Press "Enter" to skip to content

ДУИ не го дава студентскиот дом „Пелагонија“

Актуелниот в.д. директор на државниот студентски дом „Пелагонија“ – Бујар Муртезани којшто 9 години директорува, повторно конкурирал за директорското место на домот.

Од Управниот одбор на „Пелагонија“ велат дека тој ги исполнува условите и е еден од четворицата кандидати на кои ќе им биде извршено интервју во среда. Доколку Муртезани биде повторно избран, тоа ќе му биде трет мандат, што е спротивно од Законот за студентски стандард, според кој директор на државен студентски дом може да има најмногу два мандати.

Истражувачката репортерска лабораторија во април годинава го објави серијалот стории за студентскиот дом „Пелагонија“. Истражувањето покажа дека директорот Муртезани кој е од ДУИ, прв пат стапил на функцијата во 2010 година. Имено, тоа е и последната промена заведена во Централниот регистар. Од тогаш, Муртезани повторно бил избран во 2015, кога го започнал вториот мандат. Според новиот Закон за студентски стандард, директорот има право на два мандати во времетраење од 4 години. Кога го прашавме Муртезани дали тој повторно ќе конкурира, ни се закани со тужба за клевета и ни потенцираше дека тоа не е наша работа и не треба да не интересира.

Сепак, Владимир Петрушевски кој е член на Управниот одбор на домот, за ИРЛ потврди дека Муртезани е еден од кандидатите кои ги исполнуваат условите на конкурсот и ќе бидат интервјуирани во среда.

Бујар Муртезани е контроверзен лик. Тој во Пелагонија прв пат доаѓа на функција во 2009 година како в.д. директор. Истата таа година, државниот ревизор открива незаконито работење кое опфаќа и период во кој тој бил в.д. директор. По ревизорскиот извештај, Антикорупциската комисија во 2012 година бара од обвинителството да покрене истрага против Муртезани и двајца други поранешни директори на „Пелагонија“. Првиот јавен обвинител распределен на предметот била Лиле Стефанова, за потоа да биде прераспределен кај обвинителот Наум Паноски. Но ниту Стефанова, ниту Пановски во рок од 7 години, од 2012 до денес, не успеале да мрднат подалеку од предистражна постапка.

Ниту пријавата од Антикорупциска, ниту неговиот истечен мандат, не го поместуваат Муртезани од директорското столче. Тој досега нема поднесено ниту анкетен лист до Антикорупциската комисија, што оддава впечаток дека законите за штитениците на ДУИ не секогаш важат.

Муртезани е во роднинска врска со Назим Буши, актуелен оперативен директор во „Телеком“ назначен минатата година, висок функцонер во ДУИ и поранешен командант на ОНА во кумановскиот регион.

Сторијата на ИРЛ „Пеколни домаќини на пеколен дом“ покажа хаос во работењето домот, но и на институциите надлежни за домот, како Министерството за образование и наука. МОН е повикано уште во ревизорскиот извештај од 2009 дека неажурно си ја врши работата.

https://www.facebook.com/IRLMacedonia/videos/2092957787663839/

Одлуката за директорското место на „Пелагонија“ ќе ја донесе министерот за образование и наука, Арбер Адеми чија матична партија е ДУИ. Останува да видиме дали институциите конечно ќе работат и одлучуваат согласно законот и ќе воведат некаков ред во студентскиот дом, кој во моментов се распаѓа од мувла и ѓубришта.

Поврзани стории

Случај Студентски дом „Пелагонија“: Пеколни домаќини на пеколен дом

Случај „Пелагонија“: Телохранителот на Груевски држел без пари фитнес клуб среде студентски дом, го „честеле“ директорите

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »
Повеќе од Насловна централнаПовеќе теми во Насловна централна »
Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »