Press "Enter" to skip to content

Заговор против воздухот или како Македонија остана последната европска депонија

ИРЛ и партнерите откриваат како опасното загадувачко масло заврши за загревање на болниците во Северна Македонија. Причините за ова лежат во конфузните регулативи и минималните контроли.

Автори: Сашка Цветковска, Давид Илиски, Ивана Настеска, Павла Холчова; Илустрација: Лука Блажев; Дополнително известување: Наташа Томиќ и Нермин Кулоглија

Партнери:  Меѓународен проект за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), Чешки Центар за истражувачко новинарство (Investigace.cz)

Партнери за публикација: Дојче Веле – сервис на македонски јазик и МРТ1.

Координатор на проект: Керојалн Хершоу

Линк до англиска публикација овде и линк до чешка публикација овде.

Зимскиот студ ги обви улиците на Скопје на почетокот на 2019 година кога на социјалните мрежи за прв пат се појави видео на кое се гледа како облаци од густ, црн чад излегуваат од оџакот на едно од најстарите родилишта.

Воздухот во главниот град веќе беше затемнет со кисела мешавина од испарувања на автомобили и чад, кој со децении се бори со опасни нивоа на атмосферски отрови. Во 2018 година, Програмата за животна средина на ООН го прогласи Скопје за најзагаден главен град во Европа, повикувајќи се на податоци на Светската здравствена организација.

Но, црните облаци кои излегуваа од гинеколошката болница „Мајка Тереза“ во населбата Чаир,  каде што годишно се раѓаат околу 4.000 бебиња беа нови.

Гинеколошко-акушерска болница „Мајка Тереза“ во Чаир

Ивана Толовска Розман, која таа зима се породи со својот син во болницата, беше згрозена.

„Да знаете дека вашето дете го вдишало првиот здив во таква болница, тој таму го виде светот за прв пат. Тоа е ужасно“, рече таа.

Загрижувачки беше што чадот мирисаше на киселина, рече Славјанка Дамјановска, која веќе 30 години работеше како медицинска сестра во болницата.

„Тоа беше нешто полошо од вообичаениот мазут“, рече таа, говорејќи за горивото што се користи во котлите што ја загреваат болницата.

По видеата за црните чадови од родилиштето во Чаир, почнаа да се појавуваат информации за црни облаци кои се креваа и над други згради во државата, вклучувајќи ги и болниците во Прилеп и во Куманово.

Ели Пешева, ко-основач на еколошка организација „О2 иницијатива“, рече дека до нив информациите пристигнале од загрижени граѓани.

“Постојано гледавме црн чад во 2017, 2018 година. Потоа добивме информации од граѓани во Скопје и други градови дека има масовно користење на мазут во државните институции“, рече таа.

Истражувањето на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP),  Истражувачка Репортерска Лабораторија (ИРЛ) и Центарот за истражувачкот новинарство од Чешка Investigace.cz открија дека овие облаци се производ на многу загадувачки мазут кој се гори во системите за греење на јавните институции на државата. Истиот мазут не можел да биде продаден во земјите на ЕУ затоа што таму единствено може да се користи во бродската и хемиската индустрија, како и во друга тешка индустрија далеку од населени места.

Мазутот, исто така познат како тешко гориво, е нуспроизвод на процесот на рафинирање на нафта и може да се класифицира како дестилат мазут или преостанат мазут. Додека преостанатиот мазут може да се користи во бродската и тешката индустријата, некои видови содржат штетни материи и се класифицираат како опасни.

Со помош на документи, интервјуа и други извори, новинарите открија како македонската компанија „Евротим“ заработила милиони евра од штетното масло, од кое голем дел го произвело Чешката рафинерија „Унипетрол“, а го препродава моќната босанска нафтена компанија „ХИФА Оил“.

И покрај жалбите од нафтените компании, јавните службеници и институцијата надлежна за следење на увозот на нафта во Северна Македонија, Владата досега го игнорираше проблемот. „Евротим“ можеби бил и помогнат од македонскиот политичар и бизнисмен Кочо Анѓушев. Две компании поврзани со него купиле илјадници тони масло од „Евротим“.

Случајот на „Евротим“ е далеку од уникатен. Царинските службеници, Лабораторијата за тестирање примероци и експертите за нафта велат дека наишле на зголемени количини на мазут кои доаѓаат од Европската унија и кои пристигнуваат на Западен Балкан натоварени со тешки метали и други загадувачи.

Во ЕУ останува доброто, на Балканот доаѓа отпадот

„Добрите работи се оставени во Австрија, Германија, Чешка и другите земји на ЕУ, а остатоците, отпадот полн со тешки метали, завршува овде, во Србија, во Македонија“, рече Славиша Петковиќ, инспектор во Секторот за инспекција на пазарот во Србија. „На овој начин Балканот стана депонија за отпадоци во Европа“.

Од „ОРЛЕН Унипетрол“, кој е најголем рафинер во Чешка и е во сопственост на државната полска компанија за нафта „ОРЛЕН Груп“, велат дека не се одговорни за тоа како се користел неговиот продукт откако бил продаден.

Кенан Ахметлиќ, директор на „ХИФА Оил“ и син на нејзиниот основач, рече дека производот што го продавале ги исполнува законските услови да се тргува и да гори како гориво на Балканот. Илија Срезоски, крајниот сопственик на Евротим, се согласи, велејќи дека мазутот на Унипетрол „99,99 проценти ги исполнува стандардите пропишани со законите во Македонија“.

Бензиска на ХИФА Оил во БиХ

Анѓушев првично не беше достапен за коментар на оваа сторија. Но откако ИРЛ објави документарен филм за нафтата на „Евротим“, тој издаде соопштение преку неговата компанија „Брако“, негирајќи дека имал врска со „увоз на какви било токсични масла или мазут“.

Владата на Република Северна Македонија вети дека ќе изврши темелни и детални проверки на објавените и необјавени информации за случајот „со цел да ги расчисти сите прашања, дилеми и сомнежи“ кои беа покренати од документарецот.

Една доцна вечер во април 2018 година, додека Анѓушев  беше на функција заменик-премиер за економски прашања, двајца мажи влегоа во неговата канцеларија на состанок. Едниот беше Срезоски, кој во минатото добил забрана за трговија со нафта и нафтени деривати, бидејќи не ги исполнувал безбеносните стандарди за складирање на горивото. Три години пред оваа средба во Владата, Срезоски преку својот зет ја основал „Евротим“. Другиот е Изудин Ахметлиќ, сопственик на ХИФА Оил и еден од најбогатите и најмоќните луѓе во Босна и Херцеговина.

Нејасно е за што точно разговарале тројцата таа вечер. Но, потоа, Евротим добива два договори за снабдување на отпадното масло мазут или ресидуал што ХИФА Оил освен на институции, ова масло им го продаваше и на компании поврзани со Анѓушев.

Призна дека постоеле состаноци, но дека Изудин Ахметлиќ во Владата дошол како претставник на комора од Босна. Околу 15 проценти од мазутот што компанијата го користела доаѓал од „Евротим“ и ХИФА Оил, но ги обвини регулаторите дека не обезбедуваат квалитет на увозот.

 „Откако предметниот мазут е дозволен и пуштен во продажба од надлежните органи,„ Брако“ нема своја лабораторија за проверка на квалитетот“, се вели во соопштението на компанијата.

Бргу по соработкат со Хифа, Евротим започна да добива договори од јавни институции како што се Министерството за одбрана и Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Бизнисот доживеа бум, бидејќи компанијата секој месец увезуваше илјадници тони од остатокот на „Унипетрол“, зголемувајќи го својот обрт од 484.000 евра во 2017 година на 13 милиони евра во 2019 година.

Дури во декември 2018 година, увозот на „Евротим“ прв пат го привлечевниманието на Државниот пазарен инспекторат, кој има за задача да изврши инспекција на нафтата и нафтените деривати пред тие да излезат на пазарот.

Стојко Пауновски, кој беше директор на Пазарниот инспекторат до април оваа година, рече дека неговата работа е попречена од слабите регулативи и ограниченото финансирање. Овој пат, сепак, тој беше известен дека вагонот со нафта на „Унипетрол“ наменет за Северна Македонија бил запрен во Србија, каде што се покажало дека мазутот не ги исполнил тамошните стандарди за квалитет. Бидејќи Северна Македонија има полесни регулативи, овој мазут можеше да ја премине границата.

„Маслото на „Унипетрол“ во Европската унија се смета за ѓубре. … Во нашата земја е дозволено и се продава. Србите не го прифатија ова масло “, рече Пауновски.

Портпаролот на „Унипетрол“ вели дека квалитетот на нивното масло е обезбеден со сертификат за квалитет и безбедносен лист, во согласност со европските закони и чешките технички стандарди. Тој додаде дека „останува на купувачот што ќе прави со купениот сертифициран производ. Сепак, тие мора да ги следат упатствата дадени во безбедносниот лист со податоци “.

Во декември 2019 година, српските власти го известиле Пауновски за други пратки на Евротим кои биле наменети за Северна Македонија, вклучувајќи и некакво масло кое било декларирано дека се произведува во Босна, но чие вистинско потекло не било јасно. За ова Евротим добиле забрана да увезуваат мазут од тој конкретен продавач или производител.

„Имаше фактури од српски компании, некои компании од Панама, од Германија. Тие си продаваа и препродаваа едни на други. Не можевме да откриеме од каде потекнува во тој хаос “, вели Пауновски и додава дека овде својата улога треба да ја изврши Царината преку одделот за истраги.

Тој испратил четири примероци на тестирање. Резултатите покажаа дека маслото содржи високи концентрации на пепел, вода и талог. Во февруари, приватната лабораторија што ги спроведе тестовите го предупреди инспекторатот дека се зголемуваат количините на такви масла со низок квалитет.

Кон крајот на април, додека OCCRP и ИРЛ ја финализираше оваа приказна, Пауновски беше разрешен од позицијата. На прес-конференција ден пред да биде официјално објавено, премиерот Заев рече дека бил отпуштен поради „пркос кон властите“ затоа што одбил да вработи 35 државни службеници. Повеќе од 100 инспектори, наводно, потпишале петиција против овој потег, но Пауновски не е вратен на функцијата. Тој одби да даде коментар.

Срезоски, крајниот сопственик на Евротим, најпрво во интервју за OCCRP негираше дека го познава Анѓушев. Но, тогаш тој призна дека еднаш се сретнал и со него и со сопственикот на ХИФА Оил за што потврди и документот до кој дојде ИРЛ од записниците од состаноци во владината канцеларија на Анѓушев. Тој исто така инсистираше дека мазутот ги исполнува европските стандарди. Секое обвинение за спротивното „е лага, можеби од љубомора“, рече тој.

Линк до демант на Кочо Анѓушев

Срезоски:  Криви се котларите и болјерите 

Сопственикот на кичевската фирма „Евротим“, Илија Срезоски, за сите проблеми како и за црните чадови од институциите тој ги обвини болјерите и котларите.

„Мазутот по институции го носевме кај што имавме контакти и соработка со луѓето кои работеа во котларите за да им објасниме и да ја намалат точката на палење. Носевме и во Бетон и во Гранит, како и во некои болници и немавме никакви тужби или жалби“.

Сепак, тој призна дека имале проблеми со чешкиот мазут во ЈСП Скопје кои што направиле сопствени анализи откако се јавиле проблеми со чадот и миризбата.

„Го добивме тендерот, се од убаво поубаво и испорачуваме чешки мазут. Го однесовме мазутот и после пет дена се јавува директорот: “Мазутот не чини, направиме анализа не е добар и ми рече ќе си го вратите назад.”. Фала богу, со држава никој не излегол на крај ниту пак јас и си го земавме мазутот назад“ изјави Срезоски.

Тој тврдеше дека со ЈСП имал проблеми и потоа кога им однел мазут и од Окта. ИРЛ не можеше да ја потврди таа информација.

Потоа договорот со ЈСП Скопје бил раскинат спогодбено. Документите за „Евротим“ покажуваат дека голем дел од маслото било произведено во Чешката Република во рафинеријата на „Унипетрол Кралупи“. Сертификат за квалитет издаден од „Унипетрол“ го опишува производот како мазут со низок коефицент на сулфур и остатоци, за што агенцијата за хемикалии на ЕУ предупредува дека може да предизвика рак.

Во други прилики, како во декември 2019 година, Петковиќ рече дека пратките наменети за Северна Македонија содржат и масла кои не се од „Унипетрол“.

„Тоа значи дека ова е отров, можеби е вистински шверцуван отпад, може да е мешавина од отпадни моторни масла. Сигурно немаше мазут “, рече Петковиќ.

Линк до демантот на Евротим

Босанскиот мултимилионер и балканското проширување

ХИФА Оил е една од најголемите и највлијателните компании во Босна иХерцеговина. Основана во 2002 година од Изудин Ахметлиќ, ХИФА прерасна во една од најголемите компании во федерацијата. Снабдуваше гориво за НАТО и авиокомпаниите на аеродромот во Сараево, како и за државните агенции. Во 2019 година, имотот на Изудин Ахметлиќ вредел близу 400 милиони долари, што го прави еден од најбогатите луѓе во Босна и Херцеговина. Со текот на годините, ХИФА Оил ги прошири своите активности на меѓународно ниво.

Во 2017 и 2018 година, во периодот кога почна со работа „Евротим“ во Македонија, ХИФА отвори бензински пумпи во Србија и Косово и подружница во Црна Гора. Јавните документи покажуваат дека во 2018 и 2019 година, ХИФА Оил добила три договори за снабдување на Универзитетот во Црна Гора со тешко гориво, во вкупна вредност од 330.000 евра. Во 2018 година, ХИФА Оил тврди дека извезувала и рекордни количини во земјите на ЕУ Австрија, Словенија и Хрватска.

„Нашиот иден бизнис ќе биде повеќе ориентиран кон развој и зајакнување на нашата позиција на пазарот на ЕУ“, рече Кенан Ахметлиќ во напис од таа година.

Изудин Ахметлиќ, исто така, имаше неколку влијателни позиции во Партијата за демократска акција во земјата, меѓу кои и член на главниот одбор на партијата.

ИРЛ направи споредба на четири лабораториски анализи на одделни примероци кои не се од „Унипетрол“ добиени од Државниот пазарен инспекторат во Северна Македонија. Сите тие беа под еден процент сулфур, но содржеа високо ниво на други загадувачи како пепел, вода и талог – во некои случаи повеќе од 10 пати од дозволеното за мазут. Овие анализи не се однесуваат на маслото од Унипетрол, туку на друг мазут со нејасно потекло од Србија или Босна.

„Чешкиот мазут ги исполни сите параметри, дури и содржината на пепел, вода и талог и вискозност“, вели сопственикот на „Евротим“ Илија Срезоски и повика да се испитува конкуренцијата. Всушност, за сите проблеми, тој ја обвини Окта.

Јулијана Димоска Исајловска, помошник раководител на Одделот за природен гас, течни горива и топлинска енергија во Регулаторната комисија за енергетика во Северна Македонија, рече дека растот на обновливата енергија во ЕУ довел до тоа да се извезуваат повеќе тешки масла, понекогаш со додавање на хемикалии за да се намали содржината на сулфур.

Дејан Мираковски, проректор за инвестиции и развој на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, објаснува дека супстандардните горива се пробиваат на Западен Балкан поради нејасните регулативи и слабата примена.

„Сивата зона и нејасните регулативи, но и слабите институции кои немаат капацитет да се бранат, оставаат постојани сомнежи за квалитетот на мазутот и горивата воопшто“, вели Мираковски.

Директорот на ХИФА Оил, Кенан Ахметлиќ, исто така ги отфрли обвинувањата во врска со тешкото масло -мазут на Балканот, тврдејќи дека може да се користи како гориво ако има малку сулфур.

 „Мазут кој содржи еден процент сулфур е прифатлив во Македонија и претежно насекаде во Европа“, рече тој.

Договори низ Македонија

Во октомври 2019 година Куманово се најде на насловните страници, поради загадувањето. Мерната станица покажа дека нивото на ПМ10 честички се зголемило на 1.850 микрограми на метар кубен, објави Радио Слободна Европа. Ова беше 37 пати повисоко од максималниот просек од 24 часа, препорачан од СЗО.

Општината го идентификуваше виновникот за енормното загадување – Градската болница во Куманово.

„Најголемите пикови на загадување се должат на палењето на фосилни горива и тие се во период кога ќе се запали котелот за греење во болницата“, се вели во извештајот.

Излезна цевка од котлите за мазут во болницата во Куманово

Договорот што го доби ИРЛ покажува дека кумановската болница купила масло од „Евротим“ во вредност од над 51.000 евра истиот месец кога загадувањето се зголемува. Болницата во Куманово е една од најмалку седумте македонски болници кои, заедно, купија ресудал мазут од „Евротим“ во вредност од над 900.000 евра помеѓу мај 2018 и јануари 2020 година.

Поплаки за загадувања имаше и во други области каде „Евротим“ има добиено договори за снабдување со гориво.

Во 2019 година, „Македонски железници“ купи гориво во вредност од близу 650.000 евра од „Евротим“, покажува договорот. Таа година, наводно, инспекторите биле испратени да испитуваат жалби за црн чад што излегува од оџакот на една од зградите на „Македонски железници“. Фотографиите објавени во февруари 2020 година покажаа дека столбовите на црн чад сè уште излегуваат од овие оџаци.

Во 2018 година, „Евротим“ заработила  над 2,6 милиони евра од јавни договори. Нејзин најголем клиент во јавниот сектор беше Министерството за одбрана, кое потпишало договори во вредност од над еден милион евра во 2018 и 2019 година.

Но, сметките на „Евротим“ покажуваат дека компанијата заработила најголем дел од своите пари од продажба на приватни компании, меѓу кои е главен производителот на метали „Еуроникел“.

Цевки за топење на фероникелот во „Еуроникел“

Регионален проблем

Проблемот со квалитетот на нафтата на Балканот е многу поголем од „ХИФА Оил“, „Евротим“ и „Еуроникел“. Според Европската агенција за животна средина, загадувањето на воздухот е единствениот најголем ризик за здравјето на животната средина во Европа, убивајќи околу 400.000 луѓе годишно. Во најновиот извештај земјите од Западен Балкан се именувани како најлоши престапници.

Во Северна Македонија, Светска банка соопшти дека загадувањето на воздухот достигнува опасно ниво во повеќето градови, особено во текот на зимските месеци. Ангелчо Андоновски, директорот на Детската болница Козле во Скопје, рече дека гледа се поголем број деца со респираторни проблеми поврзани со загадувањето.

Исајловска, од Регулаторната комисија за енергетика во Северна Македонија, вели дека проблемот се влошил бидејќи Брисел ги заостри своите правила за тоа какво гориво може да се користи во Унијата.

Во два случаи од ноември 2019 година, хрватските цариници запреа цистерна на границата меѓу Хрватска и Србија. Документите велат дека носеле мазут со низок сулфур, но советник на хрватското Министерство за животна средина и енергија рече дека товарот е всушност опасен отпад што „ќе мора да се врати назад во земјата на испраќање“.

Анализата на примерокот открива дека содржи полихлориран бифенил (ПХБ), хемикалија за која еколошката група О2 иницијатива рече дека може да предизвика рак, да наштети на плодноста и да влијае на развојот на децата ако мајката била долго изложена.

Македонскиот купувач, РКМ Македонија, негираше дека има некаков проблем со нивната нафта.

„Нашата нафта е совршена “, рече сопственикот Ратко Капушевски за ИРЛ.

Линк до демантот на РКМ

Оваа приказна беше објавена од повеќе медиуми, но Царината тогаш се огласи дека немало никаков проблем со овој мазут, бидејќи тие го тестирале сулфурот и количеството било помало од 1 процент.

Пратката ја превезувала босанска компанија. Петковиќ, од Секторот за пазарна инспекција во Србија, рече дека земјата е клучен олеснувач на трговијата со супстандардни горива на Западен Балкан.

„Никој не контролира ништо во Босна. Тие се извор на нестабилност на овој пазар и закана за здравјето и безбедноста на граѓаните во регионот. Во текот на последните две или три години, голем дел од таканаречениот мазут што го фативме доаѓаше од или преку босански транспортери и трговци“, рече тој.

Министерката за животна средина на Босна и Херцеговина, Џапо, рече дека напорите за донесување построги закони за квалитет на воздухот се попречени од бирократијата.

„Најголемата тешкотија за мене е што нашиот парламент не е ефикасен“, изјави таа во едно интервју во октомври 2020 година, истакнувајќи ја како пример тешкотијата да се донесе нов закон за заштита на воздухот.

Неактивноста на Владата поттикна лути протести во неколку земји од Западен Балкан. Во март, Секретаријатот на енергетската заедница започна процедури за решавање спорови против Северна Македонија и три други земји од Западен Балкан за прекршување на границите на загадувањето на воздухот во 2018 и 2019 година.

Марија Џоли Ведер, адвокат за инфраструктура на фосилни горива во добротворната организација за заштита на животната средина „Клиент Земја“, рече дека еколошките проблеми претставуваат предизвик за земјите од Западен Балкан кои се обидуваат да влезат во ЕУ.

„Додека некои од овие земји се прилично напредни во усогласувањето со рамката [ЕУ] на хартија, во пракса се чини дека немаат волја да обезбедат дека нивните индустрии навистина ги исполнуваат овие нови еколошки стандарди“, изјави Ведер.

Вивијан Лонела, портпарол на Европската комисија за Зелениот договор, рече дека телото ќе ги искористи „сите можни политички, финансиски и технички средства“ за внимателно следење на еколошките проблеми во земјите од ЗападенБалкан и ќе им помогне на земјите-членки да се усогласат со стандардите на блокот.

Сашка Цветковска

Сашка Цветковска

Главен и одговорен уредник

Сашка Цветковска е меѓународно наградуван истражувачки новинар и главен уредник на Истражувачка репортерска лабораторија. Цветковска работела на голем број национални и прекугранични истраги кои открија домашен и меѓународен криминал, корупција, недозволена трговија со оружје и војни со дезинформации. Истражувањата на кои што работела биле објавувани во Гардијан, Базфид, Зидојче Цајтунг и други. Нејзините сегашни одговорности се фокусирани на зголемување на влијанието на истражувачко известување преку создавање нови наративи на приказните преку филм и кампањи. Во таа насока во моментов ја извршува позицијата продуцент на документарен истражувачки серијал Редакција. Цветковска десет години е дел од истражувачкиот тим на Меѓународниот проект за известување за организиран криминал и корупција, меѓународна медиумска организација поврзана со ИРЛ. Била член на Бордот на директорит на OCCRP и на Здружението на новинари на Македонија.

Елена Митревска Цуцковска

Елена Митревска Цуцковска

Уредник за развој и операции

Елена Митревска Цуцковска е коосновач на ИРЛ и заедно со уредникот е одговорна за следење и дизајн на процесот на импленетанција на активностите на ИРЛ. Таа е проектен директор на документарниот серијал Редакција. Со новинарите соработува повеќе од 10 години и работела и на други технолошки решенија за подобро пребарување на јавните дати бази на податоци кои ги употребуват нашите репортери со цел нивната работа да биде побрза и поефикасна. По професија е софтвер инженер и графички дијзанер и таа е воедно и првиот технолошки експерт кој е обучен и работи во сферата на медиумите. Дел е од прекугранчата група на технолошки експерти на OCCRP и со своите поинакви вештини допринесува во прибирање и анализа на информации и како истражувач во ИРЛ.

Бојан Стојановски

Бојан Стојановски

Заменик главен и одговорен уредник

Бојан Стојановски е дипломинаран новинар со над десет годишно искуство во медиуми. Работел во телевизиите Алфа, 24 Вести и Алсат од каде доаѓа и станува дел од тимот на ИРЛ. Стојановски низ кариерата следел теми од областа на судството, криминал, корупција. Во 2013 - та година ја добива наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство, на тема „Вработување во јавната администрација преку партиски список“.

Деница Чадиковска

Деница Чадиковска

Уредник за развој и операции

Деница Чадиковска е дипломиран психолог, која својата новинарска кариера ја започнува во 2017 година како коавтор и копродуцент на младинската емисија Крик. Чадиковска стана дел од тимот на ИРЛ во 2018 година како истражувачки новинар – практикант во рамки на проектот за обучување на идни медиумски лидери. Во јуни 2023 година таа доаѓа на позицијата уредник за комуникации задолжен за спроведување на комуникациската стратегија на ИРЛ како дел од тимот за комуникации и продукти.

Mаја Јовановска

Mаја Јовановска

Истражувач и новинар

Mаја Јовановска е дипломоран новинари и следи теми од областа на корупција, криминал и правосудство. Во долгогодишната кариера работела во бројни медиуми како А1 телевизија, Канал 5 телевизија, Алсат и порталот НОВАтв пред да се придружи на основачкиот борд на ИРЛ во 2018. Добитник е на домашни признанија и награди и има учествувано на голем број обуки и конференции од областа на истражувачкото новинарство. Била член на раководството на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија и Советот на Етика во медиумите во Македонија, а моментално е дел од раководството на ЗНМ.

Александра Денковска Гоцевска

Александра Денковска Гоцевска

Истражувач и новинар

Александра Денковска Гоцевска е дипломиран новинар со десетгодишно искуство. Работела во дневниот весник Нова Македонија, новинската агенција Мета.мк и порталот НОВАТВ. Во текот на кариерата работела на теми од областа на политика, урбанизам, судство и корупцијата. Со истражувачко новинарство започнува да се занимава во 2015 година кога доаѓа да работи како репортер во истражувачката редакција на НОВАТВ. Учесник е на десетици конференции и работилници за истражувачко новинарство. Автор е на првата андеркавер истражувачка сторија во Македoнија за животот на децата од домот 25 Мај.

Александар Јанев

Александар Јанев

Истражувач и новинар

Александар Јанев е дипломиран економист кој својата кариера како економски новинар ја започнува во 2008 во телевизијата Алфа. Вештините за професионално известување ги учи од врвни економски новинари преку обуки во земјава, но и во странство во новинската агенција „Ројтерс“, Велика Британија. Во 2010 година преминува во печатениот медиум Капитал, каде што работи до 2022 година. Во меѓувреме работи како постојан соработник на Балканска истражувачка репортерска мрежа (БИРН), а од 2018 година е и автор и уредник на ТВ проектот „Агенда 35“ што се емитува на Македонската радио телевизија. Од 2023 е дел од тимот на ИРЛ и следи корупција и економски криминал.

Иван Блажевски

Иван Блажевски

Истражувач и новинар

Иван Блажевски е новинар кој се занимава со теми од областа на меѓународни односи, криминал и корупција. Од 1998 година работи како новинар, а од 2001 година е уредник и дописник на шпанската државна новинска агенција EFE за Македонија, Албанија и Косово. Во својата долгогодишна кариера, Блажевски работел во бројни медиуми како Макпрес, Франс Прес (AFP), Вечер, Дневник, Време и Радио Слободна Европа, а 18 години бил уредник на вестите и документарната програма во ТВ АЛСАТ. Блажевски се придружува на тимот на ИРЛ во 2024 година. Добитник е на награда за истражувачко новинарство од Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Има произведувано телевизиски програми во повеќе држави и региони, вклучувајќи Јапонија, Гренланд, Боливија, Кина, Непал, Бангладеш, источна Африка, Куба, Перу, Данска, Италија, Германија и други.

Пелагија Младеновска Стојанчова

Пелагија Младеновска Стојанчова

Истражувач и новинар

Пелагија Младеновска Стојанчова е новинар со над 16 години искуство во медиумската сцена. Својата кариера ја започнува во дневниот весник „Шпиц“ во 2008 година и во неделникот „Сега“. Од 2009 година се придружила на тимот на Радио Слободна Европа на македонски јазик, каде известува за политика, криминал, корупција и економија преку различни медиумски платформи. Од 2024 се вработува во ИРЛ како истражувачки новинар. Дипломирала на Филозофскиот факултет и продолжила образованието на Школата за новинарство на Македонскиот институт за медиуми (МИМ). Во текот на нејзината кариера работела на проекти за едукација и менторство на млади новинари.

Лука Блажев

Лука Блажев

Графички дизајнер

Лука Блажев е графички дизајнер во ИРЛ кој станува дел од тимот во 2019 година. Неговата кариера во полето на графички дизајн и уметност започнува во 2017та година преку работа на повеќе проекти за различни домашни и странски компании. Во ИРЛ, Блажев е задолжен за изнаоѓање графички решенија за истражувањата и дизајн на промотивните содржини кои произлегуваат од истражувањата, а ја следат комуникациската стратегија на ИРЛ. 

Трифун Ситниковски

Трифун Ситниковски

Режисер на "Редакција"

Трифун Ситниковски работи во филмската индустрија повеќе од една деценија. Има снимено повеќе од десетина кратки акциони филмови, кратки документарни филмови и три ТВ серии на кои работел како сценарист, режисер и извршен продуцент. Покрај режија на филмови, има работено и на бројни проекти како продуцент, монтажер, кинематографер, асистент на режисер и претпоставен за сценарио на кратки филмови, ТВ емисии, документарни филмови, реклами и музички спотови. Неговиот последен проект како режисер и сценарист е на документарниот серијал „Редакција“.

"Трајче

Трајче Антоновски

Kинематографер

Трајче Антоновски е снимател и дел од кинематографите на документарниот серијал „Редакција“. Антоновски повеќе од 10 години работи на визуелна реализација на спортски натпревари под покровителство на УЕФА и ЕХФ. Работел во информативната редакција на А1 и порталот НОВА ТВ, а бил дел од тимот за реализација на политичките емисии “Еврозум”, “Проверено”, но и на бројни забавни проекти како популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“,„50-50“ и други проекти. Во ИРЛ Македонија е  дел од тимот задолжен за екранизација на сториите.

Горјан Атанасов

Горјан Атанасов

Монтажер и видео уредник

Горјан Атанасов е филмски и ТВ монтажер со повеќе од 8 години искуство во филмската и телевизиска индустрија. Атанасов има работено на повеќе играни и документарни проекти. Досега, како монтажер, се има потпишано на 6 кратки играни, 2 долгометражни документарни филмови, а моментално во ИРЛ работи како монтажер на документарниот серијал „Редакција“ и на кратките видео стории и мултимедијални проекти на организацијата.

„Поштенска банка“ е случај стар повеќе од две децении. Како се приватизирала првата државна банка се истражуваше исто толку долго. Случајот го реотвори во 2018 година тогашното Специјално јавно обвинителство. Но, по распадот на СЈО, случајот го презеде Обвинителството за гонење организираниот криминал и корупцијата. 

На 13 јуни 2024 година Кривичниот суд во Скопје, поради политичката интервенција на владата на СДСМ и ДУИ во спорните измени на Кривичниот законик, ја запре постапката. Таа се водеше против бизнисменот Томе Главчев, актуелен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, потоа Ратко Димитровски, поранешен градоначалник на Кочани од ВМРО-ДПМНЕ и адвокатот Зоран Шуклев.

Тие беа гонети за делата злоупотреба на службената положба и за перење пари. Преку надзорот било утврдено дека во решението на Кривичниот суд не е наведено по кој член од Законот за кривична постапка (ЗКП) се запира постапката.

Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата, незадоволно од одлуката на Кривичен, поднело жалба со образложение дека Главчев, Димитровски и Шуклев треба да одговараат барем за делото перење пари.

Сепак, вишиот јавен обвинител Јован Цветановски се откажал од правото на жалба пред Апелација, а таквата одлука ја објаснил преку службена белешка во која причините за повлекување од жалбата биле, како што се наведува во надзорот, целосно контрадикторни и нејасни.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели сметаат дека со откажувањето од жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата, јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје не постапил професионално, стручно и законито“, стои во извештајот. 

Но, обвинителот Џелал Бајрами сметал дека Цветановски постапил согласно неговите надлежности. Со откажувањето од жалба Апелацискиот суд повеќе немал можност да расправа по жалбата на Обвинителството за гонење на организираниот криминал и корупцијата и случајот бил затворен.

Вториот случај е за бесправно градење во Зелениково на Драган Павловиќ-Латас и неговите двајца браќа Звездан и Срѓан Павловиќ. Кривичниот суд ги ослободил од вина на 4 јули 2019 година, а на 18 јули 2022 година на повторното судење била донесена истата одлука. 

Јавното обвинителство Скопје поднело жалба која на 10 октомври 2023 година била уважена и била закажана седница пред Апелацискиот суд во Скопје. На 6 ноември 2023 предметот бил рефериран во Јавното обвинителство каде што биле присутни тогашниот државен обвинител Љубомир Јовески, јавните обвинители Ферат Елези и Соња Симовска и вишите јавни обвинители Мустафа Хајрулахи и Јован Цветановски.

„Заклучокот по однос на реферирањето на јавниот обвинител кој го застапува предметот пред Апелацискиот суд да предложи да изготви вештачење дали преземените дејствија во предметот во градежните работи претставуваат подготвителни дејствија и да се утврди датумот на отпочнување на градежните работи. Да се повика вешто лице на главната расправа и да се расчистат дилемите“, пишува во извештајот од надзорот во ВЈО Скопје. 

Веќе следниот ден одбраната на браќата Павловиќ пред Апелацискиот суд доставила нов доказ - наод и мислење изготвено од вешто лице. Цветановски побарал рочиштето да се одложи за вкрстено да може да го испраша вештакот. Но, тогаш според надзорот се случило следното:

„Јавниот обвинител на расправата не ги поставил прашањата што ги најавил на записник од 7.11.2024 година, а на поставените прашања не добил одговор од вештото лице на спорните прашања од реферирањето пред Јавното обвинителство на Република Северна Македонија“, пишува во извештајот. 

Цветановски не постапил по насоките добиени на колегиумот во обвинителството да се изготви вештачење и наместо тоа го прифатил вештачењето на адвокатите на одбраната.

„Јавниот обвинител постапил спротивно на член 37 од Правилникот за внатрешно работење на јавните обвинителства според кој заземениот став и мислење по реферирањето е задолжителен за пониското јавно обвинителство“, напишале обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели во документот од надзорот. 

Но, третиот член на комисијата за надзор, Џелал Бајрами, бил со став дека Цветановски постапил согласно заклучоците од реферирањето пред колегиумот во обвинителството.

Третиот предмет кој бил анализиран е случајот „Серта“ за тендери за чистење владини институции. Предметот стигнал во Вишото обвинителство откако Основното обвинителство поднело жалба на одлуката на Кривичниот суд.

Овој суд при оцена на обвинителниот акт ги прифатил приговорите на обвинетиот Спасо Ѓеорѓиев и фирмата „Серта“ кои биле гонети за злоупотреба на постапката за јавен повик. ОЈО на 29 јануари 2024 година ја обжалило ваквата одлука на судот.

Токму за овој случај има известување за вршење притисок врз службеничка во Вишото јавно обвинителство Скопје која ги архивирала и распределувала предметите. Добила наредба од тогашниот шеф на Вишото обвинителство Мустафа Хајрулахи со насоки кај кој обвинител да го додели случајот.

„За предметот ‘Серта’ ми беше кажано да му го заведам и дадам на јавниот обвинител Јован Цветановски“, изјавила службеничката Даниела Лапе, вработена во ВЈО Скопје, чие сведочење е дел од извештајот од надзорот.

На рочиштето на 9 април 2024 година во Апелацискиот суд, вишиот обвинител Цветановски се откажал од жалба.

„Од увидот во службена белешка од 9.4.2024 година видно е дека јавниот обвинител ги анализира доказите приложени кон обвинителниот акт, што е спротивно на одредбите од Законот за кривична постапка, член 336 и член 337, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓал предметот“, пишува во извештајот од надзорот.

Во оваа насока е и правното мислење на Врховниот суд од 7.12.2021 година дека Советот за оцена на обвинителен акт не ги анализира доказите ниту, пак, го оценува квалитетот на доказите. Тој само треба да внимава дали некој доказ е прибавен на незаконит начин, нешто што требало да биде фокус за произнесување и на Јован Цветановски.

„За предметот е донесена пресуда на Врховниот суд на Република Северна Македонија 11.9.2024 година. Во оваа пресуда е констатирана повреда на законот во корист на обвинетите, а во самата пресуда е наведено дека ваквата повреда, сторена од страна на Советот за оцена на обвинителен акт, можела да биде санирана доколку Вишиот јавен обвинител не се откажал од изјавената жалба“, стои во документот од надзорот. 

Јавните обвинители Лиле Стефанова и Елвин Вели во заклучоците за овој предмет напишале дека со откажувањето од жалбата обвинителот Цветановски не постапил професионално, стручно и законито и се впуштил во анализа на докази и постоење на умисла за сторување кривично дело. Но, тоа требало да го утврдува надлежен суд. Сепак, и за ова јавниот обвинител Џелал Бајрами сметал дека Јован Цветановски постапил согласно неговите надлежности. 

Последниот, четврти, случај кој бил контролиран повторно е на обвинителот кој е под бројот римско два - Јован Цветановски. Станува збор за точење алкохолни пијалаци на дете.

Судот во Неготино ги прогласил за виновни Ѓорѓи Лазов и Илија Вангелов и правното лице ДПТУ „С.О.С. обезбедување“ ДОО Неготино. Обвинетите биле незадоволни од пресудата, па поднеле жалба по што бил оформен предмет во ВЈО Скопје.

На 3 февруари 2023 година Апелацискиот суд во Скопје ја укинал пресудата и предметот го вратил на повторно судење. Јован Цветановски не се појавил на јавната расправа во Апелација, а претходно ВЈО Скопје оценило дека жалбите на обвинетите се неосновани.

На 8 мај 2023 година судот во Неготино донел нова пресуда во која обвинетите биле прогласени за виновни, по што тие повторно поднеле жалба.

„На 23.8.2023 година од страна на јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Јован Цветановски, до Апелацискиот суд Скопје е доставен писмен предлог КОЖ.бр. 1187/23 со кој се предлага жалбите на обвинетите да се одбијат како неосновани“, се наведува во извештајот од надзорот. 

Цветановски дополнително објаснил дека во повторното судење судот во Неготино постапил по насоките дадени од Апелација и биле отстранети сите констатирани повреди во првостепената постапка. Но, само неколку месеци подоцна Јован Цветановски се премислил.

„На расправа на 26.12.2023 година јавниот обвинител се откажува од обвинението. Од увидот во пресудата на Апелацискиот суд Скопје на расправата пред судот не бил изведен ниту еден нов доказ и со ништо не била променета фактичката состојба од моментот на давањето на предлогот“, стои во извештајот од надзорот.

На истиот ден, 26 декември 2023 година, Цветановски изготвил службена белешка дека се откажал од обвинение затоа што немало докази за делото.

За ваквиот начин на постапување, единствено мислење имаат сите тројца обвинители кои го вршеле надзорот, Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами, кој за претходните три случаи беше со став дека Цветановски постапувал законито. Сега и Бајрами сметал дека Цветановски постапил спротивно на правилата.

„Јавните обвинители Лиле Стефанова, Елвин Вели и Џелал Бајрами сметаат дека, имајќи ги предвид писмените предлози во двете постапки и ставовите искажани во нив, а во ситуација кога на главната расправа не се изведени нови докази, со откажувањето од обвинението јавниот обвинител не постапил професионално, стручно и законито“, нотирале тројцата обвинители во извештајот од надзорот.

Но, извештајот кој содржи 20 страници е потпишан само од обвинителите Лиле Стефанова и Елвин Вели. Џелал Бајрами не се потпишал на документот кој откако бил изработен му бил доставен на тогашниот државен обвинител Љупчо Коцевски.

Во прилог на извештајот има службена белешка од Бајрами, како и известување од петте службенички за начинот на кој Мустафа Хајрулахи им вршел притисок да заведуваат и распределуваат предмети во Вишото обвинителство додека бил шеф.