Press "Enter" to skip to content

Наташа Димитриевска од жртва на сообраќајна несреќа стана жртва на правосудниот систем

Советот на јавните обвинители ја одби претставката на Наташа Димитриевска која во сообраќајната незгода во близина на „Млечниот ресторан“  во Скопје го загуби својот сопруг и тримесечниот плод. По судската пресуда со која на виновникот Васил Чорбачиев му беше изречена само две годишна условна казна, Димитриевска поднесе претставка за работата на обвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска која е одбиена. Нејзината единствена надеж е одлуката која што ќе ја донесе Апелациониот суд Скопје за висината на казната на Чорбаџиев

Советот на Јавни обвинители ја одби претставката на Наташа Димитриевска која во сообраќајната незгода во близина на „Млечниот ресторан“ покрај тешките телесни повреди ги загуби сопругот и тримесечниот плод.  Советот смета дека за овој кривичен предмет е постапувано правилно и согласно законските прописи. 

„Јавните обвинителски одлуки се носени откако се собрани сите докази, информации и известувања кои јавниот обвинител сметал дека се потребни за правилно и законито одлучување“- пишува во одлуката на Советот на јавни обвинители.

Димитриевска поднесе претставки за работата на обвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска непосредно по судската пресуда со која виновникот за сообраќајката доби само две годишна условна казна. Таа во претставките ги има наведено нерегуларностите како отуството на обвинителката при донесувањето на одлуката, истерувањето на Наташа од судницата во моментот кога Чорбаџиев ја признава вината, грешките при увидот на МВР и обвинителството кои морала самата да ги исправа. Загубата на нејзиниот плод воошто не била земена во предвид при водењето на случајот.

„Многу сум разочарана од донесената одлука на Советот на јавните обвинители изразена преку Стручниот колегиум на ВЈО Скопје затоа што во работењето на обвинителката Снежана Бундалевска Ѓорѓиевска не најдоа пропусти и покрај сите нерегуларности кои темелно ги елаборирав во постапката“,- вели Наташа која оваа одлука ја дознала по завршувањето на операцијата што морала да ја направи по две години како последица од сообраќајната незгода.

Причината за сообраќајната незгода на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во која Наташа го загуби сопругот и својот плод беше непочитувањето на сообраќајните знаци од страна на тетовскиот бизнисмен Васил Чорбаџиев. Тој одлучил да им го пресече патот на Димитриевски на две полни ленти игнорирајќи ја забраната за вртење кон лево. Но признавањето на вината пред судот беше неговата олеснителна околност заради која доби условна пресуда од две години и покрај тоа што во сообраќајката имало човечки жртви.

Прочитајте го нашето последно истражување

Учебници по Кембриџ: Како ВМРО ДПМНЕ ја почна, а СДСМ ја продолжи лагата со учебниците вредна 30 милиони евра

Наташа беше одлучна во борбата со носителите на правдата бидејќи за неа не беше доволно единствената казна за Чорбаџиев да биде неговата совест како што одлучи судот. Таа по професија е правник, а познавањето на законите е нејзината предност во оваа борба. Претрпената болка и беше мотив да поднесе претставка за работата на обвинителката Снежана Бундалевка Ѓорѓиевска која вчера беше одбиена.

„Единствената надеж која ми преостанува е одлуката за висината на казната на виновникот од страна на Апелациониот Суд Скопје,“ – додава Наташа која се помалку верува во правдата на институциите во Македонија.

На годишно ниво кривичните дела по чл.297 и чл.300 се помеѓу петте најзастапени кривични дела во нашата држава. 

При изработката на оваа сторија тимот на ИРЛ разговараше со Натали Петровска од Коалицијата Сите за правично судење која смета дека мора да се пристапи кон спроведувањето на посериозни реформи во проверка на човечкиот фактор во правосудството, дури и нивна целосна промена.

„Со условни пресуди не може да се постигне ефект на превенција кон идните сторители на кривични дела од овој вид“ – рече Петровска која смета дека треба да постои модел за проверка на интегритетот на носителите на функциите во правосудството.

 Само еден ден по пресудата за овој случај тимот на ИРЛ достави прашања и до Министерот за правда Бојан Маричиќ кој тогаш сметаше дека овој случај го отвара патот за анализа на пропустите во ваквите случаи.

„Најважното нешто што произлегува од овој случај е да се направи анализа дали постојат пропусти во третирањето на прекршоците и кривичните дела во сообраќајот. Мислам дека е разумно во наредниот период да се направи детална анализа на законската рамка, судската пракса, постапувањето на јавното обвинителство и работата на сообраќајната полиција од што би произлегле мерки и препораки за зголемување на безбедноста во сообраќајот,“ велат од кабинетот на Министерот за правда Бојан Маричиќ.

Поврзана приказна

Поглавје „Правосудство”: Почнува ли бунтот на „малите” луѓе

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »