Press "Enter" to skip to content

(ВИДЕО) Јалова борба со криминалот и корупцијата

 „Потребни се темелни реформи во македонското судство“, „Договор нема, разликите за судските реформи останаа“, „Судски реформи без резултати“, ова се дел од насловите кои во последните 20 години осамнуваат во македонските медиуми. Во изминатите две децении евидентно е дека политичките гарнитури ги менуваат само позициите, но реториката останува иста. Кога се во опозиција критикуваат за корумпирано правосудство, криминална власт и заробени институции. Кога се на власт најавуваат одлучна борба против криминалот и сваровски судството и нулта корупција.

Наслови во медиуми

„Ова мора да престане веднаш! Правосудството мораме да го прочистиме од нечесните судии и обвинители, за да можат чесните и професионалните, непречено да ја обезбедат правдата која ја чекаат граѓаните“ – ова е само една изјава од стотиците вакви кои ги кажа премиерот Зоран Заев откако дојде на власт.

Последниот извештај за напредокот на Република Северна Македонија во Европската Унија премиерот Заев го нарече најпозитивен со чиста, безусловна препорака за почеток на преговорите за членство.  Во делот за правосудството и борбата со криминалот пишува дека е „постигнат одреден степен на напредок“. Но, ако однадвор со шминка се прават корекции на правната држава, одвнатре системот е трул и потребна е генералка односно вистински реформи.

„Токму оние судии и обвинители кои што работеа досега, а во меѓународните извештаи беше констатирано дека се работи за заробена држава, заробени инстиции, заробено правосудство, истите тие лица и во овој момент работат и судат. И затоа за нив е неопходно да се преиспита за дел од нив нивното назначување и именување на тие функции, за дел од нив нивното работење. Во секој случај неопходно е да се преземат мерки не само во поглед на унапредување и подобрување на регулативата, туку и на човечките ресурси во институциите“ – вели Натали Петровска од Коалицијата „Сите за правично судење“.

Првиот човек на Јавното обвинителство Љубомир Јовески е на став дека треба да има филтрација во овие институции, но клучното прашање е како и кој да го спроведе.

„Ветинг само заради ветинг не е потребно. Побитно е кој ќе го врши ветингот и дали при тоа ќе има политички влијанија. Ако се спроведува таква проверка тоа мора да биде од непристрасни експерти кои првенствено ќе имаат задача во делот на извршувањето на дотогашната работа, законите, интегритетот на луѓето кои ќе бидат подложни на проверка и само во тој контекст тие податоци би биле релевантни“. – изјави Јавниот обвинител Љубомир Јовески.

Јавниот обвинител Љубомир Јовески, претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска и директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми се првите луѓе на институциите кои имаат мандат да го гонат криминалот и корупцијата. Сите велат дека прават максимални резултати согласно условите во кои работат. А, условите се далеку од идеални. Низ годините во владата и институциите изготвени се стотици и стотици стратегии, кампањи, направени се комисии, оперативни тимови, но и натаму земјава е на 93 место според степенот на корупција, во друштво со Косово и Монголија.

Државна комисија за спречување на корупцијата

Новиот состав на Антикорупциската комисија беше избран во февруари. Во изминативе девет месеци комисијата отвори повеќе предмети за непотизам, судир на интереси, финансиски злоупотреби, а поведе постапки за испитување на имотната состојба на девет функционери.

Антикорупциска комисија

За дел од предметите Антикорупциска има надлежност да утврди одговорност, но дел ги препраќа на натамошно постапување во други институции. Нејзината работа е условена од функционирањето на други институции кои треба да и бидат логистика со документи и информации.

„Јас сум задоволна, затоа што воглавном институциите го почитуваат законскиот рок за доставување на документите од петнаесет дена. Меѓутоа не сум задоволна од бавноста на решавање на нашиот проблем на преселување, на инсталирање на опремата и со поврзување на 17-те институции за кои што законот ни дал надлежност да бидеме поврзани. Кога тоа ќе биде целосно функционално тогаш ние нема да имаме потреба од чекање документи од институциите, туку на моментална основа ќе имаме размена на податоци. И тогаш ќе бидеме навистина поефикасни“ – рече Билјана Ивановска – претседател на Антикорупциската комисија.

Во институцијата работат 22 луѓе, што не е ни половина од предвидените 50 со систематизацијата. Оваа година има буџет од 578 илјади евра, а во 2020 антикорупционерите ќе добијат 735 илјади евра.

„Во периодов ние веќе започнавме со подготовка на новата систематизација. Сега сме во фаза кога го подготвуваме правилникот за систематизација, планираме тоа да го завршиме до крајот на годината, но ќе не пресретнат изборите така што реално доекипирањето ќе почне во втората половина на годината, некаде во јуни“ – вели Ивановска.

До јавното обвинителство доставени се шест случаи за натамошна истрага, меѓу кои е и за градоначалникот на Сарај за кој бараат кривично гонење за дивите платформи на Матка. Ивановска вели дека соработката со јавното обвинителство засега е добра и дека добиваат повратни информации до која фаза се нивните предмети, но досега за ниту еден нема обвинение.

Во октомври антикорупциската комисија почна процес за изработка на Национална стратегија за спречување на корупцијата 2020 – 2024 и најави кампања која ќе се спроведува под мотото „Со ум во антикорупциски бум“.

Управа за финансиска полиција

Арафат Муареми на чело на Финансиката полиција е од јули 2017 година и вели дека е задоволен од постигнатите резултати. Ако во 2017 со нивните истраги утврдиле штета на државниот буџет од 8.130.000 eвра, во 2018 со поднесени кривични пријави таа се зголемува на 48.780.000 евра, а годинава заклучно со октомври откриле финансиски криминал тежок 146.340.000 евра.

Финансиска полиција

„За оваа година од вкупно поднесени над 40 кривични пријави до Јавното обвинителство, се отфрлени само 3 кривични пријави, што не е голема бројка. Тоа покажува дека резултатите од преземените предистражни дејствија од страна на Финансиската полиција даваат резултати и тие се прифатени од страна на Јавното обвинителство“ – изјави за ИРЛ Арафат Муареми – директор на Управата за финансиска полиција.

Во 2019 година буџетот на оваа институција беше 848 илјади евра, а во 2020 ќе биде 1 милион евра. Вели дека е доволен за да се покријат трошоците за да работат ефикасно.

„Пред неполн месец примивме нов кадар, луѓе со искуство во приватниот сектор и кои што сега влегуваат во државните институции. Тие многу подобро знаат однадвор како функционираат институциите и системот. Мојот став беше да примиме луѓе однадвор и да ги кажат своите искуства, како однадвор како функционира државниот систем“ – рече директорот на Финансиската полиција.

Но, колку финансиската независност гарантира професионална независност.

„Не можам да кажам дека немам притисоци. Но не како притисоци, туку заинтересираност за одредени предмети секогаш постоело и ќе постои. Но, доволно е да знаеш каков е начинот да ги дистанцираш тие личности за да не го попречуваат водењето на предистрагата. Тоа мислам дека со успешност го правиме, за да нема некои притисоци дека нешто ќе се стопира. Се што е стигнато во Управата е сработено и ќе се работи така и понатаму и ќе се достави до Јавното обвинителство за понатамошна постапка“ – изјави Муареми.

Јавно обвинителство на Република Северна Македонија

Љубомир Јовески во обвинителството дојде пред две години и го наследи Марко Зврлевски. Актуелниот обвинител тврди дека досега на неговиот телефон немало повици од кабинети на функционери или бизнис кругови. Но, од друга страна искрен е дека резултатите од работата се далеку од очекуваните.

„Па мислам дека во изминативе две години обвинителството покажа напредок во делот на извршувањето на јавноовбинителската функција и од почетокот се залагав обвинителските одлуки да се носат во рамките на обвинителството и политиката да ги држи настрана рацете од обвинителството Но, ако барате сосема искреност во овој период обвинителството не може да покаже поголема ефкасност во поглед на работењето со оглед дека значително е намален бројот на обвинители и припадници на јавно обвинителската служба“ – вели за ИРЛ Јавниот обвинител Љубомир Јовески.

Љубомир Јовески

Во моментов во државава има 172 јавни обвинители, а потребни се 251. Со години во Крива Паланка нема обвинител, во Ресен има само еден, во скопското обвинителство недостасуваат повеќе обвинители, исто како и во Гостивар и Кичево.

Освен недостиг на кадар, обвинителството не може да се пофали и со финансиска независност. Во 2019 од буџетот добиле речиси 14 милиони евра, а следната година еден милион помалку, односно 12.941.723 евра.

„Обвинителството не е финансиски независно со оглед дека буџетот го одобрува Министерството за финансии, Владата го утврдува и потоа на седница на Собранието. Секогаш нашите побарувања на буџетите биле значително смалени и мислам дека во наредниот период Обвинителството треба да работи повеќе и поупорно на неговата финансиска независност“ – рече Јовески.

И Јовески, исто како и Муареми и Ивановска, нема замерки на соработката меѓу институциите. Вели дека кога има основа постапуваат по наодите на ревизорските извештаи на Државниот ревизор, отвораат случаи врз основа на кривични пријави од Финансиската полиција или пак предмети од Антикорупциската комисија. Но, ако овој синџир функционира, тогаш зошто ниту еден функционер од првиот ешалон во власта не е во затвор, ниту пак останал без нелегално стекнатиот имот. Прашања на кои засега одговор треба да се бара во ветингот на судиите и обвинителите.

Уште едно најново владино тело за борба против корупцијата

Владата во август формираше уште едно тело кое го нарече Оперативен тим за борба против корупцијата, на чие чело е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Со оваа одлука Владата покажува силна решеност да не запре борбата против криминалот и корупцијата како стратешка определба. Оперативниот тим е целосно подготвен да се стави на располагање на Јавното обвинителство и на судовите во остварување на нивните законски обврски“, соопштија од Владата во август.

Министерот Оливер Спасовски е шеф на Оперативниот тим

Досега јавноста не слушна ништо за операциите на овој оперативен тим. Ниту пак има одговори и одговорност за тоа како успеа поранешниот премиер Никола Груевски да избега во Унгарија, зошто предметите на СЈО застаруваат и немаат судска разрешница и дали во затвор ќе заврши некој функционер од претходната или од сегашната власт.

 

„Видеото  е подготвено со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. За содржината се единствено одговорни Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.“

Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »