Press "Enter" to skip to content

Македонија и Косово – најкорупмирани држави на Балканот

Повеќе од десет години корупциски скандали криени под скапите килими во институциите, во 2018 година ја донесоа Македонија на 93 место од вкупно 180 по Индексот на корупција на Транспаренси Интернешнал кој беше објавен денеска. На Македонија друштво на 93 место и прават Косово, Монголија и Панама. Словенија е рангирана  на 36 место, Хрватска на 60 место, а  Црна Гора на 67 место, иако кај сите овие држави годинава е забележан пад на скалата во споредба со минатата година.

За разлика од лани, Македонија има скок од 14 места и подобрување од два поени но и натаму е меѓу земјите кои се сметаат за држави со хибриден режим, односно држави во кои има елементи на автократски тенденции.

Претседателката на „Транспареси Интернешнал-Македонија“, Слаѓана Тасева, денеска презентирајќи го извештајот рече дека подобрувањето не се должи на работата на институциите надлежни за борба против корупцијата. Според неа, напредокот оваа година има две компоненти: работата на Специјалното јавно обвинителство и учеството на граѓанскиот сектор во градење на политики и носењето на закони што ја подобрило сликата за демократизација на државата.

Тасева вели дека неефикасноста на судството и натаму е главен проблем за развојот на демократијата, но и суштинските реформи во борбата против корупцијата, како и избор на соодветен кадар кој ќе има интегритет и знаење да се справи со проблемот.

Од март 2017 година, Антикорупциската комисија нема кворум за работа и одлучување. Пет од вкупно седум членови на Комисијата си поднесоа оставки, затоа што беа фатени како си исплаќале патни трошоци кои според закон не им следувале.

Повеќе од една деценија членовите на Антикорупциската комисија никогаш не видоа проблем и во случаи каде што има очигледен судир на интереси. Како на пример, имотот и фирмите на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков. Се сеќавате на киријата која што странски инвеститор му ја исплаќаше на Миле Јанакиевски? Тој тврдеше дека само залепил бел лист А4 формат и напишал дека изнајмува дел од семејната куќа во Прилеп на оглас, а големиот странски инвеститор во коишто преговори учествувал и самиот едноставно случајно го видел огласот низ прилепските сокаци и решил да го изнајми. Антикорупциската комисија воопшто не постапуваше по ова прашање. Како и по многу други. Речиси и ништо не се сработи, а ова беше  редовно известувано во сите меѓународни и домашни извештаи.

Изминативе месеци, неколку нови случаи отворија сомнежи за искрената политичка волја на оваа власт за вистинска борба со корупцијата и организираниот криминал. Меѓу нив се и  обвинувањата за мек третман на осомничените високопрофилни лица од интерес како Сашо Мијалков, Јордан Камчев, Миле Јанакеиски, Кирил Божиновски и други, но и промените во Кривичниот законик кои маскирани како “технички детаљ“ навестија можна амнестија на вмешани  во висока корупција и организиран криминал.

ДАНСКА, НОВ ЗЕЛАНД, ФИНСКА И СИНГАПУР НА ВРВОТ НА ЛИСТАТА

На врвот на листата се земјите Данска, Нов Зеланд, Финска и Сингапур, а на дното Северна Кореја, Јемен, Јужен Судан, Сирија и Сомалија.

Соединетите американски држави за прв пат од 2011 година не е меѓу првите 20 земји, а во Унгарија е регистриран најнизок резултат во однос на политичките права од падот на комунизмот во 1989 година.

Генералниот заклучок во светски рамки е дека се забележува пад во борбата против корупцијата што придонесува и за намалување на степенот на демократиите во светот.

На глобално ниво резултатите за перцепцијата на корупцијата покажуваат дека континуираниот неуспех на државите значително да ја исконтролираат корупцијата придонесува за кризата на демократијата во светот.

„Со многу демократски институции под закана низ целиот свет, најчесто од лидерите со авторитарни или популистички тенденции, мораме да направиме повеќе за зацврстување на контролните механизми на власта и заштита на човековите права. Корупцијата ја ослабнува демократијата и произведува опасна спирала во која корупцијата ги поткопува демократските институции, а слабите институции потоа не се во можност да ја контролираат корупцијата“, вели Патрициа Мореира, оперативната директорка на Транспаренси Интернешнал.

Како земји со најголеми подобрување се издвоени Естонија, Брегот на Слоновата Коска, Сенегал и Гвајана, додека Австралија, Чиле, Малта, Турција и Мексико имаат назадувања во перцепцијата на корупцијата. Унгарија, САД и Бразил се земји на кои од Транспаренси Интернешнал велат дека треба да се обрне внимание во следниот период.

Според извештајот, повеќе од две третини од земјите имаат индекс кој укажува на недоволно ефикасна борба против корупцијата. Загрижувачки е што најголемиот дел од државите не направиле никаков, или направиле многу мал напредок во областа на искоренување на корупцијата, додека само 20 земји направиле значајно подобрување во справувањето со корупцијата.

Индексот на перцепција на корупција се заснова на 13 анкетни прашалници и експертски извештаи кои ја мерат корупцијата во јавниот сектор на скала од 0 до 100.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »