Press "Enter" to skip to content

Како ви избега?

Неколку пати сум кажал и пак ќе повторам дека со бегање не се решаваат проблемите. Мојот стил на живеење не е да бегам”, ќе се пофали Сашо Мијалков за по три години да исчезне непосредно пред носење на пресудата. Имиџот на бестрашниот Мијалков кој секогаш стои на “браникот на татковината” се чини дека ќе заврши кукавички. Но, вистинското прашање е: Кој ова го дозволи. ИРЛ направи хронологија на настаните, а тие отворија важни прашања. По серијата конфузни, непотполни и контрадикторни изјави на инволвираните во случајот, како и хаосот од нецелосни и навивачки информации кои ги споделуваат мнозинството медиуми, ИРЛ анализира што навистина се случуваше овој кобен викенд додека бегалецот елегантно исчезна. 

Подготви тим на ИРЛ: Сашка Цветковска, Маја Јовановска, Александра Денковска, Лука Блажев

На стражарските саати на истите луѓе по втор пат им избега високопрофилна личност. Во Унгарија е Никола Груевски, а во Македонија му се изгуби трагата на Сашо Мијалков. Вилма Русковска и тогаш и сега одигра важна улога во процесите кои требаше да обезбедат правда и да ги потврдат заложбите за борба со корупцијата. Обвинителка за гонење организиран криминал ја постави баџанакот на Мијалков, Јован Илиевски.

По заминувањето на Илиевски, во она што СДСМ го најави за пролет на демократијата и правдата, Зоран Заев повторно и’ даде доверба на Русковска и на предлог на Владата контроверзната обвинителка доби втор мандат, овојпат како шеф. ИРЛ направи реконструкција на настаните. Во разговор со вклучените лица во Јавното обвинителство и шефицата на Одделението за организиран криминал и корупција, сите судии од Кривичниот совет, експерти и лица од Министерството за внатрешни работи, како и по проверката и потврдувањеот на сите факти, тимот новинари на ИРЛ подготви хронолошки преглед на случувањата од денот на читањето на завршните работи.

Среда, 16 февруари 2021

Обвинителите Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов ги даваат завршните зборови за случајот Таргет – Тврдина во којшто првообвинет е Сашо Мијалков. Овој предмет е најголемиот и најзначајниот предмет на висока корупција и организиран криминал во историјата на државата. Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) е обвинет дека во договор со братучедот и премиер Никола Груевски го организирал и нарачал прислушувањето на повеќе од 20 илјади граѓани.

„Дали поради тоа што отсуствуваше правна разрешница и одговорност во претходните скандали за прислушување, е причината поради која ни се случи овој трет, најголем по обем скандал на прислушкување во кој до крајна дрскост и безобзирност се поместени границите на почитување на правата на другите?”, праша Ристоска.

Петок, 19 февруари 

21:00 часот

Речиси единаесет часа обвинетите, обвинитителите и новинарите го следеа претпоследниот чин од најатрактвното судење во земјата во која што довербата во правдата е ниска. Обвинителството побара маскимална казна од 13 години затвор. Таа ноќ Сашо Мијалков ќе замине во хотелот Мериот, негов втор дом. Обвинителите не бараат изрекување мерка притвор за обвинетиот Мијалков.

Изгубената сабота и еден анонимен незнаен извор

Сабота, 20 февруари

9:00

Обвинителите Ристоска и Пеливанов во саботата утрото усмено ја известуваат полицијата да врши визуелен надзор врз обвиниетот кому на 26 февруари судот треба да му изрече пресуда, со оглед на тоа што станува збор за голем таргет.

12:00

Шефицата на јавното обвинителство за гонење организиран криминал Вилма Русковска од сопствен извор ќе слушне информација дека Мијалков подготвува бегство.

„Од кога добив информација дека е можно бегство на обвинетиот Сашо Мијалков, остварив телефонски повик со министерот Оливер Спасовски при што тој ми рече дека ќе ги провери сознанијата кои јас сум ги добила“.

15:00

Министерот Спасовски и’ се јавува на Русковска и од неа бара информацијата да ја испрати по писмен пат.

16.30

Русковска го праќа известувањето до МВР. Во него е наведено она што и веќе го кажала: Дека постои анонимен и непотврден нејзин извор кој и’ кажал дека Мијалков ќе бега. Русковска имала и други опции: Да ги свика обвинителите, да го пратат дописот и да се обратат директно до Судот, бидејќи МВР не може да додели притвор, може да прибира информации.

Од првата комуникација во 12.20 до 22.30 Русковска во ниту еден момент не ги информира нејзините колеги Ристоска и Пеливанов, ниту нејзиниот шеф Љубомир Јовески дека има информации за бегство на човекот кој 10 години беше најмоќната личност во државата. Оваа информација ја знаат само обвинителката Русковска, министерот Спасовски, директорот на БЈБ Тасевски, како и директорот на АНБ Димовски.

22.30

МВР враќа повратна информација не само до Русковска, туку и до државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, како и до двајцата надлежни обвинители за предметот Ленче Ристоска и Трајче Пеливанов. Од овој допис, тројцата обвинители, надлежните и нивниот шеф, дознаваат прв пат дека Русковска имала такви информации и остварила телефонска комунијација со МВР.

Русковска тврди дека во известувањето на МВР немало ништо повеќе од нејзината информација, само биле додадени генералии на обвинетиот Мијалков.

23.00

Русковска телефонски комуницира со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, кој го прашува дали остварил контакт со директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, и дали оваа институција има некакви сознанија дека Мијалков планира бегство. Тој и’ одговорил дека никој нема такви информации.

23.30

Русковска телефонски разговара со Јавниот обвинител, Љубомир Јовевски, кој ја прашува колку и’ е сигурна информацијата од изворот на скала од 1 до 10.

„Јас кажав дека тоа ми е оперативна информација од мој личен извор и дека на скалата на сигурност ми е седум. Се договоривме да видиме следниот ден, во недела“, вели Рускоска.

Нејасно е што сторил Јовевски со цел да се осигура дека најголемиот судски процес тече беспрекорно од страна на неговата институција.

Со надлежните обвинители таа ќе разгоара дури следното утро.

Русковска контактира со обвинителите Ристоска и Пеливанов и решаваат да поднесат барање за притвор. Од МВР бараат информација дали обвинетиот е „обезбеден“, по што добиваат повратен одговор дека е лоциран и доколку има движење ќе бидат известени.

На прашање на ИРЛ таа не даде одговор зошто веднаш не ги известила надлежните обвинители, со цел да можат веднаш да одат во судот и да побараат мерки.

Недела 21 февруари

9:00

Русковска повторно остварува комуникација со изворот кој и’ ја потврдува информацијата дека Мијалков планира бегство. Обвинителите Ристоска и Пеливанов го пишуваат барањето до судот за одредување мерка притвор на Мијалков.

11:00

Двајца највисоки функционери во МВР, министерот Спасовски и директорот на БЈБ Тасевски, се на Пониква во посета на децата на семејствата на загинатите бранители кои таму се на зимски одмор.

12:00

Русковска повторно остварува комуникација со изворот кој и ја потврдува информацијата дека Мијалков планира бегство. Обвинителите Ристоска и Пеливанов подгопишуваат барањето до судот за одредување мерка притвор на Мијалков.

12:00

Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев ќе добие повик дека Обвинителството треба да поднесе итно барање за притвор.

„Не знаев за кој случај се работи, но бидејќи беше нагласено дека навистина е многу итно, веднаш се организиравме”, рече Џолев за ИРЛ.

 12:30 

Судијката Васка Николовска Масевска е во Велес на семеен ручек кога го добива повикот од претседателот на Судот.

 „Ми јави претседателот и веднаш тргнав. Не знаевме што е овој случај, но ни беше посочена итноста и веднаш појдовме кон Скопје. Ние имаме законска можност од 24 часа да одлучиме по барањето. Но ние, најбрзо што можевме дојдовме на работа“, рече Николовска Масевска за ИРЛ. 

Судијата Илија Трпков е во Дојран. Огнен Ставрев е третиот судија, кој исто како и своите колеги Масевска и Трпков има обичен неделен ден во Скопје. Никој од нив не знае за кого се работи, но сите успеваат за два часа да бидат во Скопје. Согласно праксата, тие во викендите не дежураат и имаат право да одлучуваат во рок од 24 часа.

14.30 Кривичен суд

Обвинителите се во судот и ги чекаат судиите од Кривичниот совет да пристигнат.

14.30 Хотел Мериот

Сашо Мијалков пие кафе во кафулето „Дистрикт“ сопственост на хотелот Мериот со Ивица Коневски.

15:00 Кривичен Суд

Сите тројца судии од Кривичниот совет се во судот и го повикуваат главниот судија од „Таргет – Тврдина“ за да им го предаде предметот што поскоро. Судијката Џенета Бечковиќ го доставува предметот и заседавањето на Кривичниот совет почнува.

15.00 часот

Мијалков го напушта Мериот. Полицијата има право само визуелно да го набљудува. Според полициските извештаи тој заминува во куќата на Водно. Полициските патроли ги информираат обвинителите дека обвинетиот е дома.

 15.30

Кривичниот совет носи одлука да му се одреди куќен притвор.

 „Врз основа на тоа што беше напишано во барањето за притвор дека имаат непотврдени, неофицијални информации дека обвинетиот може да избега, ние одлучивме да доделиме куќен притвор.“, изјави судијката Васка Николовска Масева, претседател на Кривичниот совет.

Судот одредува и 24 часовно полициско обезбедување, видео и електронски надзор, како и забрана за комуникации освен со членовите на семејството и адвокатите.

18.30

Одлуката е формализирана. Полицијата која е во Судот заедно со надлежните обвинители ја презема одлуката за куќен притвор од Кривичниот совет.

Во следните три часа нема информација дали институциите меѓусебно комуницирале.

21.20

Обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор.

21:47

Потврдено е дека обвинетиот Мијалков не е пронајден.

Понеделник 22 февруари

Ден по бегството на Мијалков, првата изјава ја даде премиерот Зоран Заев утрото во 10.30 часот пред Кривичниот суд каде беше сведок во случајот „Титаник“.

„Реков дека ќе побарам одговорност, кога ќе ги имаме деталите. Во БЈБ е примена наредбата и постапено по неа. Ако има каков било пропуст, ќе побарам јавно одговорност. Не можете да очекувате од мене да правам јавна истрага пред микрофоните и камерите. Ќе очекувам одговорност за ваквиот случај таму каде што затаило спроведувањето на законот. Очекувам Мијалков да биде ставен во домашен притвор“, додаде Заев.

12.00 часот

Новинар на ИРЛ ја бара Русковска на нејзиниот мобилен телефон и ја прашува дали имате неколку минути време за неколку прашања. Таа одговара:

„Немам неколку минути, се брзам, на онлајн конференција треба да се вклучам на дебата за измени за Кривичниот законик“.

Русковска сепак одговори на неколку прашања и тогаш обелоденува дека таа лично доставила информација до МВР дека Мијалков планира бегство. И објаснува зошто обвинителството уште во петокот, кога беа завршните зборови, не побара притвор за Мијалков.

„Барањето за притвор беше испратено во недела затоа што дури во сабота добивме непотврдени информации дека е можно да се даде во бегство. Претходно сега обвинетиот уредно ги почитуваше мерките на безбедност Од овие причини обвинителство претходно не бара изрекување мерка притвор. Немавме никаква причина да бараме мерки порано, ќе излезеше дека прејудицираме осудителна пресуда“.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во понеделникот не се појавува. Русковска го користи отсуството на официјални лица од другите инволвирани институции и ја отфрла својата одговорност за бегството на Мијалков. Целиот фокус го насочува кон улогата на МВР.

Сите неодговорени прашања

1.Кој е изворот на Вилма Русковска?

2.Зошто Русковска криела 8 часа од Ленче Ристоска, Трајче Пеливанов и нејзиниот шеф Љубомир Јовески дека Мијалков ќе бега?

3.Зошто Русковска ноќта на 20-ти не поднесе барање за притвор?

4.Зошто во клучните моменти Оливер Спасовски и Сашо Тасевски се на Пониква?

5.Што прави МВР на 21-ви од 18.30 до 21.20 часот кога му се губи трагата на Мијалков?

Снаодливиот шпион

Сашо Мијалков е уникатна комбинација на државен службеник од кариера и богат бизнисмен. Припаѓаше на мала група на луѓе, меѓу кои што неговиот братучед и премиер Никола Груевски, неговиот брат Влатко Мијалков и кумашинот на премиерот, Зоран Ставревски, кои државата ја управуваа под притисок, закани и целосна контрола врз правосудниот систем и длабоки врски со организираниот криминал. Еден од механизмите на нивното владеење беше прислушувањето на граѓаните кое подоцна доведе и до пад на власта. Новата администрација водена од СДСМ вети трансформација и значајни политички промени кои би почнале со она што е приоритет: Борба со корупцијата и организираниот криминал во редовите  на системот.

Требаше да почне со казнување на виновните од врвот. Ама Никола Груевски избега во Будимпешта. Братучедот Мијалков чекаше судење за најголемиот скандал – прислушувањето. Исходот веќе две години го чека на слобода. Ако додека работеше како директор на УБК неговите имот се затскриваше зад анонимни лица и офшор компании, по промената на власта тој се легитимираше како сопственик во хотелот Мериот, влезе во нафтената индустрија, во казината. Во последните месеци пред неговото бегство, почна сериозно да работи на ресторирање на неговиот имиџ: Бизнисмен и спас за ВМРО ДПМНЕ од Мицкоски. За многумина, комоцијата со којашто Мијалков живееше јавен живот беше сигнал на предавство на правдата. Но, неговото бегство промени многу нешта, а ниту едно од нив не е позитивна порака за долгоочекуваната правда.

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »