Press "Enter" to skip to content

Богоевски: Поставувам пример кој се надевам сите ќе го следат, етиката и моралот мора да се над желбата за функциите

Долгоочекуваната седница на Комисијата на мандатно имунитетни прашања, наместо со одземаење на мандатот на поранешниот премиер и бегалец во егзил, Никола Груевски, заврши со оставка на пратеникот и претседателот на Комисијата, Павле Богоевски.

Десетминутниот говор во кој Богоевски ја образложува својата оставка дојде по барањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ дневниот ред на Комисијата да се дополни со со нова точка, а тоа е прекршувањето на Етичкиот кодекс на пратениците од страна на Богоевски кој е претседател на Комисијата.

„Гласот за одземање на мандатот на Никола Груевски ќе биде мојот последен глас во ова Собрание. Оваа одлука ја донесов веднаш по скандалот, во моментите кога се самопријавував во полиција. Одлуката ја соопштувам сега, а не тогаш од две причини. Прво мене ми беше многу важно да учествувам до крај во реформата на разузнавачките служби бидејќи тоа е интерес што е многу близок до мене и до мојата душа. Втората причина е оваа седница. Чекав, целата јавност да види колку далеку ќе отидете во вашата дрскост и дека сето ова е хајка и за мерки и активности насочени кон заштита на вашиот премиер во бегство Никола Груевски. Но гласот на јавноста беше повеќе од очигледен. „Не може пратеник кој се борел за право иеднаквост на правото од било кави причини да ги крши законите. Не може. Затоа ќе поставам пример и се надевам дека сите ќе го следат. Етиката и моралот ќе бидат над желбата за функциите. И како што неколку пријатели и поранешни соборци на фејсбук напишаа – ќе си ја гушнам одговорноста и ќе си ги понесам последиците – моралните и етичките, но и правосудните. Никогаш не сум бегал од нив“ , рече Богоевски од говорницата.

Тој додаде дека повеќе не е прашање дали Павле Богоевски има легитимитет да ја води седницата и да биде пратеник, туку дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат барем трошка од етиката и моралот со кои „толку дрско се расфрлаа овие две недели и дали ќе го заштитат криминалецот во бегство Никола Груевски“.

„Да не се лажеме, ако во Собраниево нема место за човек кој прекршил закон за да купи масло од канабис за свое блиско болно лице, сигурно нема место за пратеник кој парите од граѓаните ги користи за да плати хотел додека е во бегство од македонската правда“, додаде Богоевски.

Барањето од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Комисијата за мандатно имунитетни прашања да увиди како Богоевски го прекршил Етичкиот кодекс и наштетил на угледот на пратеничката функција и на Собранието доаѓа откако на руска социјална мрежа пред околу две недели беше објавен снимен телефонски разговор во кој се слуша гласот на Богоевски како нарачува нелегална супстанца. Во јавноста се појавија шпекулации дека Богоевски нарачувал кокаин, но тој во соопштение преку својот фејсбук профил напиша дека нарачувал масло од канабис за негова блиска болна личност. Два дена по скандалот Богоевски случајот и за нарачката на канабисот, но и за нелегално снимање од таксист го пријави во полиција.

Богоевки на јавноста и стана познат по учеството во Шарената револуција, која се рашири најпрво низ скопските улици, а потоа и во другите градови на државата и придонесе за промена на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Како активист и борец за човекови права, Богоевски лесно стана едно од лицата на Шарената револуција.

Пред изборите во 2016 тој се најде на листата на пратеници на тогаш опозициската СДСМ. Вети дека никогаш нема да гласа по партиска директива, туку само по свои убедувања. Богоевски, заедно со неговата колешка Ивана Туфекџиќ требаше да бидат гласот на граѓаните во пратеничката група на СДСМ.

Изминативе две години, откако СДСМ е на власт, Богоевски од своите „соборци“ од Шарената револуција, но и од новинарите и јавноста беше критикуван дека неговите гласови во Собранието се махинални и секогаш во согласност со партиската политика, а не онака како што пред изборите им вети на граѓаните.

Најголемите критики на сметката на Богоевски дојдоа кога тој го поддржа Законот за амнестија на учесниците крвавото тепање на дел од пратнеиците на 27 април 2017 година.

ОСТАВКАТА НА БОГОЕВСКИ ПОДДРЖАНА ОД КОЛЕГИТЕ

Оставката на пратеникот Павле Богоевски ја поддржаа голем дел од неговите колеги пратеници. Координаторот на ДУИ, Артан Груби му посака среќа и рече дека се надева дека сите пратеници и функционери ќе ги почетуваат државните институции, а ако не го прават тоа од нив ќе биде побарана оставка.

Поддршка за Богоевски изрази и пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири.

„Павле другар, беше и остана симбол на борбата. Покажа и докажа дека пред се си човек и голем борец. Одржа лекција по демократија која вмровците и не само тие, немаат капацитет да ја научат“, пишува Зекири.

Премиерот Зоран Заев рече дека оставката на Богоевски е храба одлука и пример што значи понесување одговорнсот.

„Тој е одличен партеник и е еден од симболите на Шарената револуција, а најголемиот симбол се сите наши граѓани секако. Ќе ми биде задоволство да продолжам со таков човек да работам. Верувам, како и да одлучи да работи ќе ми биде драго да соработувам со него. Си ја сака земјата до небото, сака да се вгради во нејзиниот успех и верувам дека ќе најдеме начин за идни соработки“, рече Заев.

Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »