Press "Enter" to skip to content

Градоначалникот на Охрид на отчет во УНЕСКО, Нефи Усеини спокоен до ноември

Со четири нецелосно урнати дивоградби, од вкупно 1076, градоначалникот на Охрид Константин Георгиески замина на отчет во седиштето на УНЕСКО во Париз. Тој таму го презентираше првиот извештај за напредок по однос на препораките од последната сесија на Комитетот на светско и природно наследство. Георгиески рекол дека во текот на изминатите три месеци општината Охрид покажала „значителен напредок во делот на исполнување на препораките“. Ја споменал одлуката за мораториум на градба и регистарот на дивоградби, а за анализата за влијанието на бесправните градби врз културното и природното наследство рекол дека изработката е во тек. Градоначалникот на Охрид на претставниците на УНЕСКО им соопштил дека акцијата за уривање на дивоградби се одвива по утврдена динамика.

„Во рамки на акцијата, ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект/градба и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Охрид. Во однос на превенцијата на понатамошни бесправни градби во Охрид, општината ги засили инспекциските контроли и го доекипираше општинскиот инспекторат, со уште двајца нови градежни инспектори“, соопштија од општина Охрид.

Откако заврши летната сезона во Охрид и притисната со рокови од УНЕСКО, конечно општината на 20 септември реши да почне да ја урива првата дивоградба. Станува збор за куќа која веќе беше издигната на два ката. Во изминативе денови два угостителски локали на крајбрежјето „Момир“ и „Ликвид“ ветија дека сами ќе ги отстранат платформите, а денеска решение за уривање доби и хотелот „Грин спејс“ кој се наоѓа на излезот на Охрид. Дивоградбите на советникот Нефи Усеини и натаму не се чепнати.

Георгиески од Париз јави дека добил поддршка да продолжи со исполнување на задачите кои ги доби од УНЕСКО, но сепак оттаму во ноември му најавиле посета на Охрид со цел лично да се уверат во неговите зборови.

„Претставниците на УНЕСКО изразија поддршка и задоволство за посветеноста и прогресот што е направен за реализирање на препораките од сесијата на Комитетот во Баку, со надеж дека процесот ќе продолжи со истиот интензитет. На средбата беше најавено дека во месец ноември, претставници на УНЕСКО ќе дојдат, за на терен да ја скенираат состојбата и да се уверат за постигнатиот напредок.“, пишува во соопштението од општина Охрид.

Освен Георгиески во Париз се претставници од државни институции задолжени за спроведување на 19-те препораки кои во 2017 година УНЕСКО ги постави како услов до власта и кои мора да ги исполни ако сака земјава да го зачува статусот на светско наследство на регионот.

Комитетот на светско и природно наследство на следната сесија што ќе се одржи налето во 2020 година повторно ќе одлучува дали Охрид да го стави на црвената листа на загрозено наследство или ќе остане град под заштита на УНЕСКО.

Други приказни

Пратеник на ДУИ и заменик градоначалник на град Скопје со тужби бараат 2 милиони евра од државата

 

 

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »