Press "Enter" to skip to content

Јовески му ги исполнил желбите на Мијалков при предавањето

Сменета сум поради случајот со Драги Рашковски и со Беса Транс. Спогодбата со Мијалков беше добра, а коментарите на американската дипломатија за македонската корупција се срам, пораз и вистина, ги коментираше поранешната шефица на одделението за организиран криминал и корупција Вилма Русковска актуелните случувања во правосудството во новиот поткаст „Разговор во редакција“ на ИРЛ. 

Пораз за македонското правосудство е американски истражители да мапираат корупција, смета суспендираната обвинителка Вилма Русковска која четири години го водеше Обвинителството за организиран криминал и корупција. Русковска беше гостин во поткастот „Разговор во редакција“. 

„Јас го доживеав како голем срам. Тоа значи дека обвинителството и другите институции не функционираат“, изјави Вилма Русковска за тимот од Вашингтон кој неколку дена ловеше корупција во земјава.

Вилма Русковска во моментов е под суспензија и воопшто не оди на работа од 18 август. Се сомнева дека е суспендирана поради неколку предмети кои ги отворило обвинителството за организиран криминал и корупција додека таа беше шефица. Ги посочи обвинението против Драги Рашковски, но и истрагата за техничата станица во која бил регистриран автобусот на „Беса Транс“ кој се запали во Бугарија и загинаа 45 македонски граѓани.

„Пријавата се однесуваше на тоа дека на 12,13 јули 2021 година извршена е контрола на станицата. Констатирале неправилности и изготвиле решение за затворање на станицата, а решението е потпишано три дена после несреќата. Решението требало да го потпише министерот за полиција“, рече во „Разговор во редакција“ Вилма Русковска кога објаснуваше зошто смета дека е тргната од позицијата. 

Русковска е убедена дека обвинителството склучило добра спогодба со обвинетите во „Империја“. Заплената од 36 милиони евра од Сашо Мијалков бил добар улов, иако поголем дел од имотот е под хипотека во комерцијалните банки и тие имаат предност при извршување во однос на државата. 

„Добар дел од имотот е под хипотека. Банките имаат предност за наплата пред државата. И тоа е причината зошто само овој имот се одзема“, изјави Вилма Русковска. 

Клучен елемент при одлуката обвинителството и Сашо Мијалков да се „пазарат“ каква спогодба ќе направат ако поранешниот шеф на УБК признае вина во случајот „Империја“, било вештачење кое го направиле професори од Економскиот факултет во Скопје. 

„Прво не сакаа да прифатат, после прифатија. Па пак се предомислија. Ние изгубивме шест месеци“ рече Русковска и посочи дека професорите долго ги убедувале да изготват вештачење, а дополнително им било страв од притисоци. 

Освен Мијалков, со обвинителството за „Империја“ се спогоди и бизнисменот Јордан Камчев. Тој во струшкиот затвор беше само четири месеци. Плати и пет милиони евра во државниот буџет.

„Јордан Камчев доби помала казна, зошто тој ни помогна фактички да дојдеме до сопственоста на Ексико и потоа натаму сами истражувавме“, рече Вилма Русковска за спогодбата со Јордан Камчев кој преку случајот „Рекет“ го урниса СЈО, обвинителство кое ја започна истрагата „Империја“ за перење пари. 

Посебен третман за Сашо Мијалков

ИРЛ пред поткастот „Разговор во Редакција“ ја објави сторијата „Евтина правда, исплатлив криминал“, каде се откри како Сашо Мијалков ја градел „Имепријата“ и како се пренасочувале државни ресурси за лична корист. Вилма Русковска објасни како Сашо Мијалков условувал да се предаде кога во февруари 2021 година исчезна од страв дека му е одреден притвор во Шуто Оризари. 

„Јас бев во канцеларија и ми звони телефонот и гледам Сашо Мијалков и се збунив. Прво мислев дека некој се шегува. Вика, обвинителке, Сашо овде. Слушнав дека ме бараат и сакам да се предадам кај вас. Викам добро, дојди и те чекаме. И му ѕвонев на мојот шеф Љубомир Јовески и не ми се јави. Бил на состанок во владата. И после половина час ми се јави и му кажав дека Мијалков сака да се предаде. И така и се случи“, рече Вилма Русковска за бегството на Сашо Мијалков и одлуката сам да се пријави. 

Сепак обвинителството требало да му исполни еден услов на Мијалков за да се предаде. 

„Услов на Сашо Мијалков беше да се предаде и да оди во куќен притвор. И кога ми се јави републичкиот обвинител Љубомир Јовески јас му кажав. Тој се согласи со тоа“, изјави Вилма Русковска. 

Вилма Русковска го коментираше и изборот на анонимниот Ислам Абази за нејзин наследник во Обвинителството за организиран кримнал и корупција. Вели дека не го знаела од претходно, но и дека неговиот избор се должи на тајно гласање на сите обвинители иако по изборот Амбасадата на САД изјави дека се збунети од изборот на Абази. Русковска не знае дали се точни тезите кои провеаја во јавноста дека на изборот му претходело политичко лобирање за тоа кој од кандидатите е прифатлив за позицијата.

„Политичко лобирање може да има, ама притисоци не. Тогаш колегите обвинители треба да си размислат дали да останат на работните мести“, рече Вилма Русковска. 

Суспендираната Вилма Русковска го заврши разговорот во Редакција со став дека го дели убедувањето на јавноста дека Македонија тоне во корупција. 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »