Press "Enter" to skip to content

ДКСК: Поранешениот директор на ЕСМ овозоможил поголем профит за РКМ на Ратко Капушевски

Најскапата државна зделка за купување мазут за ТЕЦ Неготино е коруптивна – се сомнева Државната комисија за спречување на корупција. Компанијата РКМ на бизнисменот и поранешен политичар Ратко Капушевски испорачувала помалку мазут а Електрани на Северна Македонија потпишувала анекси со оваа комапнија на веќе неважечки договори. РКМ и годинава увезува илјадници тони мазут вклучително и од босанската ХИФА Оил за која пред три година беше констатирано дека продавала загадувачко масло за загревање на болниците во Македонија. 

Известува: Давид Илиески;

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесе иницијатива до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за кривично гонење на поранешениот директор на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), Васко Ковачевски, како и за службени лица во Министерството за економија и во ЕСМ, за тендерот за набавка на мазут за Термоелектраната Неготино. Анализата на договорот покажала сомнеж за затајување данок, манипулација со пазарот кои пак предизвикале Електарани на Северна Македонија струјата производена во термоелктраната да ја продава поскапо.

На крајот од 2021 година, македонската Влада донесе одлука за повторно започнување со работа на термоелектраната во Неготино како мерка за зајакнување на домашното производство на електрична енергија. Енергетската криза и недостатокот на струја, на сметка на животната средина, ја наметна потребата ТЕЦ Неготино по 13 години пауза да ги реактивира печките кои горат мазут.

Ратко Капушевски е тајниот добавувач на мазут вреден 112 милиони евра за ТЕЦ Неготино – ИРЛ 2022

Државната компанија ЕСМ ќе склучи два договори за набавка на 195 илјади тони мазут во вредност од околу 210 милиони евра. Набавката ја изврши фирмата РКМ ДОО во сопственост на бизнисменот и поранешен политичар од ВМРО – ДПМНЕ, Ратко Капушевски.Во јануари 2023 година, членовите на ДКСК формирале предмет во кој ќе ги анализираат наводите за незаконска набавка на мазут од страна на ЕСМ.

Комисијата собрала податоци, документи и информации од различни извори, вклучувајќи државни институции, јавни претпријатија, банки и приватни компании. Истрагата вклучила и официјални разговори со овластени претставници од ТЕЦ Неготино и Регулаторната комисија за енергетика. По едногодишна истрага, комисијата утврдила сомнежи за несовесно работење, искористување и злоупотреба на службената положба од страна на поранешениот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски и други службени лица од министерството за економија и ЕСМ.

Антикорупционерите констатирале дека во тендерската документација на ЕСМ не било побарано економските оператори да го докажат капацитетот за испорака на мазутот. Дополнително, на првиот договор за набавка на мазут со РКМ склучен е анекс без да се утврди потребната количина и без да се утврдат ценовните и техничките услови на испорака, со што се овозможило за истата количина да се испорача мазут по повисока цена од првичната.

На вториот договор за набавка на мазут со РКМ, кој иако бил истечен, склучен е анекс за да се исплатат дополнителни пари, без да се наведе испорака на дополнителна количина на мазут.

Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски не одговори на повиците на ИРЛ за да каже свој став околу наодите за корупција и злоупотреба на службената положба кои ги утврди ДКСК.

РКМ на Капушевски не испорачала 18 илјади тони мазут до ТЕЦ Неготино, предвидени со договорот 

Предизвикот да се снабди ТЕЦ Неготино со мазут во услови на енергетска криза пред две години беше херкуловски: на европскиот пазар имаше недостиг на мазут во рафинериите поради сѐ позатегнатите регулативи за квалитет, каде што се вклучени високите еколошки стандарди и ограничувањата каде може и смее да се употребува мазутот.

Во март 2022 година, ИРЛ објави истражување кое покажа дека компанијата РКМ до ЕСМ доставила информација дека има договори за набавка на мазут од девет различни компании од Балканот и Европа, од држави како Грција, Албанија, Австрија, Бугарија..Но, рафинериите ОМВ од Австрија и ИНА од Хрватска за ИРЛ пред една година демантираа дека соработуваат со компании во земјава, вклучително и РКМ.

Лани откривме дека ОКТА ќе увезе поголем дел од потребниот мазут за ТЕЦ Неготино, односно барем 120 илјади тони од потребните 150 илјади тони мазут, иако тогаш Окта посочи дека никој не може да гарантира дека ќе се исполни договорот  поради општиот недостиг на мазут како енергент и предизвици кои ги донесе енергетската криза.

Антикорупциската комисија констатирала дека Капушевски „набавил мазут во помала количина од онаа што била наведена како испорачана“. Според сметководствената документација на ТЕЦ Неготино испорачаниот мазут од двата договори е со помала количина за околу 18 илјади тони. РКМ пак прикажал помалку приход во финансиските извештаи во споредба со договорите за испорака на мазут.

Според последните податоци од македонската Царина за увоз на мазут, компанијата РКМ во 2022 и 2023 година има увезено околу 45 илјади тони мазут, што претставува само мал дел од вкупната количина на 195 илјади тони кои требале да ги испорачаат за потребите на ТЕЦ Неготино.

Дел од мазутот кој РКМ го набавиле во 2023 година е купен од проблематичната ХИФА Оил од Босна и Херцеговина. Ратко Капушевски, во последната година набавил околу 1400 тони мазут од ХИФА преку неговата РКМ.

ХИФА Оил е една од најголемите и највлијателните нафтени компании на Балканот . Документарниот филм на ИРЛ „Заговор против воздухот“ објавен во 2021 година откри дека босанската компанија продавала загадувачко масло кое завршило за загревање на болниците во Северна Македонија. По објавата на документарниот филм следеа серија инспекциски контроли за квалитетот на мазутот кои констатираа дека станува збор за тешко отпадно масло, а не мазут.

Ратко Капушевски во најмалку два наврата беше фатен како увезува или се обидува да увезе лажно деклариран мазут во Македонија. Првата ваква пратка, која доаѓа од Германија, беше фатена од страна на хрватските цариници на граничниот премин со Србија, кога тие се посомневале во документацијата што била приложена. Испитувањата на хрватскиот Инспекторат за животна средина покажал дека станува збор за токсичен отпад и дека тарифните броеви биле погрешни. Вториот пат мазут на оваа компанија, кој доаѓаше од Словачка, беше испитуван од македонскиот Државен пазарен инспекторат. Анализите покажаа дека станува збор за токсичен отпад, а не мазут.

Споственикот на РКМ, Ратко Капушевски не одговори на повиците на ИРЛ.

Погледнете го документарниот филм „Заговор против воздухот“ од серијалот Редакција:

 

Повеќе од СторииПовеќе теми во Стории »