Press "Enter" to skip to content

Ратко Капушевски е тајниот добавувач на мазут вреден 112 милиони евра за ТЕЦ „Неготино“

Ова е најскапата набавка на мазут во државата кога било, направена меѓу државната ЕСМ и еколошки контроверзната компанија РКМ. Никој од лиценцираните трговци со мазут не се пријавил на двата повика за набавка на вкупно 188 илјади тони мазут, но Капушевски доставил понуда со девет фирми од различни држави како негови добавувачи. ОМВ од Австрија и ИНА од Хрватска тврдат дека Капушевски ги излажал ЕСМ дека тие ќе му продаваат мазут. Поголемиот дел од мазутот на РКМ му го продава скопска ОКТА која самата не се пријавија на тендерот бидејќи условите биле тешки.

Известуваат: Давид Илиески, Ивана Настескa; Дополнително известување: Сашка Цветковска, Бојан Стојановски; Илустрација: Лука Блажев

Со цел да се зголеми домашното производство на електрична енергија, кон крајот на ноември минатата година македонската Влада се согласи да се активира термоелектраната во Неготино, која не работи од 2009 година. Во разговор со ИРЛ, министерот за економија Крешник Бектеши со жалење констатира дека пуштањето на ТЕЦ „Неготино“ во погон било неопходно за справување со енергетската криза, иако, признава, се случува на сметка на животната средина.

По 13 години пауза, овој јануари ТЕЦ „Неготино“ ќе ги отвори вратите за пратки мазут тешки 38 илјади тони. ЕСМ ќе склучи договор во четири очи, но повеќе од два месеца нема да ја објави фирмата што ја добива оваа зделка. Праксата да не се објавуваат клучни информации поврзани со енергетската криза последните шест месеци е речиси формална политика на државната компанија.

Првиот договор 

ИРЛ дојде до информација дека договорот за ТЕЦ „Неготино“ го добила контроверзната компанија РКМ во сопственост на бизнисменот и поранешен политичар Ратко Капушевски. По долги убедувања дали ова е информација од јавен карактер, ЕСМ за ИРЛ откри која е фирмата и сподели дел, но не и целиот договор.

ЕСМ и РКМ склучиле два договора, со вредност од над 112 милиони евра. Првиот договор е склучен пред три месеци, на 3 декември 2021 година. Јавен повик немало, туку ЕСМ испратиле барање со понуди за набавка на мазут до сите лиценцирани македонски увозници во вредност од 22 милиони евра за набавка на 38 илјади тони мазут. За оваа набавка Владата ги помогна ЕСМ со 15 милиони евра буџетски пари

Идејата е откако ТЕЦ „Неготино“ ќе започне со производство на електрична енергија за ЕСМ, парите што ќе се наплатат од продажба на оваа електрична енергија да бидат искористени од страна на ЕСМ за набавка на уште мазут за понатамошно производство.

Вториот договор

Првите пратки ниту одблиску не можат да ги задоволат очекувањата од активирањето на ТЕЦ „Неготино“, чија цел е да се обезбеди поевтина цена на електрична енергија за малите фирми. Првите количини се увезени и потрошени, по што на 2 февруари 2022 година ЕСМ повторно ќе ги повика увозниците да дадат понуди, овој пат за 150 илјади тони мазут. На овој тендер не се пријавува никој. По неколку дена, на повторениот повик ќе се пријави една компанија – РКМ и со тоа ќе го добие вториот, речиси петпати повреден договор за набавка на мазут.

За споредба, само мазутот увезен за ТЕЦ „Неготино“ е поголем од вкупниот увоз на мазут во земјава во последните две години. Од август 2019 до август 2021 година се увезени околу 160 000 тони мазут. РКМ во ова учествува со едвај 2 процента, додека најголем увозник останува ОКТА. Ако во 2020 година увезол 1 218 тони мазут, Капушевски сега, заедно со пратката од првиот договор, треба да донесе 188 000 тони за термоцентралата, или повеќе од сите нафтени компании заедно во две години.

Предизвикот ќе биде херкуловски: на европскиот пазар веќе две години има недостиг на мазут во рафинериите поради сѐ позатегнатите регулативи за квалитет, каде што се вклучени високите еколошки стандарди и ограничувањата каде може и смее да се употребува мазутот. Дополнително, овој енергент го нема затоа што не е исплатливо да се произведува и рафинериите се приспособени за производство и за чување на други типови деривати. Традиционалните потрошувачи од сиромашниот Балкан како Македонија останаа со многу помалку опции и помала достапност на овој енергент.

ИРЛ разговараше со двајца добро упатени извори во институциите кои тврдат дека повеќето компании не можеле да гарантираат дека ќе успеат да ги обезбедат овие количини поради општиот недостиг на овој енергент.

Кој му продава мазут на Капушевски

На прашање на ИРЛ од каде е увезен мазутот, од ЕСМ ни одговорија дека компанијата РКМ доставила список на земји со потекло и компании кои ќе ѝ го продадат мазутот. Увидот во извадоците од договорите што ги доби ИРЛ покажуваат дека РКМ до ЕСМ доставила информација дека има договори за набавка од девет различни компании на Балканот и Европа, од држави како Грција, Албанија, Австрија, Бугарија и други.

ИРЛ упати прашања до сите компании. Рафинериите ОМВ од Австрија и ИНА од Хрватска тврдат дека не соработуваат со никого во земјава. „Немаме бизнис во Македонија“, ќе одговори кусо портпаролот на ОМВ. Од хрватската ИНА децидно тврдат дека не само што не работат во Македонија, туку и дека со посочената фирма и лице немаат ништо.

„ИНА ниту има ниту некогаш имала соработка со РКМ. Следствено, не сме се заложиле дека ќе им продаваме мазут од нашата рафинерија во Ријека“, велат од хрватската компанија. 

Од ЕСМ во своите одговори до ИРЛ велат дека тие не побарале договори со компаниите добавувачи, туку само тие да се наведат.

ОКТА на помош

При прегледот на податоците од македонската Царина за увоз на мазут во периодот од декември до денес, односно период во кој РКМ увезува за ТЕЦ „Неготино“, може да се види дека тие донеле помали количини мазут од Словачка и Бугарија.

По добивањето на одговорите од ОКТА и „Хеленик петролеум“, стана јасно дека ОКТА го увезува мазутот за РКМ, односно ТЕЦ „Неготино“, а РКМ е само препродавач. Првите пратки од ОКТА во декември биле 30 000 тони. Преостанатите осум илјади РКМ ги донела од Бугарија, но не се знае од кој производител бидејќи Царината одби да ги даде увозните декларации и сертификатите за квалитет.

ИРЛ дознава дека ОКТА ќе увезе поголем дел од потребниот мазут за ТЕЦ „Неготино“ и за вториот договор, односно барем 120 000 тони мазут од потребните 150 000, иако никој не може да гарантира дека тоа ќе се исполни поради општиот недостиг и актуелните предизвици со енергетската криза.

На прашањето до ОКТА зошто таа самата не се пријавила на тендерот, од компанијата одговорија дека такви им биле проценките.

„За секоја деловна можност, ОКТА ги проценува сите клучни барања, потенцијални ризици и комерцијални обврски, заедно со придобивките, пред да донесе одлука дали ќе учествува во процесот“, велат од ОКТА

Капушевски доставил банкова гаранција од 945 илјади евра и се согласил на одложено плаќање од 15 дена со ЕСМ и гарантирана испорака – услови за кои другите трговци тврдат дека биле тешки да се исполнат. Нејасно е како истото е едноставно за толку мала фирма како РКМ, а е голем предизвик за компании со големи операции како ОКТА.

Од осомничени за увоз на лажно деклариран токсичен отпад до најголеми партнери на државата

Ратко Капушевски е бизнисмен, но кариерата ја започна како дел од „златната младина“ на ВМРО-ДПМНЕ под водство на Никола Груевски. Во своите рани дваесетти години доби директорска позиција во салата „Борис Трајковски“ без никакво искуство. Беше назначен на повеќе управувачки позиции кај бизнисменот Сергеј Самсоненко, за потоа во 2019 година да стане трговец со нафтени деривати.

Ратко Капушевски во најмалку два наврата беше фатен како увезува или се обидува да увезе лажно деклариран мазут во Македонија. Првата ваква пратка, која доаѓа од Германија, беше фатена од страна на хрватските цариници на граничниот премин со Србија, кога тие се посомневале во документацијата што била приложена. Испитувањата на хрватскиот Инспекторат за животна средина покажале дека станува збор за токсичен отпад и дека тарифните броеви биле погрешни. Вториот пат мазут на оваа компанија, кој доаѓаше од Словачка, беше испитуван од македонскиот Државен пазарен инспекторат. Анализите покажаа дека станува збор за токсичен отпад, а не мазут.

Додека Инспекторатот се докажуваше, лажниот мазут се продаде и се потроши. Регулаторната комисија му ја одзеде лиценцата во 2021 година по објавата на документарниот филм на ИРЛ, „Заговор против воздухот“, за непосредно пред договорот со ЕСМ да му ја врати бидејќи „ги средил своите недостатоци со складовите“. Германија и Словачка повторно се на списокот на држави од кои Капушевски со РКМ би носел мазут за ТЕЦ „Неготино“. Ратко Капушевски одби да разговара со новинарите на ИРЛ и не одговараше на повиците и смс пораките на повеќе репортери.

Ладна резерва 

ТЕЦ „Неготино“ е „ладната резерва“ со која Владата и Електрани на Северна Македонија се обидуваат да ја стабилизираат енергетската криза, која ја погоди земјава уште лани летото. ТЕЦ „Неготино“ беше надвор од погон уште од 2009 година. Недостигот на јаглен за РЕК „Битола“ беше доволна причина во игра да се врати длабоко пензионираниот капацитет – ТЕЦ „Неготино“. По повеќе од една декада мирување, овој енергетски објект во моментов работи со еден котел.

Засега моќноста на ТЕЦ „Неготино“ е 90 мегавати, а полната инсталирана моќност на капацитет е околу 210 мегавати. За да работи еден котел, потребни се 20 илјади тони мазут месечно. Но „ладната резерва“, која во моментов е сламката за спас од енергетски колапс, во 2021 година влезе во фаза на продажба, иако Владата, ЕСМ, МЕПСО веќе знаеле дека на Македонија ѝ претстои енергетска криза во пресрет на зимата поради недостиг на јаглен за РЕК „Битола“ и вртоглавиот раст на цената на струјата на берзите од лани летото.

ОВДЕ прочитајте го демантот на ЕСМ до ИРЛ за оваа сторија текст којпто пристигна неколку часа по објавувањето на содржината.

Друштвото за инженеринг и консалтинг „Коленко“ направи физибилити студија за 140 илјади евра – документ кој веќе бил презентиран пред Владата. Идејата на власта лани беше да го отуѓи овој енергетски објект изграден во социјалистичка Југославија во 1978 година. Како дел од „зелената агенда“ за ТЕЦ „Неготино“ има две можности – да работи на гас преку јавно-приватно партнерство или државата целосно да го продаде. По повеќе од една деценија мирување, оваа централа се стави во функција и тоа на мазут – енергент кој е критикуван од екологистите поради негативните ефекти на животната средина.

Последни стории

Што треба да знаеме за ефектот од санкциите кон Русија врз македонскиот стандард и економијата

ШВАЈЦАРСКИ ТАЈНИ

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.