Press "Enter" to skip to content

Кривична пријава за директорот на МРТВ Марјан Цветковски

Финансиската полиција поднесе три кривични пријави до Скопското обвинителство и Обвинителството за организиран криминал, од кои првата е против директорот на МРТВ Марјан Цветковски за злоупотреба на службената должност и овластувања.

Во текот на 2015 година, Цветковски подигнал кредит од банка во износ од 140 милиони денари (2,2 милиони евра), а како договор за залог го заложил целокупниот недвижен и движен имот кој е во сопственост на ЈП МРТВ, во вредност од 294 милиони денари (4,7 милиони евра). Залогот, односно вредноста на заложениот имот е повисока од вредноста на кредитот, што значи дека директорот ја оштетил телевизијата за 154 милиони денари (2,5 милиони евра).

За склучување на договорите за кредит и залог, Цветковски не побарал дозвола и согласност од Собранието кое е основач и сопственик на ЈП МРТВ.

Финансиската полиција поднесе и кривична против нотарката која го заверила договорт за залог, без притоа да биде приложена согласност од сопственикот и основачот, Собранието.

Даниела Велковска од Финансиска полиција соопшти дека дел од добиениот кредит, Цветковски веднаш го искористил за помирување на обврските кон банката, давателот на кредитот.

„Дел од кредитот во износ од 30 милиони денари, првопријавениот М.Ц. веднаш го искористил за подмирување на доспеани обврски кон банката давателот на кредитот и довреител, по основ на претходен откуп на побарувања од правниот субјект БЕГ – снабдување Центар ДООЕЛ“.

Финансиската полиција почна да го истражува случајот откако извештајот на Државната ревизија покажа дека раководството на МРТВ подигнало кредит од 2.2 милиони евра за инвестиции, но средствата биле искористени за подмирување долгови.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми во мај за Алсат изјави дека„се прашува како јавниот сервис планирал да го врати долгот, кога МРТВ е нерентабилна“.

Финансиската полиција поднесе уште две пријави од кои едната е против претседателот на Управениот одбор на ТЕТО АД Скопје кој во 2018 без дозвола поднел барање за стечај за реорганизација на компанијата со што била нанесена штета на Топлификација АД Скопје во вредност од повеќе од 721 милион денари.

Третата кривична пријава е против директорот на Институтот за јавно здравје поради не преземање на дејствија за наплата на извршени услуги, дозволувајќи долговите да застарат и да се нанесе штета во износ од 41 милион денари.

Арафат Муареми на денешната прес-конференција на Управата објави дека Финансова досега поднела 28 кривични пријави против 51 физичко лице за 48 кривични дела со кои е причинета штета на буџетот повисока од 8 милијарди денари.

 

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна десноПовеќе теми во Насловна десно »