Градежната фирма „Прототип“ од Скопје;Игумен Методиј кој богослужи во Спасо-Преображенскиот 2.Валаамски манастир на островот Валаам во Русија;
3.Керамичка работилница “Гилдија Мастеров” од Санкт Петербург;

Од фирмата Прототип која има и свое претставништво во Сочи, Русија тврдат дека нивната донација била единствено во градежна механизација, односно позајмиле кран кој се користела при изградбата. Оттаму за ИРЛ одговорија дека немале никаква друга соработка со фирмите на Самсоненко во Македонија, а веќе не функционирала ни нивната руска подружница.

Вториот донатор е игумен Методиј, македонски свештеник кој од 1992 година живее и богослужи во манастир на островот Валаам во Русија. Во февруари 2016 кога претседателот на Русија Владимир Путин го посети манастирот Валаам, наместо претседателот на свештеникот како што е редот во црква, раката му ја бакна свештеникот на претседателот.

По само три месеци оттогаш во мај 2016 година МПЦ го одликуваше игуменот Методиј со орден на „Свети Климент Охридски од прв ред“ на церемонија што се одржа во Лешочкиот манастир. Покровител на тој настан беше тогашниот амбасадор на Русија во Македонија Олег Шчербак.

г.г. Стефан и отец Методиј во Лешок (мај 2016)

Колку и што донирал отец Методиј за изградба на црквата во Аеродром е непознаница, бидејќи неговата донација не е заведена во Министерството за правда.

Третиот донатор кој е наведен на интернет страната на црквата во изградба е керамичката работилница “Гилдија Мастеров” од Санкт Петербург, Русија. На нејзината интернет страна може да се види дека оваа компанија постои веќе 30 години и има изработувано иконостаси, декорации, украси од керамика, камини низ целиот свет. Особено се горди на каминот што е сместен во резиденцијата на претседателот Путин во Москва.

Каминот изработен од “Гилдија Мастеров” во разиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин

Цркви во руски стил

Црквата во руски стил на Самсоненко беше трета која почна да се гради во Македонија во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Претходно, црква во ваков стил почна да се гради во близина на Бигорскиот манастир крај Дебар, која ја градеше бигорското монашко братство. Потоа во Маврово, а ктитори беа членовите на семејството на Борис Стојменов.

Градењето цркви во руски стил од МПЦ го правдаа дека не е ништо невообичаено и немало потреба за никаква загриженост за менување на црковниот стил. Поглаварот на МПЦ г.г, Стефан на удирањето на темелите на црквата на Самсоненко рече дека таа црква ќе претставува дел од руската душа на македонска почва.

Црквата Света Тројца (28 ноември 2018)

Според законот за градба, МПЦ има рок од шест години од добивањето на одобрението да го изгради верскиот објект, односно во ноември 2019 година.

ИРЛ испрати прашања поврзани со донацијата и изградбата на црквата до МПЦ и Балкан груп констракшн, но оттаму не добивме никаков одговор. Заветот на молчење продолжува.