Press "Enter" to skip to content

Неверојатната потрага по Мевлудин Алити

27.08.2020

Мевлудин Алити е човекот кој што не може да добие покана за разговор од институциите. Тој е сопственик на парцелата на која што се гради дивоградбата. Но, ИРЛ открива дека неверојатната приказна за создавањето на бетонското чудовиште пред трговскиот центар „Мавровка“ почнува многу порано од дивата сеча на дрва и пожарот во кафулето „Фонтана“ кога овој човек пред 8 месеци успева да легализира времен објект.

Пишуваат: Сашка Цветковска и Александра Денковска

Графика: Лука Блажев

Дополнително известување: Лила Караташева

Сечење

Кон крајот на март годинава Мевлудин Алити ќе го паркира своето возило пред скопскиот трговски центар „Мавровка“, ќе извади пила и ќе ја исече старата липа којашто ја создаваше сенката врз терасата на популарното кафуле „Фонтана“. Времето е квечерина, а освен полицијата и новинарите, речиси и да нема луѓе низ градот кој што во тоа време е во строг карантин. 

Престапникот ќе стане познат по три дена откако Комуналната инспекција на Град Скопје ќе побара од скопската полиција да и ги даде снимките од камерите на булеварот. Мевлудин Алити со адреса во Чаир е човекот чијшто идентитет ќе го оддадат безбедносните снимки. 

Според кажувањата на еснафот во трговскиот центар, Алити живее во Сингелиќ, а не во Чаир. Според дописот на Град Скопје до ИРЛ, и тие имале проблем да му ја достават казната на сторителот оти нивната покана била вратена од адресата којашто на Алити полицијата му ја води како постојано живеалиште. 

Палење

Се запали кафулето „Фонтана“ во Мавровка. Ноќта по пожарот, на први мај, оваа вест ќе ја соопшти полицијата. Пожарот не ги оштетил околните дуќани, но бил толку силен, што неколку часа го гаселе 20 пожарникари. Сопственикот на кафулето „Фонтана“ е истиот човек којшто го сече и дрвото – Мевлудин Алити. 

„Рано е да се даваат било какви коментари, ќе има истрага“, ова е кусиот одговор на министерот Наќе Чулев на новинарско прашање на телевизијата „Алсат“ која што ќе праша како се случил пожарот среде строг карантин. 

Медиумите известуваат детално за пожарот, а случајот ќе добие уште поголемо внимание откако по еден ден ќе се објави првиот наод од увидот. Пожарот се случил поради спој на компјутерот и  фискалната каса.  

Тука не е крајот со овој случај. По три недели од пожарот, на местото на изгореното кафуле се појавуваат огромни бетонски столбови. 

Градење

Медиумите известуваат дека на местото на старото кафуле „Фонтана“ се гради голем бетонски објект. Надлежни да испитаат што е гради пред трговскиот центар Мавровка се градежните инспектори на општина Чаир. Првите денови откако ќе започне изградбата, првиот човек на општината, градоначалникот Висар Ганиу тврди дека не се гради никаков објект, туку сопственикот на кафулето си го обновува локалот и за тоа има дозвола.

„Ве уверувам дека нема  да гради никаков објект, кафуле ќе си биде како што беше. Нашите инспектори беа на терен и се постапува соодветно“, вели за порталот „Сакамдакажам.мк“ градоначалникот Ганиу.

Изградбата на објектот не престанува, а медиумите и граѓаните се погласни дека не смее да се дозволи на таа локација да се изгради објект. По ова на терен ќе излезат и инспекторите на Градот Скопје, но нивната надлежност се терасите, не дивоградбите. Според документите од инспекцијата кои што ги доби ИРЛ, Градот веднаш ја известил општината Чаир, Државниот Градежен Инспекторат и Инспекцискиот Совет. 

Во расветлувањето на овој случај се вклучува и полицијата. И додека сите го бараат анонимниот градител, градбата од столбови стаса до два ката. Во средината на август градењето ќе прекине откако новиот наратив на институциите е дека не можат да го најдат градителот.

Два месеци институциите го бараат инвеститорот на градбата којшто во речиси сите медиумски известувања е посочуван како анонимен. Се чини дека никој не сака да се замери со оној кој што гради. Но и дека сите знаат кој е, но никој не би го кажал прв. Барем не додека осомничениот не ја добие поштата. 

Потрагата по Мевлудин Алити

На сегашната локација каде што се прави нелегалниот објект еден човек ја поседува и фирмата која што го оперира кафулето “Фонтана” – ТП со угостителска дејност бифе АМ Фонтана Алити Бајрам Мевлудин Скопје  и  имотниот лист за објектот. Објектот каде што се наоѓаше кафулето „Фонтана“ имотен лист добил  пред нешто повеќе од половина година откако Мевлудин Алити поднесува барање за легализација.   

Кафулето „Фонтана“ отворено во 1998 година во катастарот се водело како времен објект затоа што е на јавна површина. Во последните пет години, кафулето се промени во обем и од летна тераса се прошири кон скалите. Но, според јавните документи, општина Чаир го одобрила барањето за легализација на времениот објект во декември 2019 година. 

Сите институции на Мевлјдин Алити му доставуваат покана за разговор во врска со информациите за градењето на неговата парцела служејќи се со адресата во Чаир. Од општина Чаир вели дека без доказ кој е вистинскиот инвеститор, се што можат тие да сторат е да одат на лице место на локацијата каде што се гради за да му врачат решение за инспекциски надзор за рушење на дивоградбата, но велат дека немало кој да го прими. Инспекторите оделе напати, но велат дека не затекнале никој на лице место. Од општината велат дека го исконтактирале сопственикот на „Фонтана“, но тој им кажал дека не го гради новиот објект, па од таа причина решението за рушење се води на непознат сторител. Во меѓувреме од општина Чаир се уште чекаат да заврши вториот тендер за компанија за рушење, за да можат самите да ја отстранат дивоградбата кај Мавровка. 

Премислениот инвеститор

ИРЛ телефонски разговараше со сопственикот на некогашното кафуле „Фонтана“ Мевлјудин Алити на кого се води и имотниот лист за објектот.

„Не сакам да зборувам за тоа“  брзо се претвори во „Грешка сте“, за на крај да ни спушти тврдејќи дека не е во Македонија и не може да разговара. 

Но, во изјава за телевизијата „Алфа“ Алити на 2 јули годинава од местото на градењето, додека мајсторите уште работат, ќе изјави дека ќе се градел објект ист како претходниот, само бетонските столбови ќе биле подебели. Тој тврди дека има дозвола за реконструкција на објектот. 

Финансиската полиција отвори случај

Од полицијата случајот е предаден во Јавното обвинителство, а од таму бараат Финансиска полиција да се вклучи во истрагата.  

„Ние отворивме финансиска истрага за сите кои што се инволвирани во овој случај. Јас нема да го оставам овој случај додека не го решиме“, вели директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми за ИРЛ. 

Според информации од истражните органи, две фирми биле најмени од инвеститорот за да ја градат градбата кај Мавровка. Тоа се градежните компании „Антика Визион“ и „Ерман Инк Дооел“, двете од Сарај. 

ИРЛ се јави во  Антика Визион, додека Ерман Инк нема регистрирано никаков контакт. 

„Нашата компанија не го гради објектот кај Мавровка. Ние немаме никаква врска со тој објект“, одговорија од компанијата.

На социјалните мрежи можат да се забележат дузина фотографии од градилиштето кај Мавровка каде што лицата кои работеле на изградбата ја тагнувале во постови фирмата Антика Визион. 

Додека општина Чаир не заврши, Државниот градежен инспекторат не можел да почне

Додека на цела јавност и се чини дека случајот со дивоградбата кај Мавровка тапка во место, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) смета дека општина Чаир добро го води случајот. ИРЛ се јави кај раководителката на одделението за инспекциски надзор од областа на градежништвото за да прашаме какви се нивните надлежности во овој случај. Од таму ни одговорија дека ова е објект од локално значење и се додека општинските инспектори добро си ја вршат работата, ДИГУ нема никакви ингеренции. 

„Ние немаме надлежност во овој случај. Инспекторот од општина си го води предметот и додека се работи на случајот ние не можеме да преземеме ништо“, ни одговорија од ДИГУ

Од таму додаваат дека надлежност за да и се одземат ингеренциите на општината има ДИГУ, но се додека се преземаат активности за отстранување на дивоградбата, општината ќе си ги има сите ингеренции. 

„Не се занимавајте со ова“

За изработката на оваа сторија ИРЛ се користеше со официјални информации и документи од Републичкиот Катастар и Централниот регистар, други документи и брифинзи од надлежните општини и институции, а разговаравме со најмалку 15 лица од институциите и други лица кои што го познаваат инвеститорот. Никој од нив не сакаше да говори јавно и во детали за овој случај поради страв од притисоци и последици по нивните животи и кариери. Репортерите на ИРЛ добија идентични совети од сите луѓе со кои што разговарававме: „Не се занимавајте со ова“.