Press "Enter" to skip to content

Случајната ловечка вечера на Ислам Абази и Али Ахмети

„Кажете ми, ве молам, како може обвинителите од апелациското подрачје Штип да гласаат за обвинител за чија работа не знаат ништо?“ „Дали победи најдобриот обвинител или најуспешното политичко лобирање?“ Ислам Абази треба да гони организиран криминал, но самиот е прогонуван од минатото со Али Ахмети и видни припадници на таканаречената „огнена група“ на ДУИ. ИРЛ на социјалните мрежи најде  стара фотографија на обвинителот Абази и лидерот Ахмети која сугерира дека пријателството е подолго и позначајно од она што кандидатот ѝ го објасни на јавноста. Првите избори во Обвинителството минаа со прашања за политички влијанија и отсуство на интегритет помеѓу обвинителите. 

Пишува: Бојан Стојановски

Околу 160 обвинители, по свое убедување, на тајно гласање, првпат во македонската независност  на избори сами одлучија кој треба во Македонија да ја предводи борбата против организираниот криминал и корупција. Шеесет и шест обвинители во Ислам Абази препознаа личност со доволно искуство за да биде шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција следниве четири години. Но, само неколку часа откако стана официјално дека Абази ги добил симпатиите на колегите, медиумите почнаа да објавуваат фотографии каде што обвинителот се забележува во друштво на поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, сега дел од „огнената група“, но и со Фекри Ахмети, брат на Али Ахмети, неприкосновениот лидер на ДУИ веќе 20 години. Абази уште при првиот настап пред медиумите подигна „гард“ во однос на информациите што провеаја во јавноста дека неговиот избор се должи на заложбите на ДУИ, носејќи го во тесна релација неговиот избор со фотографиите со лица од ДУИ. Ислам Абази не криеше дека можеби некогаш се сретнал и со Али Ахмети.

Тој е непознат за пошироката јавност, но очигледно конкурентен и препознатлив во фелата. Неговата анонимност беше толкава што на интернет немаше фотографија од него за медиумите да можат да ја илустрираат веста како физички изгледа обвинителот Абази. Упорните новинари инсистираа Ислам Абази да одржи прес-конференција по изборот оти во трката за шеф само тој немаше програма како го гледа обвинителството што го води ниту, пак, се појави пред јавноста како неговите противкандидати Вилма Русковска, Ермон Незири и Деса Пауновска. Новинарите се фокусираа на прашања за евентуална негова поврзаност со ДУИ и дали фотографите со луѓе од оваа партија се причината зошто добил поддршка, но и дали интересни групи лобирале токму анонимниот Ислам Абази да добие поддршка од колегите, иако поголем дел од нив посочија дека до официјализирање на неговата кандидатура или не слушнале или знаеле многу малку за неговиот професионален ангажман. 

„Уште кога беа објавени имињата на кандидатите за шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, почна да се ‘шушка’ во судско-обвинителските кругови дека Ислам Абази ќе биде избран и дека зад тоа стои силна политичка поддршка. Таа информација ја зедов со резерва бидејќи сепак последниот збор го имаат обвинителите што гласаат сами зад параванот. Токму и затоа беше сменет законот, за да не може политиката преку членовите на Советот на јавни обвинители да влијае врз изборот на оваа моќна обвинителска функција, туку обвинителите да го изгласат колегата што е најстручен и најпрофесионален. Брифинзите од фелата говореа дека силно се лобирало за ‘тивкиот’ Абази. Шпекулациите се потврдија со изборните резултати, а Абази ќе остане да го прогонува сенката на релациите со високи функционери на ДУИ“, изјави за ИРЛ новинарката Елена Ивановска-Мукоска која со години известува за теми поврзани со правосудството.

Сенката на ДУИ зад изборот на новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази проба да ја тргне со објаснување дека немал лични контакти со челници на ДУИ. Не бил дел од која било партија, а со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, биле соселани од Зајас.

„Никогаш не сум бил и не сум член на која било политичка партија ниту, пак, во моето досегашно работење сум оставил впечаток дека јас имам одредени, да кажеме, релации или позиции со одредена политичка партија“, изјави на 8 ноември Исмаил Абази по прашањата на новинарите дека постојат фотографии на кои се гледа дека е во придружба на функционери на ДУИ кои, пак, имплицираат дека најголемата партија на Албанците евентуално вмешала прсти во изборот. 

 „Ловечката вечера“ на Али Ахмети и Исмаил Абази

Абази се дистанцира од Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција. Не криеше дека можеби некогаш се сретнале. Но, деталната проверка на новинарите на ИРЛ на социјалната мрежа „Фејсбук“ покажаа дека Ислам Абази и Али Ахмети, освен што се сретнале, барем еднаш седеле на иста маса во ресторан. На 25 декември 2016 година, двајцата се дел од „Ловечка вечера“ која се организира еднаш годишно за членовите на ловџиското друштво „Сокол Зајас“. Кога е направена заедничката фотографија, Ислам Абази е дел од Вишото обвинителство Гостивар.

Обвинителот Ислам Абази со претседателот на ДУИ, Али Ахмети на заедничка ловечка вечера на 25 декември 2016 година

„Ловечката вечера“ добила свеченост поради присуството на специјален гостин, и тоа ловџиите биле почестени со присуството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На чело на долгата маса седи првиот интегративец, а спроти него, на другиот крај на масата, е Ислам Абази. Од средбата на ловџиите има и видеозапис со благодарност до членови на друштвото од земјава и дијаспората, но и до Ахмети. 

„Посебна чест и задоволство ми претставува присуството на господинот Али Ахмети, кој вечерва е меѓу нас како еден од првите членови на нашето ловно друштво“, ќе изјави еден од присутните на „Ловечката вечера“ организирана на 25 декември 2016 година. 

Обвинителот Ислам Абази фотографиран со говорникот од видеото кој го поздравува претседателот Ахмети што ги почестил со нивното присуство

(Не)организиран избор 

На првите обвинителски избори провеа тезата дека изборот, наместо да биде стручен, ќе доминира политичко лобирање за тоа кој обвинител ги има симпатиите на партиските централи. Иако оние што нè брифираа посочија дека е тешко да се докаже дека пипалата на политиката останале надвор од процесот, сепак, не исклучуваат дека некој од кандидатите имал повеќе симпатии кај партиите, но не и кај колегите кои на крај гласа тајно. Дел од обвинителите што ги контактиравме посочија дека имало валкани политички игри кои не ги очекувале. Иако анонимно, подолг период низ обвинителските ходници се шушкало дека владејачката коалиција СДСМ-ДУИ имала фаворит, и тоа Ермон Незири од скопското обвинителство. Сепак, на денот на гласањето се случил неочекуван пресврт, а победа на изборите однесе Ислам Абази. Оние обвинители што одлучија да не зборуваат јавно беа изненадени од изборот. За новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција, обвинителите рекоа дека секој заслужува шанса. Абази бил добар правник. ИРЛ ги исконтактира тројцата обвинители што влегоа во трка за престижната и најмоќна позиција во Обвинителството. Деса Пауновска од гостиварското вишо обвинителство, која доби само десет гласа од колегите за шефовската позиција во Обвинителство за организиран криминал и корупција, уште пред да се официјализира изборот чула шпекулации за лобирања и можен победник, иако се гласало тајно. 

Најмногу мразам кога некој ми ја навредува интелигенцијата, и тоа се случи со овој избор. Кажете ми, ве молам, како може обвинителите од апелациското подрачје Штип да гласаат за обвинител што не го познаваат ниту, пак, знаат нешто за неговата работа или за неговите идни заложби? Јас навистина не знам што влијае на еден обвинител да гласа за друг обвинител без да го познава и без да прочита програма за идните планови. Не знам, можеби ние бевме премногу агресивни во нашата кампања, па сме влијаеле спротивно. Она што можам да го кажам е дека мора да се донесат некакви правила и мерки. Да бидам искрена, овој избор навистина наликуваше на политичка кампања и беше многу непријатно. Искрено, шокирана сум од изборот. Очекував дека Незири ќе биде избран. Слушнав муабети и пред изборите и сега откако е сè готово, но не би да коментирам шпекулации. Јас сум обвинител и сакам да се држам до фактите“, изјави Пауновска за ИРЛ.

Како што потврдуваат и самите обвинители, „најизгледни шанси“ имал Ермон Незири, кој моментално му е заменик на Гаврил Бубевски во скопското обвинителство. Незири извиси за победа со само два гласа помалку или освои 64. Иако самиот тој бил дел од шпекулации за лобирања – тези што ги потврдија и негови колеги, дел јавно дел анонимно – за ИРЛ изјави дека не слушнал во предвечерието на гласањето оти обвинителите низ земјава добиле насоки кого да поддржат. 

До мене не дошле никакви шпекулации за лобирање или, пак, дека јас требало да бидам избран за шеф. Јас бев фокусиран само на мојата програма и како да ја претставам пред колегите. Да бидам реален, задоволен сум од гласовите што ги добив, особено затоа што имаше многу колеги што и мене не ме знаат. Јас сметав дека имам потреба од програма и самоиницијативно си направив за оние што не ме знаат да можат да ги видат моите планови и размислувања. Сметам дека на идните избори има многу работи што би требало да се променат, на пример, да се воведе задолжително претставување и програма на секој обвинител“, изјави обвинителот Ермон Незири за ИРЛ откако се официјализира дека за само два гласа изгуби од обвинителот Ислам Абази за шефовската позиција во Обвинителството за организиран криминал и корупција. 

Највоздржана од коментар околу „политички влијанија“ поврзани со изборот беше досегашната шефица на ова обвинителство, Вилма Русковска. Не стигнале до неа шпекулациите што ги споделија нејзините колеги обвинители, дека изборите добиле налик на политичка кампања, иако самата Русковска пред гласањето неколкупати потенцираше дека била под политички притисок од поранешна влада додека била на позицијата. 

„Му честитам на колегата Абази за изборот. Ова е првиот избор на кој обвинителите сами донесоа одлука, и тоа е многу важно“, кусо изјави Вилма Русковска и рече дека откако колегите не ја поддржале за нови четири години како шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе се врати во скопското обвинителство и дека нема намера да го напушти ова обвинителство. 

Кариерата на Ислам Абази 

Новиот шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција Ислам Абази има десетгодишно искуство. „Призма“  веќе објави дека е избран за обвинител во април 2012 година во Кичево. За една година и седум месеци гонел фалсификатори на службена исправа, кражби, неплаќачи на издршка, затајување данок. Веќе следната 2013 година е унапреден во Вишото обвинителство во Гостивар, а во 2018 година, откако СДСМ и ДУИ формираат влада, станува во шеф на гостиварското вишо обвинителство. Но сите овие податоци за кариерата на Абази се непознати за јавноста. Името на Ислам Абази првпат станува интересно во приказна на Истражувачката репортерска лабораторија. ИРЛ пишуваше сторија за обвинителот од Гостивар, Арсим Адеми, кој го гонеше Зоран Милески-Кичеец за сообраќајната незгода што ја предизвика на превојот Стража на 4 септември лани. Кичеец со „мерцедес“ со кичевски регистарски таблички претекнуваше на полна линија со неприспособена брзина. Поради ова, загина триесет и четиригодишниот Евзаљ Селими од Гостивар, оженет и татко на две малолетни деца. 

https://irl.mk/veshtacheeto-za-soobraakata-mu-pomogna-na-obvinitelot-da-mu-dade-blaga-kazna-na-zoran-mileski-kicheets/ 

Истражувањето на ИРЛ покажа дека обвинителот Арсим Адеми ја сменил првната квалификација и Зоран Милески-Кичеец, наместо да се соочи со казна затвор од една до четири години, доби шест месеци условна казна по спогодба со основното гостиварско обвинителство и откако призна вина. Нов елемент што му ја ублажи казната на Кичеец беше вештачење што го нарача обвинителството во Гостивар во кое се утврди дека единствен пропуст на Зоран Милески-Кичеец лани на 4 септември бил што претекнувал на полна лента, но не и дека возел побрзо од дозволеното, иако обвинителството од Гостивар три дена по несреќата соопшти дека брзината била неприспособена со условите на патот. Документот или вештачењето овозможи правна преквалификација на делото – од тешки дела во сообраќајот со евентуална умисла, за што се предвидени најмалку четири години затвор, во небрежност. 

И по ваквиот „дил“ на обвинителот Арсим Адеми и острите реакции во јавноста, тој сепак годинава конкурира за обвинител во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Не доби поддршка во Советот на јавни обвинители. Она што е интересно е што на вонредното оценување од гостиварското вишо обвинителство добил максимални 25 бода токму од Ислам Абази, кој веќе е на нова шефовска позиција во Обвинителството за организиран криминал и корупција. 

https://irl.mk/na-loshiot-student-i-milenik-na-shefovite-ko-go-spasi-kicheec-saka-da-goni-organiziran-kriminal/

https://irl.mk/kicheec-mu-presudi-na-obvinitelot-arsim-ademi/ 

Арсим Адеми, според ранг-листата на Академијата за судии и јавни обвинители, бил со најлоша оценка како дел од петтата генерација слушатели. Од 13 кандидати, тој има најниска збирна оценка. За обвинител бил избран во март 2016 година. Адеми му го честита изборот на Ислам Абази, кој со максимални бодови ја оцени неговата работа додека Абази беше шеф на вишото гостиварско обвинителство.

Обвинителот Арсим Адеми му го честита изборот на колегата Ислам Абази

По свадба тапани 

Со новиот Закон за обвинителство, кој стапи во сила на 30 јуни 2020 година, обвинителите сами на непосредни избори првпат избираа кој ќе го води Обвинителството за организиран криминал и корупција. Но, откако јавноста, медиумите и правната фела реагираа за начинот на кој самата фела одбра кој е најидеален да се бори против корупцијата и организираниот криминал во Македонија стигнаа првите критики-построги критериуми и недостиг на податоци за професионалната кариера на кандидатите беа главните забелешки што се актуализираа по изборите. Прва честитка по официјалните резултати од гласањето до обвинителот Ислам Абази ја упати заменик-министерот за правда од ДУИ, Агим Нухиу. 

Но, сепак, честитката не била институционална, уверува министерот за правда Никола Тупанчески, туку индивидуална. И Тупанчески ги видел фотографиите на социјалните мрежи на Абази со членови на ДУИ.

„Ги видов и тие фотографии што имплицираат дека избраниот обвинител има некаква конекција или комуникација со претставници на одредена политичка партија“, изјави министерот за правда Никола Тупанчески по изборот и откако во јавноста беа објавени фотографии на Ислам Абази со лица од Демократската унија за интеграција. 

Тупанчески смета дека моделот на непосредни избори, каде што гласаат обвинителите, има недостатоци. Според него, можеби е неопходен втор круг или заострени критериуми за тоа кој може да поднесе кандидатура. За изборот на Ислам Абази реагираше и Државната комисија за спречување корупција која посочи дека објавените фотографии на Абази и лица од ДУИ може да асоцираат на евентуално влијание при изборот. Реакција по изборите имаше и Блупринт-групата за реформи во судството. 

„Јавноста, а посебно стручната јавност, немаше можност да се запознае со предлог-програмата на кандидатите, што би влеало доверба во процесот, а би влијаело на доверба во институцијата. Ова е особено важно ако се земе предвид дека станува збор за обвинител кој ќе раководи со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, чии постапки се од висок интерес за јавноста, медиумски се експонирани и значително влијаат врз формирањето на мислењето и довербата на јавноста во Обвинителството и судството во целина“, напишаа од Блупринт-групата која е мрежа на невладини организации со главен фокус на реформите во правосудството. 

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.