Press "Enter" to skip to content

Антонија Поповска: Цела кариера работам за децата, жалам и се извинувам поради несоодветните зборови

Новинарката Антонија Поповска до јавноста и до редакцијата на ИРЛ испрати извинување кое ви го пренесуваме во целост:

„ Почитувани,

При поставување прашање на денешната владина прес-конференција за новиот предлог-закон за основно образование, во делот кој се однесува на целосна инклузија на децата со попреченост во јавните училишта, искористив несоодветни зборови обидувајќи се да ја објаснам реалноста во училиштата. Дека темата е пречувствителна добро знам, со оглед на тоа дека во моето опкружување имам луѓе кои имаат деца со попреченост, добро знам низ каков пекол секојдневно минуваат и тие и нивните родители, поради што сметам дека треба внимателно, а не избрзано да се усвои решение кое ќе биде најдобро за сите деца кои се вклучени во образовниот процес.

Мојата намера се разбира дека не беше да ги навредам децата со попреченост, кои секако заслужуваат инклузивен образовен систем, туку професионално да прашам меѓудругото, дали при изготвувањето на ова законско решение се предвидени механизми на едукација на сите родители чии деца треба да учат заедно, бидејќи веќе има најави за искажување револт, што пак, може да преставува дополнителна траума за децата.

Во секој случај, сакам да се извинам поради оваа моја избрзана постапка. Во мојата досегашна долгогодишна новинарска професионална кариера, имам напишано многу текстови кои имале за цел да ги подобрат работите во училиштата, со акцент токму на правата на децата, кои за жал, многу често се колатерална штета од новините што властите ги усвојуваат.

Се надевам дека ќе го прифатат ова мое извинување сите оние кои ги повредив со несреќно избраните зборови.

Искрено,

Антонија Поповска“
Повеќе од АктуелноПовеќе теми во Актуелно »